За воскресението и вечниот живот

„Вистина, вистина ви велам, иде часот, и дошол веќе,
кога мртвите ќе го чујат гласот на Синот Божји,
и штом го чујат, ќе оживеат“.
(Јован 5, 25)

За Царството Божјо смртта не претставува граница. Со смртта на телото не настапува и смртта на душата. Умртвеноста на душата може да настапи поради смртните гревови, порано или подоцна, без оглед на телесната смрт. Тоа е духовната смрт на луѓето уште пред да умрат телесно.
Исус Христос дојде во светот за да го изгони древниот страв на луѓето од смртта. Но, дојде и нѐ предупреди за вечната смрт на оние што нема да се покајат и ќе продолжат да грешат.
Голем број на луѓе, за да го победат стравот над телесната смрт, прават огромни напори надевајќи се на помошта од овој свет. Ја искористуваат науката и технологијата со една единствена цел– за да би можеле да му обезбедат што подолг живот на своето тело. Но, сепак, не успеваат во тоа, затоа што забораваат на Оној кој е извор на животот.

„Јас сум воскресението и животот;
кој верува во Мене, и да умре, ќе живее.
И секој, што живее и верува во Мене,
нема да умре довека“.
                                                                (Јован 11, 25-26)

Господ Исус Христос, во светото Евангелие, повеќепати за себеси сведочи, дека Он е воскресението и вечниот живот. Неговите сведоштва не биле празни зборови, но вистинити и потврдени со дела.

ИСУС ХРИСТОС ГО ВОСКРЕСНУВА СИНОТ НА НАИНСКАТА ВДОВИЦА

„Потоа [Исус] отиде во градот наречен Наин;
и со Него одеа мнозина Негови ученици и многу народ.
А кога се приближи до градската порта,
ете, изнесуваа мртовец,
единствен син на мајка си,
а таа беше вдовица; и многу народ од градот одеше со неа.
Штом ја виде Господ, се сожали на неа, па ѝ рече:
„Не плачи!“ И кога се приближи, се допре до носилото;
носачите застанаа, а Он рече: „Момче, тебе ти велам, стани”!
Мртовецот стана и седна, и почна да зборува;
и Он го предаде на мајка му.
И страв ги опфати сите, и Го славеа Бога и велеа:
„Голем пророк се јави меѓу нас.”
И „Бог го посети Својот народ”.
И се разнесе овој глас за Него по цела Јудеја
и по целата околина.“
(Лука 7, 11-17)

Господ Исус Христос пристигнал со мноштво народ пред портите на градот, кога од него изнесувале тукушто починато младо момче. Жалоста била голема кај сите присутни, а таа жал уште повеќе ја зголемувале плачот и ридањето на мајката за единствениот син.
Силата на смртта ја надминува нашата моќ. Човекот пред неа ползи во нејзината сенка, а закопувајќи го мртовецот во земја чувствува дека закопува дел од себеси во гробната темнина.
Пред лицето на смртта немоќните не можеа да најдат утеха. Господ Исус Христос се сожалил над луѓето и особено над нажалената вдовица којашто што го изгубила и единствениот син.
„Не плачи!“, ја теши Господ нажалената мајка. Овие зборови звучат поинаку од тоа кога ги кажуваат другите. Овојпат, не излегле од оние кои не можат ништо повеќе да понудат на ожалостениот, ами од устата на Оној кој знае каде е душата на умрениот, од Оној кој под своја власт држи сѐ, вклучително и смртта.
Господ Исус Христос, Кој и самиот просолзи над умрениот Лазар (Јован 11,35) јасно е, дека не ѝ вели на жената „не плачи“ за да воопшто не се плаче за умрените. Знаеме дека ништо толку не го смирува човекот како плачењето. Во православната подвижничка пракса плачењето е едно од поглавните средства за очистување на душата, умот и срцето. Па така, покрај за умрените, корисно е да заплачеме и за себеси, за својата душа умртвувана од сопствените гревови.
Сепак, треба да се прави битна разлика во начинот на плачење како израз на жалењето. Апостолот Павле на Македонците – солуњани им порачува, да не жалат како оние што немаат надеж (1. Сол. 4, 13), бидејќи и безбожниците тагуваат и очајуваат за умрените како потполно да ги изгубиле. Христијаните треба да жалат и плачат над починатите со надеж и вера во милоста Божја. Да плачат и да се молат Бог на починатите да им ги про-сти гревовите и да им дарува вечен живот.
Токму затоа Бог ѝ вели на вдовицата да не плаче со очајнички, безнадежен плач. Христос не ѝ дава неутешна утеха, а ѝ вели: „Не плачи“, Јас сум тука!“ Пo што, се допре до носилото и му заповеда на момчето да стане.
Созданието го слуша својот Создател и се подигнува, слично кога беше создаван човекот од прав.
Не беа напразни зборовите „не плачи!“. Зборот и делото Христови се сообразни и ја даваат совршената утеха. Смртта пред лицето Божјо престанува да постои.
Бог, од љубов го подига своето создание и го предава на мајката. Го упатува од овој земен и привремен живот во вечниот. Насобраните кои го видоа чудото ги обзеде „страв“. Но не вообичаен, ами свештен, страв пред величието Божјо, страв што се претвора во славословие на Бога.

ВОСКРЕСЕНИЕТО НА ЛАЗАР

Беше, пак, болен некој си Лазар, од Витанија,
од селото на Марија и нејзината сестра Марта.
А Марија, чиј брат Лазар се разболе,
беше онаа, која Го помаза Господа
со миро и ги избриша нозете Негови со својата коса. 
Тогаш сестрите нарачаа по Него, велејќи:
„Господи, ете, оној што го милуваш, болен е.“ 
Штом чу Исус, рече: „Таа болест не е за умирање,
туку за слава Божја, за да се прослави Синот Божји преку неа.“
А Исус ги сакаше Марта, нејзината сестра, и Лазара. 
А кога чу дека е болен, тогаш остана два дена во местото,
каде што се наоѓаше.
Потоа им рече на учениците: „Да отидеме пак во Јудеја!“ 
Учениците Му рекоа: „Рави, сега сакаа да Те убијат со камења,
и пак ли таму ќе одиш?“
Исус одговори: „Нели дванаесет часови има во денот?
Кој оди дење, не се сопнува, зашто ја гледа светлината на овој свет;
а кој оди ноќе, се сопнува, оти нема светлина во него.“ 
Ова им го кажа, а потоа им рече:
„Лазар, пријателот наш, заспал; но ќе отидам да го разбудам.“
Тогаш учениците Негови рекоа: „Господи, ако заспал, ќе стане.“
Исус го рече тоа за смртта негова,
а тие мислеа дека говори за заспивање со сон. 
Тогаш рече Исус отворено: „Лазар умре. Но се радувам заради вас,
зашто не бев таму, та да поверувате – туку да отидеме при него.“
Тогаш Тома, наречен Близнак, им рече на учениците:
„Да отидеме и ние да умреме со него.“
Кога дојде Исус, најде, дека тој веќе четири дена е во гроб.
А Витанија беше близу до Ерусалим, околу петнаесет стадии;
и мнозина Јудејци беа дошле при Марта и Марија
да ги утешат за брата им. 
Кога чу Марта дека иде Исус, излезе пред Него;
а Марија седеше дома.
Тогаш Марта Му рече на Исуса:
„Господи, ако беше Ти овде, немаше да умре брат ми.
Но и сега знам што и да посакаш од Бога, Бог ќе ти даде.“
Исус ѝ рече: „Твојот брат ќе воскресне.“ 
Марта Му рече: „Знам дека ќе воскресне при воскресението,
во последниот ден.“ 
А Исус ѝ рече: „Јас сум воскресението и животот;
кој верува во Мене, и да умре, ќе живее.
И секој, што живее и верува во Мене, нема да умре довека.
Го веруваш ли тоа?“ 
Таа Му одговори: „Да, Господи, јас поверував дека си Ти Христос,
Синот Божји, што треба да дојде во светот.“ 
Штом го рече тоа, отиде
и ја повика сестра си Марија тајно, велејќи:
„Учителот е овде и те вика.“
Таа кога чу, стана бргу и отиде при Него; 
оти Исус уште не беше дошол во селото,
а стоеше, каде што Го беше дочекала Марта. 
Јудејците, што беа со неа дома и ја утешуваа,
кога видоа дека Марија стана бргу и излезе,
отидоа и тие по неа, мислејќи оти ќе оди на гробот да плаче.
А Марија, штом пристигна таму, каде што беше Исус
и кога Го виде, падна пред нозете Негови и рече: 
„Господи, да беше Ти овде, немаше да умре брат ми.“ 
Исус, пак, кога ја виде како плаче,
и Јудејците што беа дошле со неа како плачат,
се натажи со духот и се потресе, па рече: „Каде сте го положиле?”
Му рекоа: „Господи, дојди и види!“ Исус просолзи.
Тогаш Јудејците рекоа: „Гледај, колку го сакал.“ 
Некои од нив, пак, велеа: „Не можеше ли Овој,
што ги отвори очите на слепиот,
да направи и овој да не умре?“
А Исус, пак, се нажали во Себе и дојде до гробот;
тоа беше пештера и камен навален на неа.
И рече Исус: „Кренете го каменот!”
Марта, сестрата на умрениот, Му рече: „Господи,
мириса веќе; оти четири дена има откако е умрен.“
Исус ѝ рече: „Не ли ти реков, дека, ако веруваш,
ќе ја видиш славата Божја?“
Тогаш го дигнаа каменот, каде што лежеше умрениот.
А Исус ги подигна очите угоре и рече:
„Оче, Ти благодарам, оти Ме услиши.
Јас знаев дека Ти секогаш Ме услишуваш;
но ова го реков заради народов што стои наоколу,
за да поверуваат дека Ти си Ме пратил.“
Кога го рече ова, извика со висок глас:
„Лазаре, излези надвор!“
И излезе умрениот, завиткан во платно по рацете и нозете,
а лицето забрадено со крпа. Им рече Исус:
„Одвиткајте го и оставете го да оди!“
Тогаш мнозина од Јудејците, што беа дошле со Марија
и видоа што направи Исус, поверуваа во Него.
(Јован 11,1-45)

Смртната болест на Лазар не била последица на личниот грев и казна, но преку неа да се прослави Синот Божји. И ние, ако умираме со надеж во воскресение, умираме за да се прослави Бог, та во денот на сеопштото воскресение да воскреснеме со сите праведници за живот вечен во Царството Небесно.
За Христос, Лазар беше само заспан. За Бог, телесната смрт е како сон, бидејќи силата на смртта не е поголема од силата Божја. Смртта станува застрашувачка само ако ја посматраме надвор од Евангелската перспектива. Во Христовото евангелие смртната сила се соголува, таа е немоќна пред лицето на Живиот Бог. Смртта е поистоветена со сон, а човекот со верата во воскресението се ослободува од стравот, се издигнува над смртта и се подготвува за вечноста.
За разлика од претходниот настан, за воскресението на синот на вдовицата од Наин, којшто скоро бил починат, при случајот со Лазара била констатирана повеќедневна смрт. Телото било положено во гроб којшто бил запечатен, слично како и гробот на Христовото погребение. И миризбата била знак на смртното распаѓање. Па, јасно било дека Лазар не спиел, ниту бил во некоја безсвесна состојба, ниту пак, во некаква клиничка смрт. Лазар умрел и бил погребан.
Марта, сестрата негова, кога го пресретнала Исуса му се обратила: „Господи, ако беше Ти овде, немаше да умре брат ми. Но и сега знам што и да посакаш од Бога, Бог ќе ти даде“. Исус ѝ рече: „Твојот брат ќе воскресне.“ Марта, пред фактот на умрениот брат, иако во еден момент пројавила слабост и безнадежност, веќе во следниот, со помошта на Христа, ја исповеда верата во воскресението од мртвите.
Кога ќе натежнат искушенијата и проблемите, неретко и кај нас се манифестира маловерието и безнадежноста. Човечката слабост излегува над површината. Но, треба да се отрезниме што побрзо и да ја повратиме непоколебливата вера и надеж во Бог.
Христовите ученици знаеле за сеопштото воскресение кое ќе се случи при второто Христово доаѓање, кога Тој ќе биде Судија. „Знам дека ќе воскресне при воскресението, во последниот ден“ – Му рече Марта на Исуса. И ние, потребно е да ја имаме верата во сеопштото воскресение, и во ниеден случај, при никакво искушение, да не ја занемариме Божјата промисла и да не ја изгубиме надежта во воскресението од мртвите.

„Јас сум воскресението и животот;
кој верува во Мене, и да умре, ќе живее.
И секој, што живее и верува во Мене,
нема да умре довека. Го веруваш ли тоа?“
Марта Му одговори: „Да, Господи,
јас поверував дека си Ти Христос, Синот Божји,
што треба да дојде во светов.“

окму овие Христови зборови треба да ги имаме на ум и да ги чуваме во срцето при секое искушение и тага. Исус Христос е победител над смртта, Он е воскресение и живот. Он ја прашал Марта дали верува во тоа, за да и насобраниот народ се увери во нејзината вера: „Да, Господи, јас поверував дека си Ти Христос, Синот Божји, што треба да дојде во светот.“
Кој ќе живее во овој свет со верата во Спасителот Христос ја обесмртува смртта уште за време на земскиот живот и нема духовно да умре. Искуството и чувството на бесмртност го имаат луѓето што живеат според Божјите заповеди.
Совршен пример за љубовта кон Христа и Евангелието ни се светите маченици, кои со радост ги примиле измачувањата, страдањата и погубувањето на телата, а мачителите не можеле да им ја убијат душата. Онаму каде што постои евангелска праведност, смртта ја изгубила својата сила, и всушност, не постои.
Сепак, присуството на смртта во историското време е потресно за секого. Кога Исус ја виде Марија и Јудејците што беа дошле заедно да плачат над умрениот, се натажи и се потресе. Исус просолзи, но без очајнички плач, а од сострадалност и човекољубивост.
Лазар веќе 4 дена бил умрен, а за да се отклони секој сомнеж, дека можеби Лазар бил во некаква клиничка смрт и да се побие Божјото чудо, Исус намерно задоцнил.
Мирисот на смртното Лазарево тело ја претставува смрдеата на гревот човеков. А онаму каде што е Бог и праведноста, таму е благиот мирис. Божјото милосрдие може да го прости гревот и да исчезне смрдеата. Затоа моштите на светителите имаат благ и пријатен мирис. Оти го возљубиле Бога, па благодатта Божја останала врз нив и ги исполнила нивните телесни коски и остатоци.
Христос заповедал да се тргне каменот од гробната врата на Лазаревиот гроб. Он, со оваа заповед ги охрабрува и им дава надеж на насобраните. Јавно Му се моли и се заблагодарува на Бог – Отецот, за да поверуваат дека од Него е испратен.
Христос со овој пример нѐ поучува дека без молитва кон Бога ништо не можеме да направиме. Затоа, пред да започнеме било каква работа, најдобро е да се помолиме на Бога за помош и благослов. На крајот, по завршената работа и да Му заблагодариме.
Спасителот му заповедал на Лазар да излезе од гробот! Лазар излегол и започнал да оди. Смртта нема веќе власт над неговото тело.
Чудото на Лазаревото воскресение се случило само една седмица пред воскресението Христово, за да народот се увери дека Исус е испратениот Син Божји кој што ја има власта над смртта.
Лазаревото воскресение било предвестување на Христовото воскресение, a и уверување во сеопштото воскресение од мртвите во последниот ден.

ХРИСТОВОТО ВОСКРЕСЕНИЕ ОД МРТВИТЕ

Кога измина саботата, на осамнување,
во првиот ден на седмицата, дојдоа Марија
Магдалина и другата Марија да го видат гробот.
И ете, стана голем потрес: ангел Господов
слезе од небото, пристапи, го отстрани каменот
од гробната врата и седна на него;
лицето му беше како молња, а алиштата – бели како снег;
а стражарите, уплашени од него,
трепереа и беа како мртви.
Ангелот се обрна кон жените и им рече:
„Не бојте се; знам дека Го барате Исуса распнатиот;
не е овде, воскресна, како што беше рекол;
дојдете и видете го местото, каде што лежел Господ,
па отидете бргу и кажете им на учениците Негови,
дека Он воскресна од мртвите.
И ете, ќе отиде пред вас во Галилеја;
таму ќе Го видите. Ете, ви кажав.“
И како излегоа брзо од гробот,
тие со страв и голема радост отрчаа
да им соопштат на учениците Негови.
Кога одеа да им јават на Неговите ученици,
Исус ги пресретна и рече: „Радувајте се!“
А тие се приближија, ги опфатија нозете Негови
и Му се поклонија.
Тогаш Исус им кажа: „Не бојте се;
одете и соопштете им на браќата Мои,
да отидат во Галилеја, и таму ќе Ме видат.“
…А единаесетте ученици отидоа во Галилеја,
на гората, каде што им беше заповедал Исус;
па, штом Го видоа, му се поклонија;
а некои се посомневаа.
А Исус, кога пристапи, проговори и рече:
„Ми се даде секаква власт на небото и на земјата.
Одете и научете ги сите народи, крштевајќи ги во името
на Отецот, и Синот, и Светиот Дух,
и учејќи ги да пазат сѐ што сум ви заповедал,
и ете, Јас сум со вас преку сите дни
до крајот на светот.“ Амин!
(Матеј 28,1-10,16-20)


Спасителот за време на неговата тригодишна проповед на земјата, постојано им говорел и ги подготвувал учениците за своето страдание, за крсната смрт по којашто на третиот ден и ќе воскресне. Тоа и се исполнило. Христос се предаде на добротворната и животворна смрт. Ги рашири рацете на Крстот и го прикова гревот на целиот свет. Умирајќи, слезе во длабочините на адот за да го разруши и ја уништи смртната сила. Смртта и распаѓањето не можеше да го задржи во себе Началникот на животот. Христос се издигна од адот, и повторно, со душата влезе во Своето пренепорочно Тело и воскресна од мртвите.
Митрополитот Петар вели: „Со Христовата смрт и Него-вото Воскресение, сите последици од Падот се надминати: како духовната (загубата на Божјата благодат), така и физичката смрт“. Она што го пеат христијаните во Велигденската песна, „Христос воскресе“, буквално го доживувааат.

„Христос воскресна од мртвите,
со смртта, смртта ја победи
и на оние во гробовите
живот им дарува“.

Што направи Господ за нас со Своето Воскресение? Што му даде на човечкиот род победувајќи ги нашите најголеми непријатели – смртта, ѓаволот и гревот?
Христос, со воскресението стана првороден од мртвите, овозможувајќи ни ги и нам, воскресението и животот вечен. „И како што по Адама сите умираат, така и во Христа сите ќе оживеат“ (1. Кор. 15, 22–23). Секој по својот ред. Прв е Христос, а потоа, при Неговото доаѓање, ќе воскреснат сите што се Христови.
Ако нема Воскресение и живот вечен, која е смислата на нашето постоење на земјата? Но, Христос воскресна и нема пак да умира, смртта е победена, и преку Неговото воскресение, целото човештво е подложно на идното, сѐопшто воскресение.
Човечката природа е една, и Словото Божјо – Христос, токму затоа се вочовечи, за да ја понесе и изведе од смртта и трулежноста.
Оние кои ќе го примат Христовиот дар на спасението, ќе воскреснат за живот вечен, додека, пак, оние што ќе го одбијат, ќе воскреснат за вечно проклетство (Јован 5, 29).
Само во Христа Воскреснатиот животот има цел и исполнување. Преку Него, секој од нас ја има можноста да го обнови паднатиот образ, да го стекне богоподобието и да се обожи. Ова значи, да го стекнеме Светиот Дух, да се вратиме во рајот и да го наследиме вечниот живот.

СВЕТИОТ АПОСТОЛ ПАВЛЕ ЗА ВОСКРЕСЕНИЕТО ОД МРТВИТЕ

И кога за Христа се проповеда дека воскреснал
од мртвите, како тогаш некои помеѓу вас велат
дека немало воскресение на мртвите?
А штом нема воскресение на мртвите, тогаш и
Христос не воскреснал;
ако, пак, Христос не воскреснал, тогаш
празна е нашата проповед, празна е и вашата вера.
При тоа, ако навистина мртвите не воскреснуваат,
ние излегуваме како лажни сведоци Божји,
бидејќи сведочевме за Бога дека Го воскреснал;
оти, ако мртвите не воскреснуваат,
и Христос не воскреснал;
ако, пак, Христос не воскреснал,
суетна е верата ваша; вие сте уште во своите гревови;
тогаш и оние, што умреле за Христа, загинале.
И, ако само во овој живот се надеваме на Христа,
тогаш сме ние најбедни од сите луѓе.
Но, ете, Христос воскресна од мртвите
и со тоа стана првина за умрените.
Бидејќи смртта дојде преку човекот,
така и воскресението од мртвите стана преку човек.
И како што по Адама сите умираат, така
и во Христа сите ќе оживеат;
но, секој по својот ред: прв е Христос;
потоа, при Неговото доаѓање, ќе воскреснат
сите што се Христови.
А потоа ќе биде крајот, кога ќе Му го предаде
на Бога и Отецот царството,
односно кога ќе уништи секое началство,
секоја власт и сила.
(1 Кор. 15, 12-24)

Темелот на надежта во нашето воскресение е Воскресе-нието Христово. Христос е Бог, но и човек. Воскреснал, та затоа и ние ќе со–воскреснеме. Штом станало првото, ќе стане и второто. А ако не веруваме дека ќе се случи второто, ние одбиваме дека се случило и првото.
Христовите апостоли и ученици биле очевидци и сведоци на Воскреснатиот Христос. Во Воскреснатиот Христос вос-кресенијата пред Неговото славно Воскресение се сигурна потврда и дополнително сведоштво, дека благата вест за Воскресението од мртвите не е измама, ниту лага. Мноштво народ ја посведочил воскресенската сила на Господа, а на Апостолите и оние што Бог посакал им било дадено и тие мртви да воскреснуваат.
Многу луѓе, иако изјавуваат дека веруваат во Бог, се молат, го читаат Светото Писмо и ги посетуваат црковните богослуже-нија, сепак, заради приврзаноста кон светот ги очекуваат само добрините во овој свет. Поради тоа, лесно и брзо им се случува да бидат потиснати од световните искушенија, па да ја загубат надежта и да паднат во очајание.
Голем е бројот на луѓето кои се именуваат христијани, ама значително помал број од нив нелицемерно го исповедаат символот на верата, и сообразно на последниот параграф жи-веат: чекајќи го воскресението од мртвите и животот во идниот век.
Не можеме да веруваме во Бога, а да не веруваме во Неговото воскресение и Општото воскресение од мртвите при второто Христово доаѓање. Или веруваш или, пак, не веруваш. Не е можно да се верува во нешто, а истовремено во истото да се има сомнеж.
Христовото воскресение е залог и активирање на процесот на општото воскресение. Како што сите луѓе по Адамовиот грев мораат да умрат, така и по Христовото воскресение, во последниот ден, сите ќе мораат да воскреснат.
Последниот ден е денот на сеопштото воскресение, кога Христос по неговите зборови ќе му суди на светот, над сите земнородни коишто ќе воскреснат од мртвите:

Вистина, вистина ви зборувам: Иде часот
и веќе е дојден, кога мртвите ќе го чујат
гласот на Синот Божји, и тие што ќе го чујат,
ќе оживеат.
Зашто, како што Отецот има живот во Себе,
така Му даде и на Синот да има живот во Себе;
и Му даде власт и да суди, зашто Он е Синот Човечки.
Не чудете се на ова, зашто иде часот кога сите,
кои се во гробовите, ќе го чујат гласот
на Синот Божји, и ќе излезат:
кои правеле добро – ќе воскреснат за живот,
а кои правеле зло, ќе воскреснат за осудување.
                                                                                 (Јован 5, 25-29)

ВОСКРЕСЕНИЕТО НА ТЕЛОТО

Зошто на Бог Му е важно воскресението на телото коешто своевремено се растворило во земјата и се вратило назад во таинствениот циклус на природата? Зар ќе воскреснат сите коски и врз нив ќе се образуваат жили и месо покриени со кожа? Зошто би ни било телото во оној, одандестран живот? Зар не е посфатливо и поверојатно тврдењето на одредени мислители, дека добрата страна на смртта е распаѓањето на телото коешто нѐ ослободува од зависноста на физичкото и телесното?
Според православната антропологија, Словото Божјо – Христос, е архетип на човекот, негов почеток и крај. Oн, по предвечниот Совет на Пресвета Троица, по благоволение на Отецот и содејство на Светиот Дух, го создава човекот според Својот образ и подобие. Сѐ што создаде Божествениот Логос беше добро и без грешка. Создадениот човек во својот природен состав е единствен, неразделен унитарен организам. Па затоа, човекот е цел и потполн кога душата живее во телото.
Нашиот првообраз Христос, во исполнувањето на Домостројот на нашето спасение, по Своето воскресение ни покажа дека неговото тело било истото што пострадало и воскреснало. Светиот Јован Дамаскин вели: „Воскреснатиот Господ не отфрлил ниту еден дел од Својата природа – ниту телото – ниту душата, туку имал и тело и душа, и тоа со ум и разум, со волја и енергија, и таков се вознел на небото и седнал од десната страна на Отецот“. Значи, воскресението е соединување на душата и телото, односно обновувањето на разрушеното единството на природата.
Православното христијанство емпириски го разбира местото и улогата на телото во човековиот живот. Душата без телото е бездејствена и неподвижна, и само преку телото таа може да се изрази и дејствува. Преку телото, неслучајно свое воплотување наоѓа љубовта – највисоката форма на заедничарењето и општењето. Затоа, во ниеден случај телото не е затвор за душата, ами нејзина слобода. Губејќи го телото, одделената душа ја губи севкупноста на животот, и макар што не исчезнува, таа пребива како во состојбата на сон и успение.
Христијаската сотирологија говори за обновување на телото душевно преку воскресението на телото духовно, какво што е телото Господово по Воскресението, коешто минувало низ затворени врати, не чувствувало замор, потреба од спиење, јадење и пиење.
Ова преобразување, сообразно на славното воскреснато тело Господово, не подразбира трансформација во сосема различна форма, ами премин од пропадливост во нераспадливост.

Така е и со воскресението на мртвите:
се сее за распаѓање – воскреснува во нераспаѓање
се сее во бесчестие – воскреснува во слава
се сее во немоќ – воскреснува во сила
се сее тело душевно – воскреснува тело духовно.
                                                                                   (1 Коринтјаните 15, 42-44)

ЗАКЛУЧОК

Х ристовото Воскресение е догма на нашата вера. Мит- рополитот Петар вели: „Тоа е Силата што го победи светот и покрај најсуровите прогонства против христијаните“.
Човекот сé уште умира, но силата на смртта е укината. Силата на воскресението е дадена врз целата човечка природа.
Господ, секое човечко битие го претвори во бесмртник. Па затоа, христијанинот треба да е оној што секојдневно совоскреснува со Господ и живее како воскреснат од гробот.
“Христос воскресна и ние во нов живот одиме“ – ни вели светиот апостол Павле. Клетвата на смртта е укината. Иако и понатаму умираме, во смртта не остануваме. А ако по смртта, човекот воскреснува, тогаш смртта не е смрт ами заспивање.
Воскресенската радост треба да ни е постојана, затоа што рајот во Христа се обнови. Воскреснатиот Христос, на сите Свои следбеници вечниот живот им го подари.
Ако сме Христијани тогаш со Христа сме сраснати – во еднаква смрт и подобно воскресение. Да останеме учесници во литургиската тајна, да Го спомнуваме и да се причестуваме со Распнатиот и Воскреснатиот Христос, Кој ни вели:

„Кој го јаде Моето Tело и ја пие Мојата Kрв,
има живот вечен и Јас ќе го воскреснам
во последниот ден.“ Амин!
(Јован 6, 54)

Преземи и испечати ja верзијата за печат