Светоста на родителите е најдоброто воспитување во Господа

2620

Во личноста на децата да Го гледаме Бога и да им ја дадеме Божјата љубов. Треба и децата да научат да се молат. За да се молат, децата треба да имаат крв од родители што се молат. За ова некои грешат кога велат: „Штом родителите се молат и се благочестиви и го читаат Светото Писмо, тогаш и децата ги воспитале во „науката Господова“, па во тој случај и децата ќе бидат добри“.  Меѓутоа, факт е дека гледаме спротивни резултати поради вршењето притисок.

Не е доволно родителите да се набожни, и не треба да им вршат притисок на децата, сакајќи со сила да ги направат добри. Постои можност да ги избркаме децата од Христа доколку принципите на верата ги применуваме егоистички. Децата не сакаат притисок. Не ги принудувајте да одат со вас во црква. Можете вака да кажете: „Кој сака, може сега да дојде со мене или нека дојде подоцна“. Оставете во нивните души да проговори Бог.

Притисокот што им го вршат „добрите“ родители на своите деца е причина што тие, кога ќе пораснат стануваат нескротливи и ја напуштаат Црквата и напуштаат сé друго, па прибегнуваат на други страни за да се задоволат. Така наречени „благочестиви“ родители, кои се грижеле своите деца да ги направат „добри христијани“ , преку таа човечка љубов всушност им направиле притисок, па резултатот бил спротивен. Значи, додека децата се мали се учат, а кога ќе наполнат шеснаесет, седумнаесет или осумнаесет години не им се прави притисик оти се случува контраефект. Револтирани, тие почнуваат да се дружат со лоши друштва и да зборуваат недолично. А, ако се развиваат во слобода, гледајќи го истовремено добриот пример на возрасните, тогаш се радуваме кога ги гледаме.

Тајната се состои во тоа да бидеш добар, свет, за да бидеш инспиративен и да зрачиш. Врз животот на децата влијае зрачењето на родителите. Ако родителите упорно настојуваат, говорејќи: „Ајде да се исповедаш, ајде да се причестиш, ајде направи го ова или она…“, тогаш ништо не бива. Детето те гледа тебе и она што ти го живееш и зрачиш наоколу. Дали Христос зрачи во тебе? Ако е така, тогаш тоа преминува кај твоето дете. Во тоа се состои тајната. Ако се постапува така додека детето е мало, тогаш кога ќе порасне нема да има потреба многу да се мачи. Токму во врска со ова прашање мудриот Соломон употребува една преубава слика, нагласувајќи го значењето што го има добриот почеток, добриот темел. Тој на едно место вели: „Кој ја бара од рано утро, нема да се измачува, зашто ќе ја најде како седи пред неговата врата“ (Мудрост Соломонова 6,14). „Од рано утро“ значи дека од млада возраст се трудиш да ја имаш мудроста. Мудроста е Христос. Зборот „пред вратата“ значи „се наоѓа блиску“.

Кога родителите се свети и го воспитуваат детето во Господа, тогаш тоа какви лоши влијанија и да има од околината, нема да му влијааат, бидејќи пред неговата врата ќе се наоѓа Мудроста – Христос. Нема да се мачи за да ја стекне.

Изгледа дека е многу тешко да станеш добар, но всушност е многу лесно доколку животот се почне со добри духовни доживувња. Потоа во текот на растењето не е потребен напор, затоа што тоа го имаш внатре во себе и тоа е твојот живот. Не се мачиш, го имаш тоа доживено, тоа е твоја сопственост, којашто ја одржуваш во текот на целиот свој живот доколку си внимателен.

 Извор: Вистина, Гласник на Преспанско – пелагониската епархија, 85, Битола, 2015

Previous articleThe love for Christ is love for all, for the neighbor and for the enemies
Next articleThe spiritual man wants...