Богородичен Пост

2255

Богородичниот пост е еден од четирите многудневни периоди на молитва и воздржание во текот на годината. Во овие две посни недели (14-ти до 28-ми Август) Црквата молитвено се подготвува за празнувањето на Преображение Господово и Успението на Пресвета Богородица.

На првиот ден од постот во храмовите се прави водосвет, а од 14-ти до 27-ми Август на вечерните служби се отслужува Богородичен молебен канон.

Богородичниот пост потекнува од античко време. Свети Лав Велики зборува за празникот: Црковните пости се така распоредени во текот на годината, каде за секое време е припишан посебен закон за воздржание. Така за пролетта е пролетниот пост –  во Четириесетница за летото е летниот – по Педесетница (Петров Пост), за есента е есенскиот – во седмиот месец (на Богородица), а за зимата е зимскиот (На Рождеството).

Свети Симеон Солунски пишува:

„Постот во Август е основан во чест на Мајката Божја. Таа која се подвизувала и постела за нас, иако немала потреба од тоа бидејќи била света и непорочна. Таа за нас молела и кога се подготвувала да премине од тукашниот во тамошниот живот, и кога нејзината блажена душа требало да се соедини со Божествениот дух на Нејзиниот син. Затоа и ние сме должни да постиме со тоа што ќе ја поддржиме нејзе и нејзините молитви. Некои впрочем велат дека овој пост бил основан по повод двата празници – Преображение и Успение. Јас исто така сметам дека е потребно да ги спомнеме овие два големи Празници, едниот од нив кој ни дава просветлување а, другиот успокојување.

За остатокот од светот празникот Успение е еден од најнеобичните: за нив е невозможно да се слави смртта?! Не смртта туку заспивањето на Пресветата Мајка е тоа што го слават христијаните. Бидејќи после смртта и Воскресението на нашиот Спасител христијанинот веќе не се плаши од смртта, знаејќи дека веќе е избавен од неа. За мене животот е Христос а смртта придобивка. Радувајте се секогаш во Господа и пак ќе речам радувајте се.

Затоа на денот на Успение на Мајката Божја Црквата напомнува: Во Успението не си го оставила светот, Богородице … и со своите молитви ги избавуваш од смрт нашите души“.

Како и кај секој православен пост, така и за време на Богородичниот пост се стремиме кон целосна духовна восредоточеност и се вежбаме свесно на добродетелен живот избегнувајќи ги гласните прослави и забавувања, расправиите, сетилните склоности и пороци…

Телесното самоограничување (воздржувaње) за време на постот се состои главно во избегнување на голема количина вкусна и слатка храна од животинско потекло. Според строгоста на воздржување, Богородичниот пост е полесен од Великиот (Велигденскиот) пост, но построг од Петровденскиот и Божикните пости.

Во текот на постот во понеделник, среда и петок Црквата препорачува да се јадат само суви плодови и посни производи и неготвена храна. Во Вторник и Четврток се благословува храна подготвена (вариво) без масло, а во Сабота и Недела се дозволува храна подготвена со растително масло и вино. За празникот Преображение Господово на трпезата се благословува и риба. Ако Успението Богородично се падне во среда или петок, е посна со благослов да се јаде риба.

 Превземено од: http://www.pravoslavieto.com

Превел и подготвил: Јован Атески

Previous article10-та Недела по Педесетница – Архиерејска Литургија во црквата Свети Никола во Перт
Next articleYou’re free when you fight