Божикно интервју со митрополитот г. Петар

1920
За Македонската Информативна Агенција МИА 

Македонската православна црква, Охридска архиепископија на пригоден начин, со Света архијерејска Златоустова литургија и со промоција на авторската книга „Духовната доктрина на Св. Климент Охридски“ ја одбележа 35. годишнината од денот кога во 1981 година за владика беше хиротонисан г. Петар.

Митрополитот (Јован Каревски) г. Петар припаѓа на втората генерација македонски владици, а за архијереј на преспанско-пелагониската епархија е избран по смртта на првиот архиереј на таа епархија, г. Климент.

МИА:Неодамна одбележавте 35 години архијерејско служење во МПЦ-ОА. Притоа спомнавте бројни искушенија што, сепак, сте ги понеле со радост, а не со страдание. Како гледате на изминатите три и пол децении служба, лично за Вас, за МПЦ-ОА, за верниците во Македонија, дали работите одат на подобро или не?

Митрополит г. Петар: Моето доаѓање за архијереј на преспанско-пелагониската епархија е совпаѓање по божја промисла бидејќи јас овдовувам за мојата покојна сопруга која почина на 29 годишна возраст на 1 јануари 1979 година, а ден потоа почина Митрополитот на оваа епархија г.Климент кој беше првиот востоличен архијереј на преспанско пелагониската епархија. За архијереј бев избран во 1981 година, за владика сум хиротонисан на 14 јуни, а на 15 јуни бев интронизиран, востоличен во тронот на Соборната црква на оваа епархија и сум втор надлежен митрополит. Епархијата ја затекнав во тешка состојба од аспект на тоа што една голема генерација, 25 свештеници беа заминати во пензија, набрзо заминаа уште 5 свештеници во пензија и јас почнав со 90 насто младо свештенство. Разликата на годините, барањата на постарите предизвикаа отпори, желби за задржување на одредени позиции и разни црковни разместувања кои во тој период беа искушенија, требаше како проблем да се решат. Некои од проблемите ги мотивираше тогашната власт, но ние помладите архијереи од тоа време заедно со Тимотеј и денешниот епископ Стефан, не се согласувавме со тогашната власт, се спротивставувавме, и издржавме на сите притисоци и закани врз црквата, кои навистина беа искушение. Ние сакавме да биде правично, да не отстапуваме од принципите на Црквата, на Евангелието, на Светото писмо и Светото предание. Штитејќи ја црквата, всушност ние ги заштитувавме верниците, бидејќи Црквата е жив организам кој се раководи од црковните закони и канони и неа ја сочинуваат верниците, свештенството и монаштвото собрани околу својот владика, секогаш подготвен за искушенија.

 

МИА: Можеби старо-ново искушение е и спорот со Српската православна црква-СПЦ за кој како да има одредено затишје. Во изминатиот период имаше некои добронамерни чекори од претставници на Руската православна црква. Дали има некакви контакти во меѓувреме, понудена помош од други православни цркви, или ситуацијата е статус кво?

Митрополит г. Петар: Проблемот со СПЦ е наметнат проблем. Тоа е проблем кој можел да биде разрешен многу едноставно доколку во тогашната југословенска политика не влијаело прашањето за тоа како народите политички да се ориентираат. За жал, политичките проблеми често одат заедно со црковните, и во таа смисла поделбите на Македонија, или ситуацијата кога еден народ бил расчеречен и политички поделен, аналогно на политичката, следувала црковна поделба. Но, да потсетам. На првиот свештенички собор што се одржа на 21 октомври 1943 година во Издеглавје, свештеничкото поверенство донесе одлука дека на територијата на слободна Македонија ќе функционира македонска православна црква, јазикот ќе биде богослужбен црковно словенски и македонски, со што биле поставени основите за тоа како ќе функционира нашата црква. Веднаш потоа на црковно народниот собор што се одржал во Офицерскиот дом во Скопје во 1946 година, а на кој присуствувал и Методија Андонов-Ченто, поставена е основата за функционирање на МПЦ, и доколку не биле силни притисоците на југословенската политика, македонското прашање ќе било решено веднаш, но тогаш било посочено дека тоа прашање не смее да се решава надвор од Југославија. Нашето прашање можеше да се реши едноставно ако не се врзуваше со политичките збиднувања кои го создадоа овој проблем. Со распадот на Југославија и со прогласувањето на независност на Република Македонија како суверена држава, овој проблем прво стана проблем за грците, а потоа и за србите. Инаку, Српската православна црква во еден период скоро и да беше согласна да се надмине тоа прашање, но кај нив се случи, и има едно влијание, од еден добар дел од интелегенцијата на СПЦ кои студираа во Грција, тие попримија многу од грчкото влијание во врска со македонското прашање, и почнаа да имаат поинаков однос кон нас, за разлика од постарите архијереји кои не беа оптоварени со грчкото влијание и пропаганда. Тоа што сега србите одработуваат е одработување за грците, што значи политичко прашање од кое се надеваат дека можеби и ќе се офајдат ако дојде до распаѓање на нашата држава. Мислам дека тие нешта веќе се надминати и дека недоразбирањата ќе се решат. Инаку, Руската православна црква кон нас има симпатии и тоа е вистината.

 МИА:  Државата веќе подолг период е во политичка криза која кулминира со отворена нетрпеливост меѓу политичарите и луѓето. Имавме избори и кампања среде Божикни пости. Може ли црквата да биде смирувачки елемент, барем меѓу верниот народ?

Митрополит г. Петар: Не само да може – туку треба. Таа е должна тоа да го прави бидејќи црквата не е надвор од народот. Народот во едно општество како што е нашето, и со некои нови анкети потврди дека дава поддршка и има доверба во црквата. Настрана од тоа како некои од нас архијерејите се однесуваат по тие прашања, правилно или неправилно, народот знае дека црквата мора и е должна правилно да се однесува, а тоа што некои од нас архијерејите не се однесуваме како што треба или сме неодговорни или што ние бркаме повеќе политика отколку што си ја вршиме нашата пастирска мисионерска служба, тоа е друго прашање. Ние мора секогаш смирувачки да настапуваме. Ние сме должни да го говориме тоа што е принцип на нашата вера а тоа се Светото писмо, Светото предание и учењето на светите отци и не смееме да отстапиме од тие принципи. Ако не отстапиме од тие принципи тогаш ние можеме секогаш да влијаеме врз секоја политичка ситуација без заземање страна. Недоразбирањата меѓу одделни политички партии значат дека секој треба да се преиспита и направи споредба дали се постапува согласно учењето со нашата православна вера и ако ништо друго, да признаете дека правите грешки, што со други зборови значи дека ако некој направил грешки, христијански е да каже дека направил грешка, да посочи и ја поправи за да не ја повтори, а ако се оди од позиција дека се ви е дозволено и газите преку принципите на светлоста на црквата, и дека вие и само вие сте во право, а другиот виновникот, тогаш и мало дете ќе препознае кој е во право.

МИА:Во период сме на празнично православно чествување. Вечер е Бадник, утре Рождестовото Христово – Божик, кога семејствата треба да се собираат и во домовите и во храмовите. Забележувате ли тенденција кај луѓето при одбележувањето наместо црковно-православните да доминираат некои фолклорни и обичајни елементи, па дури и паганство и идолопоклонство? Се случува, Световната Нова година во модерно време да се слави предоминантно, а не е ретко неразумно однесување и невоздржување, прекумерно јадење и пиење, иако е период на Божикниот пост.

Митрополит г.Петар: Ние сме против тоа што некои нешто неконтролирно прават во врска со извесни обреди. На пример огновите мора да бидат оцрковени, мора да им дадеме верски, црковен белег и согласно учењето на црквата. Огнот треба да се разбере како домашно огниште околу кое се собира семејството. Што е Бадник!? Тоа е бдеење. Што е бдеење!? Тоа е очекување за нешто да се случи. Што очекуваме на Бадник? Го очекуваме раѓањето на богомладенецот. Во таква ситуација треба да се подготвиме за тој настан, а тоа ќе го направиме со пеење на црковни песни. Многу добар е примерот во Битола кога децата со импровизирана пештера во рака и иконата на Христа богомладенецот посетуваат разни домови и пејат за рождеството христово, тропарот на раѓањето, што значи станува збор за целосно црковен обред и ние се застапуваме за тоа, а не за тоа да се јаде месо, да се пие ракија и тн. На огновите треба да има костени, да се послужува чај бидејќи тоа е строг пост и треба да се јадат јаболка и круши, и да не се пејат неморални песни.

МИА: Во овој период од годината најчесто се слушаат предлози и нашата црква да го прифати славењето на празниците според новиот Грегоријански календар. Како гледате на овие појави и предлози?

Митрополит г. Петар: Календарот не е догма. Календарот е донесен на вселенски собор и православната црква служи според Јулијанскиот календар. Ова прашање може да го смени само вселенскиот собор. Јулијанскиот календар денес го применуваат најбројната, руската црква која според бројноста го има најголемото мнозинство во православниот свет, потоа српската, македонската црква, а некои цркви за да не се случуваат поделби во народот ги применуваат и двата календари. Такви се примерите во романската црква, бугарската и црквата во Полска. Но што е важно, карактеристично за оваа појава и треба да го знаат сите! Една од црквите, а тоа е најстарата, Ерусалимската црква која во 1925 година го промени календарот, во истата година по прифаќањето на новиот календар им се случи најнеочекуваното – неизлезе благодетниот оган во гробот Христов кој без свеќи влегува за да ги запали свеќите како што тоа вообичаено се случувало. Едноставно со новиот календар не се запалија свеќите и тие веднаш сватија дека причината за тоа е смената на календарот, и дека токму затоа господ не им го испратил благодетниот оган. Веднаш потоа Ерусалимската црква се откажа од смената на календарот, и од тогаш, и денес, повторно го применува Јулијанскиот календар. Тоа е најголемиот доказ дека календарот не треба да се менува се додека тоа не се случи на вселенски собор кога тоа сите ќе го направат. И, уште нешто, менувањето на календарот, недајбоже ќе биде повод и причина за нова поделба на нашата црква, на нашата вера и на нашиот народ, и тоа не смее да се случи, освен ако тоа не е одлука која ќе важи за целата Планета.

МИА: За крај на ова интервју, која е Вашата – Божикна порака

Митрополит г. Петар: Ако синот Божји станал син човечки раѓајќи се во пештера, а не во некоја огромна палата, положен во јасли каде се создава светото семејство, во кое послушноста е совршена и претставува образец за сите семејства, тогаш и нашите православни семејства треба да бидат организирани на грижата на родителите кон децата. Нема да има кризи ако децата од малечки се воспитани во верата, тие ќе бидат коректорот на родителите. Децата се чисти, тие не се извалкани нити имале можност да се извалкаат, а со растењето…таа девственост, чистота, ќе ја имаат како возрасни и тогаш нема да имаме кризни состојби во општеството. Сите, без разлика на вероисповедта треба да бидат доследни на учењето кое ги обединува сите вери во општеството, а не тоа што разединува. Ако нема тенденција за агресивност кон другите, за вршење на верска асимилација кон другите и насилно исламизирање или воведување во разни секти, тогаш верувам дека ќе се надминат сите кризни состојби. Поздравувајќи ги сите православни верници ја испраќам нашата порака и радосниот поздрав:

Христос се роди – навистина се роди!

Марјан Танушевски

 

Преземено: Македонска иформативна агенција-МИА

Previous articleПреподобен Наум Охридски во манастирот во Роклин, Викторија
Next articleБожик е – Со нас е Бог