Божикно послание на Високопреосветениот Митрополит Петар

2585

+ ПЕТАР

ПО МИЛОСТА БОЖЈА, МИТРОПОЛИТ ПРЕСПАНСКО-ПЕЛАГОНИСКИ И АДМИНИСТРАТОР АВСТРАЛИСКИ И НОВОЗЕЛАНДСКИ, НА СЕТО СВЕШТЕНСТВО, ПРЕПОДОБНО МОНАШТВО И ВЕРНИТЕ ЧЕДА ВО ПРЕСПАНСКО-ПЕЛАГОНИСКАТА И АВСТРАЛИСКО-НОВОЗЕЛАНДСКАТА ЕПАРХИЈА, ИМ ИСПРАЌА МИР И БЛАГОСЛОВ, ПОЗДРАВУВАЈЌИ ГИ СО РАДОСНИОТ ПОЗДРАВ 

ХРИСТОС СЕ РОДИ!

„Бог толку го возљуби светот, што Го даде Својот Единороден Син, та секој што верува во Него да не погине, но да има живот вечен“ (Јн. 3:16).

Возљубени празникољубци

На овој Божји ден-Божик, срдечно ве поздравуваме. Божик е источник на љубовта и радоста. Ви благодариме што Ни дозволивте преку читањето на оваа посланица да застанеме на прагот од вашиот живот; да бидеме подиректно присутни во вашите семејства; да ја споделиме со вас атмосферата на вашиот дом и чувствата со кои ја споделуваме Божјата љубов – Рождеството Христово.
Тајната на Христовото раѓање, прославата на Божик и неговото попразнинство, говори за Словото кое станало Тело. Воплотеното Слово е отелотворено Божје милосрдие.

Радувајте се! Со нас е Бог!

Уште пред доаѓањето на нов член на овој свет, во секое семејство се чувствува радост. Таткото и мајката ја соопштуваат радосната вест на своите родители, и на најблиските роднини и пријатели. Тие, пак, таа убава вест ја пренесуваат понатаму, радувајќи му се на новиот живот кој доаѓа. Тие месеци на исчекување се радосни, а раѓањето, донесува пред сѐ благодарење на Бога, а дури потоа радост и честитање. Пребивајќи во Божикната радост, стоиме пред таинството на Божјото воплотување и размислуваме за тајната на Божјата љубов кон човекот. Прологот од Евангелието според Јован, нѐ воведува во разбирањето на тајната на Божјата љубов. Словото (Логосот) не е само израз на таа љубов, туку е и самата Љубов. Вечниот Логос е вистинската причина на сè што постои. Сè постои благодарение на Бога, Кој е Љубов. Бог нѐ создаде од љубов. Вечното Слово, одразот на Божјата Љубов, е гаранција за животот, бидејќи “сѐ стана преку Него и без Него ништо не стана што стана“ (Јн. 1:3). Откако Бог Го завршил создавањето на светот, (пред да Го создаде човекот), ја бакнал земјата. И таму, каде што Бог ја бакнал земјата, таму никнал човекот, круна на Неговото-Божјото создавање. Човекот е Божји бакнеж (љубов) на земјата. Човекот е никнат од љубовта Божја. Никнат е за љубов. Да љуби и да биде љубен. И кога се исполни времето, „Бог ги приклони небесата и слезе“ (Пс. 134:5) испраќајќи Го „Својот Син, кој се роди од жена и се потчини на Законот, за да ги откупи оние кои се под Закон, та да примиме посиновение“ (Гал. 4:4-5).
Слегувајќи во светот и предавајќи се за луѓето, Синот Божји, Богомладенецот, „останува во љубовта на Отецот“ (Јн. 15:10), за во неа да ги внесе оние, заради кои слезе од небесата. Христовото воплотување и раѓање е отпечаток на Божјото милосрдие, прегратка на Отецот, Кој прв го пресретнува „изгубенот човек“, додека сеуште е на земјата, во минливиот свет. Радоста на ангелите при „отворените небеса“ ја пренесуваат радоста на Отецот и отвореноста на вечниот дом за секој кој е опфатен во прегратката на Христовото воплотување. Божјото воплотување е најголемо Божјо дело, достојно за највисоко човечко восхитување. Разбирајќи го таинството на воплотувањето и раѓањето Христово преку призмата на неусловената Божја љубов, целиот Христов живот станува отпечаток на таа неусловена Љубов. Пред да се отпечати таа љубов во маките и смртта Христови, милосрдната Татковска љубов се отпечатила во самиот Христос, во Неговота „човечност“. Љубовта на Отецот станала жива, видлива и својата кулминација ја достигнала во Исуса од Назарет. Невидливиот Бог „Кој живее во непристапна светлина“ (1Тим. 6:16), по Христовото раѓање, го испорачува своето човекољубие на човечкото спознание и искуство. Во Христа станува „видлив и вкуслив благиот Господ“. Божјата љубов се отпечатила и оприсутнила токму онаму каде што бил присутен и гревот – во плотта човечка. Синот Божји слегува таму каде што е негирана Неговата моќ и господство Негови како Создател на сѐ. Наместо гнев, кој би бил оправдан при средба на Бога со грешниот човек, Бог се однесува со љубов, станувајќи човек, не презирајќи ја и не отфрлајќи ја плотта човечка. Вочовечувајќи се Господ, потполно ни се приближил, допирајќи ја сржта на нашата човечност. Затоа, секој човек му е мил на Бога. Св. Јован Златоуст ќе рече: „Ние бевме мачени од лута болест … прекриени со рани, смрдливи, грозни, истоштени“. Но, Господ дојде, за да го бакне човекот каде што најмногу го болело – во живата рана, која се заканувала да го одведе во погибел. Земајќи ја врз Себе нашата природа, Бог ни овозможил учество во Божествениот живот. Бог, станал човек како родено дете, кое има потреба од помош; зависен од оние кои се подготвени да Го примат. Доверен е на прегратката на Својата Мајка Марија. Он се доверува и ѝ дарува на нашата човечност љубов и грижа. Бескрајноста и недофатливоста на небесата, одеднаш е сместена во малечко дете кое бара нежност, допир, грижа, прегратка, љубов! Словото Божјо што слезе од небесата, сега се слуша во плачот и шепотот на малото детенце, Богомладенецот. Тука се гледа понизноста и неусловеноста на Неговата љубов. Допушта да биде љубен, не се спротивставува на нашиот стремеж да Го запознаеме и Неговата наука да ја прифатиме, како единствен пат кон спасението. Се појавува како дете за да ја допре нашата љубов. Со Своето вочовечување, Бог ни станува близок, станува Бог, Кој луѓето ги зближува меѓусебно. Бог Кој го грее човечкото срце со Својата љубов, чија топлина ги лечи раните на нашето срце. Бог, Кој го осветлува животниот пат, Кој му дава смисла на човековиот живот. Примајќи плот како беспомошно дете, Бог ни открива што значи да се тргне по Неговиот спасителен пат. Но, за да тргнеме по тој пат, пред сѐ, потребен е нов почеток, потребно е ново, повторно раѓање.

Возљубени чеда во Христа Богомладенецот

Рождеството Христово, покрај радосниот белег, го носи и белегот на семеен празник. Македонскиот народ вели: „Пред Божик, зад Божик, каде и да си, дома да си!“ Тоа што семејствата го прославуваат Божик, како семеен празник, има свој темел во суштината на самиот празник, во суштината на Раѓањето Христово: Бог дојде во големото човечко семејство и во малото, Свето семејство. Бог во своето најдлабоко таинство не е осамен туку е (заедница) семејство, зашто во себе го има татковството, синовството и суштината на семејството – љубовта. Заедништвото и љубовта кои се во Бога, во единството на Светата Троица, се отсликуваат и во заедништвото и љубовта во Светото Семејство, како и во секое христијанско семејство. Оттука и таа семејна димензија на Божикното таинство.

Браќа и сестри, семејството е малата домашната Црква

Божик ни ја покажува суштината на семејното живеење, кон кое треба да го  насочиме вниманието и да ги сосредоточиме нашите сили. Поради тоа, треба да се запрашаме, што правиме ние на семеен план? – Дали се трудиме да ги градиме и зајакнуваме семејните врски, или се помируваме со нашиот морален пад и деградација на семејните вредности. – Дали, пак, брачните другари, поради немање вистинска љубов, која е подготвена за секаква жртва, сѐ повеќе се разведуваат, па како последица на тоа и децата растат во средина, која не им го гарантира семејниот живот со својата полнота. Сето тоа се одразува во нивната иднина и живот, па сведоци сме дека сѐ повеќе млади, ги напуштаат семејните огништа и родната грутка, заминувајќи по белиот свет, барајќи можност за смисла и успех, надвор од семејното опкружување. Како последица на тоа сѐ повеќе среќаваме затворени и заклучени порти; згаснати огништа; стари родители, (баби и дедовци) напуштени од своите чеда, препуштени на староста, во самотија да го чекаат својот животен крај на земјата.

Мили наши духовни чеда во Господа

На овој Празник на животот и раѓањето, пак и пак, мораме да ја споменеме и „белата чума“ – чедоморството, која немилосрдно го зема својот данок. Неразбирливо е како овој народ, кој инаку знае остро да ги осудува тероризмот, шовинизмот и нацизмот, го озаконува погубувањето на неродените деца? Со таквиот чин, пред сѐ, го убиваме Бога во себе, како личности, потоа како семејства, и на крајот, како народ кој придонесува и за гибелта на својата нација. Затоа, како едно големо семејство, нашиот народ стои пред предизвикот за менување на ваквиот, несвојствен на Македонците менталитет и враќање на изгубените семејни вредности. Особено во одгледувањето, воспитувањето и длабоко отпечатувањето на православната вера и дух на младите поколенија, како најголем приоритет. Сепак, овој свет, со разнишани морални и семејни вредности, наскоро мора да дојде до степен на свртување во обратна насока, т.е. враќање на традиционалното, патријархално сфаќање на семејството. Вистинската радост и живеење во семејството која доаѓа од длабоката хармонија на членовите на семејството, која сите ја чувствуваат во срцата со силен порив „да се биде заедно“, и да бидеме потпора едни на други во животниот пат. Но во темелот на тоа чувство, на длабока радост, лежи Божјата присутност, Божјата присутност во семејството: Неговата љубов која секого прифаќа, која секого почитува, и над сѐ ја става трпеливата љубов. Доколку Божјата љубов недостасува, во семејството се губи хармонијата меѓу членовите, па ќе надвладее себичноста и ќе згасне радоста. Во спротивно, семејството кое живее во љубов, претставува сол на земјата, светлина на светот и квасец на општеството.

Возљубени во Богомладенецот браќа и сестри

И покрај тешкиот и мачен живот што го живееме; Обземен со млакоста и безволноста што го зафатила нашиот народ; Безнадежноста, несвојствена за него; зачмаеноста, злобата, омразата, зависта, нетрпеливоста, суетата и себичноста; мораме да ги отфрлиме а место нив да ги вгнездиме во нашите срца и души, и лично и семејно, радоста, љубовта, верата, сострадалноста, мирот и трпеливоста. Оној народ, кој не го возљубил Животот, нема иднина. Затоа Ве охрабруваме: да не ве плаши соочувањето со секојдневието, какво и да е тоа. Покажете храброст, сложно борете се за еднакви права и перспективи во животот. Не паѓајте во безнадежност и очај, зашто „Бог е со нас“ и не заборавајте дека, Богомладенецот постојано нѐ прегрнува со Својата неизмерна љубов. Затоа, за да можеме благодарствено, радосно и со љубов да Го славиме Божјото раѓање, Божик, меѓу нас, потребно е личносно да се сретнеме со Бога и да Му допуштиме да се роди во секој од нас, во нашите души и срца. Без таа средба, сѐ останато е бескорисно и бесмислено, односно е само еден фолклор на „вистинска“ радост и славје. Сето она што само надворешно се случува, а не навлегло длабоко во душата и срцето, тоа и не допира до нашите срца и така Бог останува за нас како непознат странец.

Мили наши духовни чеда

Евангелистот Јован ја истакнува драматичноста на воплотувањето, нагласувајќи дека дарот на Божјата љубов не бил примен од оние, за кои бил наменет: Словото е светлина, но луѓето избраа темнина; „Словото, Синот Божји, дојде кај своите, но своите не Го примија“, т.е. Му ја затворија вратата! Имајќи ги предвид овие Јованови зборови, повеќе од јасно е дека треба да преземеме конкретни чекори. Знаејќи дека сме повикани да бидеме деца Божји, пред сѐ, треба ширум да ја отвориме вратата на нашето срце, за во неа да влезе Словото Божјо, со тоа што во нашите животи ќе го примениме Евангелието. За да може Божјата љубов трајно да живее меѓу нас и во нас, Христос им дал заповед на Своите ученици, насекаде да го објавуваат Неговото Слово: „Одете и научете ги сите народи, крштевајќи ги во името на Отецот и Синот и Светиот Дух“. Ова сеуште се остварува и денес, во Црквата преку црковната ерархија.

Возљубени чеда на мајката Македонска Православна Црква

Споменувајќи ја црковната ерархија, (Епископатот, свештенството и ѓаконството) треба да се потсетиме дека оваа година се навршија педест години од едно раѓање – повторно раѓање на Охридската Архиепископија, односно нејзиното автокефално возобновување во лицето на нашата душа, нашата Мајка, Македонската Православна Црква. Тоа е остварен копнеж на многу генерации на црковен клир и народ, царско свештенство. На Третиот црковно – народен собор, односно, во нашиот и сесловенски Ерусалим, во Охрид, на 19 јули 1967 година, делегатите го изгласале предлогот на домородниот Синод – да се возобнови автокефалноста на Охридската Архиепископија. Од тој, за нас, настан со огромно значење, до денес Светата Црква со својот клир, како и секогаш, се грижи за својот верен народ, хранејќи го со науката на Богомладенецот. Оттогаш наваму, Црквата преку својот клир, на овој ден, на своите верни чеда, веќе педесет години им го честита(ла) овој торжествен празник. Па така, и оваа година, честитајќи Ви го раѓањето Христово, раѓањето на Синот Божји – Божик, и новото 2018 лето Господово, Ве поздравуваме со торжествениот христијански поздрав – Христос се роди!

Мир Божји, Христос се роди! Навистина се роди!

Ваш постојанен молитвеник пред Богомладенецот Христа,Митрополит Преспанско-пелагониски и Администратор Австралиски и Новозеландски

+Петар

Божик 2017/2018 година

Previous articleВечерна богослужба во црквата Света Богородица – Пречиста во Ливерпул
Next articleБадник во црквата Света Злата Мегленска во Хоперс Кросинг