Житие на свети Јован Руски

4022

За време на војната во 1711 година, Јован и останатите војници биле заробени од Татарите, кои го продале на заповедникот на турската коњаница. Тој рускиот заробеник го одвел во својата татковина, во Мала Азија, во местото Прокопи (на турски Уркуп). Турците настојувале своите заробеници-христијани да ги преобратат во ислам: некои ги наговарале и соблазнувале, а некои, кои биле поцврсти во верата, ги тепале и измачувале. Светиот Јован не го измамиле ветувањата за овоземни богатства, туку храбро ги поднесувал суровостите, понижувањата, тепањето. Неговиот господар често го измачувал, надевајќи се дека неговиот слуга ќе го прифати мухамеданството. Меѓутоа, свети Јован решително се спротивставувал на волјата на својот господар и велел: „Ни со закани, ни со ветувања за богатство и наслади не можеш да ме одвратиш од мојата вера. Сум се родил како христијанин и како христијанин ќе умрам“. Достоинствените зборови на овој исповедник, неговата постојана вера, бестрашност и праведниот живот го смириле суровото срце на неговиот господар. Престанал да го мачи и да го навредува својот заробеник, не барајќи веќе од него да се одрече од христијанството и барајќи само да се грижи за стоката и да одржува ред во коњушницата, во чиј агол се наоѓала постелата на преподобниот Јован.

Овој угодник Божји му служел на својот господар од рано утро до доцна навечер, совесно исполнувајќи ги сите негови заповеди. Босоног и полугол, ги извршувал сите свои обврски и по зимскиот студ и по летната жега. Гледајќи ја неговата ревност, останатите слуги често го исмевале. Праведниот Јован никогаш не се гневел на нив. Туку напротив, секогаш кога можел им помагал во работата и ги тешел во неволјите. Искрената добродушност на преподобниот го омекнала неговиот господар, но и останатите слуги. Господарот стекнал толку голема доверба во него што му предложил да живее како слободен и да се насели каде што сака. Меѓутоа, преподобниот одбрал да остане во аголот на коњушницата, каде што секоја ноќ непречено можел да се подвизува и да се осамува на молитва, зацврстувајќи се во добродетелите и во љубовта кон Бога и кон луѓето. Понекогаш го напуштал своето мирно сокровиште и тајно одел во храмот на светиот великомаченик Георгиј , каде што клечел на колена и усрдно се молел во папертата. Во истиот храм, на празниците, се причестувал со пречистите Христови Таинства.

Преподобниот Јован како и претходно му служел на својот господар, и покрај својата сиромаштија, секогаш им помагал на сиромашните и болните, делејќи ја со нив својата скромна храна.

Пред крајот на својот подвижнички живот преподобниот Јован изнемоштел. Почувствувал дека му се ближи крајот и го повикал свештеникот за последен пат да го благослови пред исходот на душата. Свештеникот ги понел Светите Таинства, но бидејќи одел во домот на турскиот старешина, ги сокрил помеѓу јаболката и безбедно му ги предал на преподобниот Јован. Преподобниот Го прославил Бога, се причестил со Светите Таинства и ја предал душата. Праведното упокојување на преподобниот исповедник Јован Руски се случило на 27 март 1730 година. Кога му соопштиле на господарот дека слугата Јован умрел, тој ги повикал свештениците и им го предал неговото тело за да го погребаат според христијанските обичаи. На погребот се собрале речиси сите христијани кои живееле во Прокопи и тие го испратиле телото на праведникот до христијанските гробишта.

По три и пол години, свештеникот на чудесен начин бил известен дека моштите на преподобниот Јован се нетлени. Наскоро овие свети мошти биле пренесени во храмот на светиот великомаченик Ѓеорѓиј и биле положени во посебна гробница.

Нетлените мошти на Свети Јован Руски

Новиот угодник Божји набрзо се прославил со безбројни чудеса, кои станале познати и до најоддалечените градови и села. Верните христијани од сите краишта доаѓале во Прокопи за да се поклонат на моштите на преподобниот Јован Руски и, благодарејќи на неговите свети молитви, се удостојувале со чудесни исцеленија. Новиот светител го почитувале не само православните христијани, туку и Ерменците и Турците, кои молитвено му се обраќале на рускиот светител: „Слуго Божји, не нè одминувај со својата милост!“

Во текот на 1881 година, дел од моштите на преподобниот Јован,  руските монаси ги пренеле во рускиот манастир  на светиот великомаченик Пантелејмон на Света Гора. За време на тој настан, угодникот Божји чудесно ги спасил за време на опасното патување. Благодарение на паричната помош од овој манастир и на прилозите од жителите на Прокопи, во 1886 година започнала изградбата на новиот храм, бидејќи храмот на светиот великомаченик Ѓеорѓиј, во кој се наоѓале моштите на свети Јован, бил многу стар.

На 15 август 1898 година, со благослов на цариградскиот патријарх Константин Петти, митрополитот ќесариски Јован го осветил новиот храм посветен на светиот и праведен Јован Руски.

Кога во 1924 година жителите на Прокопи се преселиле на островот Евбеја, со себе ги понеле и моштите на преподобниот Јован Руски. Во текот на повеќе децении тие се наоѓале во храмот на светите рамноапостолни Константин и Елена во Неа Прокопи, за во 1951 година да бидат пренесени во новиот храм, посветен на преподобниот Јован Руски, во кој и денес доаѓаат илјадници поклоници од Грција и од сиот свет, особено на денот на неговиот спомен, 27 мај.

Преподобниот Јован Руски го почитуваат и на Света Гора Атонска, особено во рускиот манастир на свети Пантелејмон.

По неговите свети молитви Господ да нè помилува и спаси. Амин.

извор: Ортодоксија и Ортопраксија

https://crkvaveles.wordpress.com/2012/10/17/zitie-sv-jovan-ruski/

Previous articleОсветување и поставување на нови крстови на новата црква посветена на Свети Никола во Перт
Next article14 – та Недела по Педесетница – Света Литургија во манастирот Донибрук