Илинденско послание на Митрополитот Преспанско-пелагониски г. Петар

2025

Во името на Отецот и Синот и Светиот Дух!

„Немојте да куцате ни налево ни надесно..“ (5 Мојс. 17, 11) Вака браќа и сестри, Светиот пророк Илија, а тоа се 800 години пред Христовото рождество, им вели на Израелците. Во Израелското царство, кое по Соломона било поделено на две царства: Јудејско и Израелско, a Јудејското со две племиња: Јосифово и Венимијаново со седиште во Ерусалим и Израелското во Самарија. Таму, со тоа царство, 800 год. пред Христа, управувал царот Ахав. Тој Евреин по потекло, иако бил човек кој што бил должен да се грижи за верата во едниот Бог (зашто во Стариот Завет, само Израелскиот народ  го запазил, овој облик на вера), тој се оженил со самарјанка, односно жена од Сирија, која се викала Езавела и која извршила силно влијание врз него за промена на неговата вера, зашто таа била многубожкиња и како таква ги донела идолите на нејзините предци, кои не верувале во Единиот Бог, туку во многу богови, кои биле измислени и направени во облик на статуи, пред кои се молеле, а честопати и ѓаволот влегувал во тие статуи и од нив проговорувал. Од сето ова гледаме, дека Израилскиот народ се наоѓал во тешка духовна состојба, напуштајќи ја вистинската вера и почнувајќи полека да се приклонува: де кон вистинската вера, де кон многубожството, па затоа бил на некој начин принуден светиот пророк Илија да проговори и да им рече на Израелците: „Немојте да куцате ни налево ни надесно..“ или немојте да бидете де со Бога, де со Мамона. Затоа, тогаш кога луѓето биле принудени од страв да веруваат во многубожството, било неизбежно да се најде некој силен човек и да проговори која е вистинската вера и кој е вистинскиот пат по кој треба да одат Израелците. Не дека немало пред св. Илија и други пророци, кои можеби биле повдахновени да ги претскажат работите што ќе се случат, но не се нашло пред него некој толку силен по вера и пламена набожност да ја брани верата во Христа Месијата во тоа време.

Па така, Св. пророк Илија го повикува и царот Ахав со царицата Езавела, а со нив и целиот израилски народ, да се качат на гората Кармил и да им каже „Еве жив е мојот Бог, и ги повикувам многубожечките жреци и пророци, да направат клада, нека стават теле и нека се молат, а на другата страна исто така ке се направи клада и јас ќе поставам теле. И нека го измолат, ако е вистински бог Ваал и другите многубожечки богови, нека слегне од небото оган и нека ја изгори жртвата, а ако не се изгори таа жртва, туку се изгори мојата што јас ќе ја принесам тогаш вистинскиот Бог е Богот Јахве“ (3 Царства, 17, 21-23), кој е Христа нашиот Спасител или Христос очекуваниот Месија за нив во тоа време“. И така се случило: се молеле многубожечките жреци но ништо не направиле. Зошто? Затоа што тие всушност, се молеле на ѓаволот, а не на Бога, па затоа и им се подбивал св. пророк Илија и им велел: Ајде посилно викајте можеби Ваал е премногу зафатен, можеби е на пат, или пак можеби заспал па спие. “ Но откако ништо не направиле, св. Илија заповедал, на неговата жртва што тој ја поставил, да ископаат околу кладата, опкоп, трипати со вода да ја залијат и кладата и телето, за да не се мисли дека долу под телето има скриено оган, што ќе го предизвика палењето на жртвата. И веднаш по молитвите на св. пророк Илија, од небото како молња светнала силна светлина и слегол оган и ја запалил жртвата и ја изгорел. И тогаш св. пророк Илија име се обратил на верните и им рекол: „Ете по моите молитви, три години не падна дожд на земјата, а сега по моите молитви се запали жртвата и еве ќе падне дожд“. И навистина земјата Израелска кој била како пустиња, повторно воскреснала и оживеала, а народот тргнал по вистинскиот Бог.

Но да си спомнеме и за едно недело на царот Ахав и неговата жена. Имено тие сè што посакувале, правеле, ако не можеле милум, тогаш силум. А пример за тоа ни е како Навутејовото лозје кое ѝ се допаднало на царицата Езавела, и таа побарала од Навутеј да ѝ го поклони лозјето кое го добил во  наследство од татка му како татковина, а ако не сака да го поклони, тогаш да ѝ го продаде. Но, тој не се согласил ни со едното ни со другото, па затоа било наредено да биде каменуван Навутеј и така да го заврши својот живот. И така станало. Но светиот пророк Илија претскажал дека заради убиството на овој невин човек ќе загине и царот и царицата, кучињата ќе ја лижат нивната крв, а царицата ќе ја изедат, што и се случило.

Кога ова го зборуваме, браќа и сести, веднаш се наметнува мислата, дали и ние Македонците не сме во истата состојба, заедно со нашата земја Македонија? Како што Навутеј не сакал да ја даде неговата татковина – лозјето, така и ние не смееме да ја дадеме нашата татковина Македонија. Како што тој го жртвувал својот живот за татковината, така и ние треба да ги жртвуваме нашите животи. А за тоа не треба некој друг да ни кажува, имаме прекрасни примери на оние кои денес ги славиме, а тоа се војводите, востаниците, војниците, бранителите на нашата татковина Македонија, во сите востанија, особено во Илинденското. И не случајно нашиот Македонски православен народ го избрал Св. Илија да биде заштитник на нашата татковина Македонија, зашто Св. Илија се борел за правдата на тој обесправен човек и за неговата татковина – лозјето, а и Македонците кога го избрале Св. Илија за патрон на нивната татковина, нашата Македонија, знаеле дека само Св. Илија, со таков жесток пламен и силна вера, може да ја одбрани нашата Македонија, доколу ние остануваме верни на нашата света вера и Црква. А за тоа имаме прекрасни примери, еве оние кои што ги положија своите животи на Мечкин Камен. Сите тие биле присутни во оваа црква – овде во „Св. Никола“ којс потоа е изгорена. Тука побарале од свештениците иако уште биле живи – да им бидат извршени опела, зашто знаеле дека таму, можеби не ќе можело да се најдат нивните тела, па  да не останат неопеани, како христијани православни. И тука уште при животот им се направени опела, а потоа сите тие своите животи ги положија на Мечкин Камен, за одбрана на нашата вера и татковина. И слушајќи го ова и гледајќи низ примерите во сите востанија, почнувајќи од Карпошовото, потоа во Разловечкото, во Македонското Востание или Кресненско, каде што е изгласано во уставот дека треба да се обнови и нашата древна Охридска Архиепископија, и особено на ова Илинденско востание, кога заедно бил целиот народ, свештенството, како што истото се продолжи и во поново време и во Втората Светска Војна, па и во одбраната на нашата татковина кога ја имавме војната на Шар Планина и пошироко и т.н., која војна не престанува ни сега браќа и сестри.

Тогаш во времето на Св. Илија имало многубожци кои верувале во богињата Астарта, и во Венера, кои биле божици на неморалот, а и ние денес кога ќе размислиме убаво и ги проанализираме работите, ќе сфатиме дека не сме далеку, и во денешно време имаме т.н. модерна просвета. А што е денешната модерна просвета? Тоа е – интелектуалци, универзитетски професори, да ни покажат како најгнасно треба да се говори. Како да се употребуваат изрази, што и уличарите не ги употребуваат, како да се плука на она што се создава, како да се растура она што е направено, е…. ваква модерна просвета не ни треба, не ни доликува на нас Македонците, кои во времето на преродбата, сме учеле сè што е најдобро и тоа тука во црквите, во црковните општини и манастирите. Таму проповедале нашите просветни работници како што се: Гоце Делчев, Даме Груев, Сандански, Пере Тошев, Глигор Прличев и многу други, во нивниот речник вакви изрази немало, какви што има денес во нашата интелигенција, за жал срамна и недостојна.

И друго, ако тргнеме по идолот, во овој случај власта, и ако за неа се запрашаме, ќе видиме, дека луѓето за да би стигнале до неа, газат преку сè, и мислат дека таа треба да се земе со сила. Власта браќа и сестри, е нешто што не треба со  сила се зема, туку треба да ни ја даде народот, како што била дадена во времето на Крушевската Република. Тогаш имаше една Република која 10 дена траеше, ама остана урнек за вистинска власт, вистинска влада за идните влади на нашата татковина. Таму беа избрани најдобрите и најдоблесните, а тоа е потребно и сега – да бидат избирани секогаш најдобрите и најдоблесните. Не сакам да посочувам имиња, само сакам да укажам дека секој паметен човек знае да разликува добро од зло, но се доведовме во ситуација кога веќе не разликуваме добро од зло, како што велел Шекспир. Тој вели, дека дојде време кога добрите дела бараат прошка од злото, од пороците и молат да им простат зашто овие водат кон правдата. Ако е дотаму дојдена работата, а изгледа е дојдена, треба секој паметен човек, да го послуша зборот на Св. Илија: ниту да куцаме налево ниту надесно, туку право да одиме и да го најдеме вистинскиот пат, а за тоа не треба некоја голема философија: земете го Светото Писмо, Светото Предание, доаѓајте во Црквата, слушајте што проповедаме и тоа преточете го во живот, ако го доживеете во живот, тогаш не треба некој друг да ви соли памет. Тука е Вистината, во Светото Писмо, Светото Предание, во Литургијата и литургискиот живот и оттаму извира она што треба да ни се даде за вечен живот.

Уште една друга вистина за друг идол што е присутен денеска богатство. Луѓето за пари и богатство газат сè пред себе, не гледаат ни роднина, ни брат, ни сестра, ни близок, ни далечен, чесен, нечесен – преку сè газат. Денес се наоѓаме во истата состојба како народот во времето на Св. Илија. Оттаму доаѓаат и сите непогоди во денешно време, и поплави и убиства, и силувања на мали и чесни деца, а тоа говори дека сме далеку од вистинската вера браќа и сестри. А сите треба да придонесеме, за да се вратиме на патот на Вистината и верата.

И друг идол има денес, т.н. слободен живот. А тоа се проповеда од оние законодавци на запад кои ни го носат тоа законодавство, дека абортусите биле дозволени и дека секој можел да убие дете невино во утробата на мајката, а мајките небаре треба да се гордеат со тоа, дека си ги убиле своите деца, за кои ќе дадат одговор на страшниот суд. Има многу други работи за кои што ќе дадеме одговор на страшниот Христов суд.

Од сево ова треба да извлечеме наравоучение: нашите војводи, војници, бранители на нашата татковина, секогаш го избирале најдобриот и вистинскиот пат и не се застранувале ни на десно ни налево, туку го оделе правиот, Христовиот пат. Ако тоа го направиме ние денес, ќе излеземе од секоја криза, во која што се наоѓаме. А ако го заменуваме злото со добро и доброто со зло, ќе имаме уште 10 години кризи и од тие кризи никогаш нема да се извлечеме, сè додека не го земеме правиот и вистински пат, за кој Христос нашиот Спасител рекол: Јас сум Патот, Вистината и Животот. Амин!

Previous articleСпомен на свети Александар Свирски
Next articleЕпархиски Црковен Суд на МПЦЕАНЗ, Црковно-канонски судски предмет бр.1/2016 – ПРЕСУДА, Гаврил Галев