Показатели за духовниот раст – архимандрит Андреј (Конанос)

8354

Ние, иако долги години одиме во црква, сепак тоа во ништо не се забележува. Ако ние толку време поминуваме во црква, што таму правиме?  Ете, јас од мали нозе сум во црква, но дали напредувам или сум во застој? На пример, ти веќе пет години поседуваш часови по англиски за да го научиш јазикот. А потоа одиш на аеродром и кога треба да извадиш карта се покажува дека не можеш да га направиш ни тоа едноставно нешто. И мајката му зборува на детето:

– Што правеше на тие часови овие пет години? Ајде, кажи нешто, разговарај со мене.

– Но јас уште не сум научил да зборувам англиски!

– А што тогаш си научил?

Разбирате ли што имам во предвид?

Ете, некој, пак, оди во теретана, неговата тежина е 90 килограми. Поминаа пет месеци а килограмите му се зголемија на 105. Го прашуваат:

– Па што правиш таму, каде што постојано одиш?

А тој одговара:

– Тоа сè се мускули! Го стопив целото сало и сум набилдал мускули!

Сакам да кажам дека кога со нешто се занимаваме, природно е да очекуваме видлив резултат. Да се видиме себе си во малку поизменета состојба.

Многу жени зборуваат:

– Го следам моето семејство и ние веќе долго одиме во црква, но дома и понатаму викаме едни по други, се навредуваме, сеуште сакаме да се разведиме, и покрај сè и понатаму нема љубов помеѓу нас…

А по што би можеле да разбереме дека нашиот живот во Христа се менува? По тоа што таквиот живот нé принудува да напредуваме и да се развиваме, да растеме духовно. И за тоа постојат неколку показатели.

Првиот е, што повеќе напредуваш, толку повеќе ја преточуваш надворешната среќа во внатрешна. Ако јас сакам да бидам среќен по материјалните критериуми тогаш сакам добар стан, скапа кола, пари, комфорт. Сè е тоа надворешна среќа. А ако би се развивал духовно, тогаш таа надворешна страна од животот нема во толкава мера да ме опседнува. Тоест, нека и немам автомобил, но ќе бидам добро, ќе се возам со автобус или пријателите ќе ме префрлат до некаде. Исто е нештото и доколку не би имал велелепна куќа, повторно во мене се ќе биде во ред.

Еден од показателите дека успеваш во духовниот живот е тој да не обрнуваш толку внимание на нештата кои те опкружуваат. Дури и ако твојот стан е беден, срцето ти е радосно затоа што си со својата жена и со децата. Тоа е успех.

И повеќе не паѓаш во депресија, затоа што ти се расипала фризурата! Тоа се белези на почетникот. За оној кој е на почетокот на патот, сите останати му се виновни. Тоа не е случај со оној кој поминал години до Христос. Нему не му се виновни другите, тој секојпат ќе го избере смирението и ќе го смета за добро сè што го опкружува.

Заради тоа, многу луѓе кои се поврзани за материјалните нешта, денес, во ерата на кризата, страдаат. А оној кој до кризата бил среќен, тој и сега е задоволен, затоа што никогаш не бил врзан за надворешните нешта, никогаш не мислел што ќе пие денес  – кока кола или вода: „Добро е, не недостасува ништо, ќе се напијам водичка. И нема да купам нова облека, ќе одам во старата. Нема да одам на одмор во скап хотел, ќе појдам во своето село и ќе живееам поедноставно“.

Со духовно успешниот човек е удобно, тој е кроток и не се бунтува. А дали вие постојано се жалите?

Имам братучедка од чичко, неодамна позборував со неа телефонски. И таа ми рече:

– Отец, сакам да те прашам нешто. Дали твоите емисии имаат некаков резултат?

– Што мислиш со тоа?

– Љуѓето ги слушаат, но има ли некоја корист од тоа?

– А зашто ме прашуваш?

– Просто од љубопитност. Дали водиш некаква статистика?

– Знаеш, такви нешта не се мерат со статистика. Тоа го знае само Бог.

Доколку би започнал да водам статистика, би сфатил дека човекот не се менува лесно. Еве, еден господин од Атина ме моли веќе десет години да ѝ кажам на неговата жена да промени само еден недостаток – да не се бунтува и да не се жали. Тој ми вели: „Отец, те молам кажи ми: што мојата жена прави кај тебе сите овие години? Кажи и да престане да негодува веќе еднаш! Ако тоа го направиш ќе запалам свеќа за тебе, висока колку што си ти! Кажи ѝ, таа тебе те слуша.“ Јас на уво му го дошепнав ова: „Таа дури и мене не ме слуша… Ме почитува се додека ја поддржувам, но ако ја разобличам таа веднаш започнува: „Отец, те молам! Не можеш да застанеш од страната на мојот маж. Со мене треба да се согласиш!“ И нејзиниот маж ме запраша: „И каков е тоа духовен успех, кога и понатаму негодува, бунтува, се нервира и вика?…“

Другиот показател за духовниот раст е единството. Обединувањето на срцата, обединувањата на луѓето, обединувањата на душите. Тоа е показател дека човекот станува се подуховен. Кога човекот не разделува, туку соединува. Не смета дека другите се секојпат лоши, грешни, зли. Не зборува дека сите се лукави. Но, ако ти така размислуваш, тоа значи дека си далеку од Христа. Оној кој напредува на духовен план смета дека сите останати се добри. Тој ги оправдува луѓето. Дури и ако некој згреши, разбира дека за тоа тој имал некој свој разлог. А со злиот човек доволно е малку да се позборува, па да започне да плаче. Понекогаш разговарам со некој и гледам човек дека е штотуку пуштен од затвор. На крајот тој ми приоѓа и плаче.

Мораш да имаш разлог за љутењето. А доколку заборавиш на тоа ќе бидеш во единство со луѓето и нема да се чувствуваш отфрлено. Тогаш ќе го сакаш својот комшија, иако се паркирал точно пред влезот на зградата, или иако ја чува кесата со  ѓубре пред твојата врата. Можеби тој е чуден, но во него се крие болежлива душа, несигурна, оптоварена со проблемите.

Имајте на ум, дека последната молитва, која Христос ја изговори пред да го напушти овој свет била следната: „Да бидат сите едно, како Ти, Оче, што си во Мене и Јас во Тебе, та и тие во Нас да бидат едно.“ (Јн.17,21)  За да не се разделат луѓето, да не се распрснат во илјада фракции и партии, туку за да би имале љубов, за да би биле обединети. Ако сте обединети со луѓето, сè останато ќе ви оди од рака.

Една жена ми пишуваше од странство, дека е близу да ја изгуби верата, и покрај тоа што родителите и се богослови. А зошто? Затоа што тоа што тие го зборуваат потполно се разликува од она што тие го демонстрираат со своето однесување. Едно зборуваат а друго прават. Таквата недоследност, таквиот конфликт, таквата противречност – тоа не е најдобрата наша проповед во општеството. Затоа што суштината не е во тоа што ќе зборуваш, туку што чиниш. Твоите зборови нема да го допрат никого, туку твојот живот и однесување, искуство и мирис. Не парфемот Коко Шанел, туку мирисот на душата.

Доколку ти зрачиш со нервоза, напнатост, злоба, завист и тн., тогаш  преку тебе никој нема да добие духовна корист.  Тој ќе рече во себеси: „Зошто да одам во црква, ако таа таму оди, а останува иста како и порано, и воопшто не напредува?“ И синот веќе размислува: „Мама оди во црква и сега има 60 години, но јас не би сакал да станам тоа што е таа“.

Единството, душевната рамнотежа, љубовта во нашиот дом покажуваат дека сме духовно успешни. И тоа е најдобрата проповед.

Следниот важен показател од духовниот раст е одсуството на фанатизмот. Тој што е фанатичен не напредувал на патот кон Господа. Човек што го сака Бога и го чувствува не може да постане фанатик. Тој не принудува никого и не настојува во ништо насилно. Дури и за она што тој знае дека е добро, не се обидува со сила да го наметне на друг. Тој просто го кажува следното:

– Ако сакаш, пријателе мој, прифати го ова што ти го зборувам, а ако, пак, не сакаш ќе ја почитувам твојата одлука. Јас постам, ајде да видиме што јадеш ти. Шницла? Што е тоа е, нека ти биде на здравје!

– А тебе оче, не те вознемирува тоа што јас јадам шницла?

– А зошто да ме вознемирува? Ти тоа го сакаш, а јас постам. Ако не ја забележуваш мојата мантија, не ја забележуваш кашата што ја јадам, ако тие нешта на ништо не те учат, што уште можам да ти кажам, што би влијаело врз тебе? И зошто да те притискам? Зар е успех да се врши притисок врз другите?

Со фанатизмот не можеш да му помогнеш на никого. Не го принудувајте своето дете, својот сопружник… Нека секој од вас самиот себе си се принуди, а спрема другите да се однесуваме со добрина и благост. Пред нас никој не е виновен. Единствено  виновно е нашето „Јас“, а сите останати се добри.

Кога тоа би го чувствувале, тогаш навистина ќе бидеме среќни и спокојни. Мажот кој постојано се жали на неговата жена, има внатрешен проблем. Ако си во мир со самиот себе си, тогаш ќе ја сакаш и својата жена.  Жената, пак, која непрестајно се бунтува и обвинува сè околу себе, има личен проблем и бидејќи таа не може да го реши, сака да да ја смени целата заедница. Сè нешто ја раздразнува.

Една жена му зборуваше на синот:

– Ќе добиеме мир кога ти ќе заминеш од куќата.

И момчето се отсели, се ожени, а неговата мајка продолжува да се жали…

– Сега ме повреди – зборуваше таа – но јас ќе останам таква каква сум.

А синот и одговорил:

– Мамо, не е во тоа суштината, но во тоа да се здогледаш во длабочините на својата душа и да ја започнеш внатрешната борба. Околностите во твојот живот не се виновни за сè, туку немирот во твојата душа.

Јас никогаш не сакам да се расправам со некого. Во последните години со луѓето со кои не се согласувам не се расправам. Ако сакаш нешто да направиш по свое, направи го. Но дали си среќен потоа! Главен доказ дека не растеш духовно е тоа што си несреќен. Не е потребно јас да викам на тебе од пиедестал. Секој сам во своето срце ќе го најде одговорот.

Депресијата во твојата душа, осаменоста, бесоницата, вознемиреноста, стресот – сè се тоа докази дека нешто не правиш како што е треба. И не морам фанатично да викам. Ќе се помолам за тебе и ќе те сакам.

Во ништо не бидете фанатични. Бидете благи. Дајте му место на другиот, самиот да го пронајде својот ритам, својот момент за да го смени животот.

Архимандрит Андреј (Конанос)

Previous articleSelf-reproaching and self-justification
Next articleThe three stages of spiritual life