Света Тајна Покајание

2919

Светата Тајна Покајание е свештеничко дејство, во кое свештеникот, со силата на Светиот Дух која му е дарувана, го „разрешува“ (одврзува, ослободува) од гревот Христијанинот кој што се кае.

За да се сфати смислата на покајанието, треба подетално да се разгледа поимот „грев“. Гревот е – нарушување на Божјите заповеди, престап против Божјиот Закон, во извесна смисла – духовно самоубиство.

Гревот, пред се, е страшен поради тоа што ја уништува душата на човекот што го прави гревот, бидејќи гревовниот човек ја губи благодатта на Светиот Дух, се лишува од благодатната заштита и станува приемчив за силите на злото, за нечистите духови, кои не губат време и веднаш ја искористуваат можноста за розорно дејствување врз душата на грешникот.

Бидејќи душата и телото на човекот во земниот живот прават едно, душевните рани стануваат извор на телесни болесни, и како резултат на тоа, страдаат и душата и телото.

Исто така е важно да се сфати, дека Божјите Заповеди, Неговиот закон, ни се дадени како дар на Неговата Божествена Љубов кон нас, Неговите неразумни деца.

Бог во Своите Заповеди бара нешто да се прави, а нешто да не се прави. не само затоа што Нему „така Му се сака“.

Се што ни заповедал – е за наша корист, а што ни забрането – е за наша штета.

Дури и обичниот човек, кој си го сака своето дете, го учи: „Пиј сок од морков – корисно е, не јади многу бонбони – штетно е“. Но,  на детето не му се допаѓа сокот од морков и тоа не разбира зошто е штетно да се јадае многу бонбони: па тие се толку слатки, а сокот од морков не е. Затоа тоа им се спротивставува на зборовите на таткото, ја отфрла чашата со сок и плаче, барајќи уште бонбони.

Така и ние „возрасните деца“, повеќе се стремиме кон она што ни причинува задоволство, а го отфрламе она што не им одговара на нашите желби. И, отфрлајќи го зборот на Отецот Небесен, ние правиме грев.

Бог, знаејќи ја немоќната и наклонета кон грев човечка природа, и не сакајќи ја смртта на грешникот, покрај другите благодатни дарови, ни ја дал и Светата Тајна Покајание, како средство за очистување од гревовите, за ослободување од нивните последици, погубни за душата.

Дарувајќи им ја на Своите ученици – Апостолите – власта да им простуваат или да не им простуваат гревови на луѓето, Христос оваа власт, преку Апостолите им ја дал и на наследниците на Апостолите – епископите и свештениците на Црквата Христова. И денес, секој православен епископ или свештеник ја има во целост оваа власт.

Секој Христијанин, кој е свесен за своите гревови и сака да се исчисти од нив, може да дојде во храмот на исповед да добие разрешување од нив.

Важно е да се разбере, дека Светата Тајна Покајание во Црквата не е само можност човекот да провери што го мачи и со тоа да си ја „олесни душата“, како што сфаќаат луѓето, туку таа е Света Тајна, дејствување на благодатта, и, како и секое дејствување на Светиот Дух,  предизвикува во душата благотворни промени.

Покајанието уште се нарекува и „второ крштение“ бидејќи со оваа Света Тајна, како и кај Крштението,  доаѓа до чистење од гревовите и душата повторно стекнува блажена состојба на чистота и праведност.

Оние, кои сакаат да пристапат кон Светата Тајна Покајание и кои бараат исцеление од душевните болести, треба да знаат дека таа подразбира минување низ четири фази.

Христијанинот кој се подготвува за Света Тајна Покајание треба да сфати кои се неговите гревови, да го проанализира својот живот и да сфати со што ги нарушил Божјите заповеди, со што ја навредил Божјата љубов кон нас.

Откако ги сфатил своите гревови, Христијанинот треба во срцето да се покае, да плачи поради својата недостојност и да моли за помош од Господ, во иднина да не си ја валка душата со овие гревови.

Откако ќе дојде во Храмот, оној кој се покајал, треба да дојде на исповед и гласно да се исповеда, т.е да ги открие пред свештеникот своите гревови, молејќи го Господ за прошка и ветувајќи дека во иднина, со сите душевни сили ќе се бори со искушенијата, кои го водат во грев и вечна смрт.

Откако ќе ги исповеда своите гревови кај свештеникот, треба од него да добие разрешување, преку читање на особени разрешителни молитви и преку осенување со крсниот знак.

Само доколку помине низ сите овие четири фази, Светата Тајна Покајание се исполнува и Христијанинот се стекнува со благодатно исцеление на душата од гревовната немоќ.

Исто така треба да се напомене, дека исповедта мора да биде лична, лице в лице. Таканаречената заедничка исповед, кога свештеникот им чита молитва на сите заедно, а потоа приоѓаат еден по еден за да добијат „разрешување“, нема потполно духовно исцеление.

Протоереј Александар Торик

Од книгата: Црковен живот за почетници

Библиотека Свети Гаврил Лесновски, Штип 2012

Previous article„Ќе те чекам во Самтавро“ – чудо на старец Гаврил Ургебадзе
Next articleLord's prayer - explanation