Светите Икони

2912

Што се тоа икони и зошто се потребни?

За да сфатиме што е икона („икона“ на грчки значи – лик, слика) треба да ѕирнеме во Светото Писмо.

Во Стариот Завет Бог забранил создавање на било какви слики на Божеството, затоа што Он се уште не се беше јавил во телото, додека во исто време, дотогашните постоечки многубожечки религии изобилувале со слики на лажни богови (идоли).

За да спречи народот Божји да падне во идолопоклонство, Бог ги дал заповедите:

„Јас сум Господ, Бог твој, Кој те изведе од земјата египетска, од домот на ропството. Немој да имаш други Богови освен мене! Не прави за себе идол, ниту некаква слика на она, што е горе на небото, што е долу на земјата и што е во водата под земјата; немој да им се поклонуваш, ниту да им служиш…(2 Мојс.20, 2-5).

Знаејќи дека на човекот му е својствена желба пред себе да Го има ликот на Господа, ги предупредил луѓето да не прават идол од било што создадено од Него, ниту горе на небото, ниту долу на земјата, ниту во водата под земјата. Иако, овие заповеди и не зборуваат за ликот на вистинскиот Бог.

Кога дошло времето и Синот Божји слегол на земјата, овоплотувајќи се од Марија Дева и станал човек, луѓето за прв пат можеле да Го видат, а подоцна и да го насликаат ликот на Бога во тело.

„Бога никој никогаш не Го видел; Единородниот син, Кој е во пазувите на Отецот – Тој го објави“ (Јован 1, 18).

Кога апостолот Филип Го замолил Господа Исуса Христа: „Господи, покажи ни Го Отецот..“, Христос му одговорил: „Толку време сум со вас, и зар не си Ме познал, Филипе ? Кој Ме видел Мене, Го видел Оецот“ (Јован 14, 8-9).

Во книгата Битие од Стариот Завет пишува: „И Бог го создаде човекот според образот Свој, според образот Божји го создаде“ (1. Мојс. 1, 27).

И токму во тој Божји образ, кој му го подарил кога го создал, Бог, во лицето на Својот Син, првпат се овоплотил во тело.

Како се појавиле првите икони?

Самиот Господ Исус Христос го благословил сликањето на Својот лик, дарувајќи им на љуѓето икони како прв свој видлив образ.

Во Светото Предание се вели дека царот Авгар, кој царувал за време на земниот живот на Господа Исуса Христа за сирискиот град Едеса, бил тешко болен од чума.

Откако слушнал дека во Палестина има некој голем пророк и чудотворец Исус, кој учи за царството Божјо и исцелува од секакви болести, Авгар поверувал во Него и го испратил својот дворски сликар Ананиј да му предаде писмо на Исус, со молба за исцеление и да нацрта портрет на Исус.

Кога сликарот стигнал кај Господа Исуса Христа, не можел да го наслика Неговиот портрет, бидејќи „Неговото лице блескало со надземна светлина“. Тогаш Господ го зел од сликарот парчето ткаенина и го принел до Своето Божествено лице, го избришал и на ткаенината, преку благодатната сила, останал отпечаток на Неговиот Божествен Лик.

Откако го добил овој свет лик – првата, неракотворна икона, создадена од Самиот Господ, Авгар ја целивал и за својата вера, по милоста Божја добил исцеление.

Подоцна, кога во Едеса дошол да го проповеда Евангелието апостол Тадеј, еден од седумдесетмината, Авгар и сите жители на Едеса се крстиле и станале Христијани. Авгар, на ткаенината од неракотворниот Лик Господов ги запишал зборовите: „Христе Боже, никој да не се посрами кој се надева во Тебе“ ја украсил и ја ставил во вдлабнатината над градскат порта.

Во 630 година, Едеса ја заземале Арапите, но тие не забранувале поклонение на неракотворниот Лик, чија слава се прочула по целиот Исток.

Во 944 година, царот Константин го откупил неракотворниот Лик од тогашниот муслимански емир, управник на Едеса, и го пренел во престолнината на Православието – Цариград.

Во текот на своето постоење, се додека не бил запленет од страна на еретиците – крстоносци и исчезнал заедно со бродот, за време на бура во Мраморното море (1204 – 1261), неракотворниот лик се прославил со безброј чуда, кои му донеле светска слава. Во разни периоди биле направени голем број негови копии, од кои многу, исто така се прославиле со чуда и исцеленија.

Во Русија од дамнина иконата на неракотворниот Лик била една од најважните икони на Господа Исуса Христа… Од споменатите примери не е тешко да се свати дека Бог, Кој ни Го испрати во тело Својот Син Господ Исус Христос и ни ги дарува своите први ликови – икони, го благослови сликањето на Неговиот лик на иконите и како доказ за Својот благослов, им подарил на многу од оние насликани икони благодатна и чудотворна сила да ги исцелуваат Христијаните, кои им приоѓаат со вера.

Првата икона на Мајката Божја ја насликал светиот евангелист Лука, гледајќи ја Самата Пресвета Богородица. Според Преданието, Пресвета Богородица, кога го здогледала својот прв насликан лик рекла: „Од сега блажена нека ме нарекуваат сите народи. Благодатта на Оној Кој Го родив и мојата, нека бидат на оваа икона“.

Евангелистот и апостолот Лука насликал околу 120 икони

-портрет на мајката Божја, од кои, некои се сочувани и ден денес.

Зборовите на Мајката Божја се исполниле. И не само првата икона на Мајката Божја, туку и илјадници други, се прославиле со мноштво излиена благодат. Скоро во секоја црква постои посебна чудотворна икона на Пресвета Богородица, и доколку за ова ги прашате служителите во црквата, тие ќе ви ја покажат.

Чии ликови вообичаено се сликаат на православните икони?

Освен ликовите на Господ Исус Христос и на Неговата Пречиста Мајка, постојат уште и икони на празници и на Светители.

На иконите на црковни празници, вообичаено се сликаат основните настани од историјата на Црквата: раѓањето Христово, Крштението, Благовеста на Пресвета Богородица, Христовото Воскресение и др.

Овие икони уште биле наречени и „Библија за неписмени“ бидејќи неписмените луѓе, гледајќи ги овие икони, по пат на слики, го изучувале Евангелието и учествувале во божественото откровение.

На иконите се сликаат Архангели, Ангел чувар, Свети Пророци, Апостоли, Маченици, Преподобни и Праведници, со еден збор, сите кои сега се молат за нас на небото.

Во текот на двеилјадагодишната историја на Христијанството, повеќе пати се појавувале, а и денес постојат ереси, кои се борат против почитувањето на иконите (ерес – лажно учење, извитоперување на вистината, прекинување на заедницата со Црквата), чии припадници , почитувањето на иконите го нарекуваат идолопоклонство.

Затоа православниот Христијанин треба да знае дека тој  не му се поклонува на дрвото или на платното со боја, туку на Господа, Чиј лик е насликан на нив. Христијаните не им се поклонуваат на иконите, туку ги почитуваат како светињи, како видлива слика на невидливото Небо, како прозор во Царството Божјо, низ кој ние Го гледаме Господа, Пречистата Мајка Божја и Неговите Светители.

Уште треба да се знае и тоа дека, насликаниот лик станува света икона и средство преку кое се комуницира со жителите на Царството Небесно тогаш, кога ќе го освети православен епископ или свештеник, читајќи посебни молитви и попрскувајќи го со света вода. Во моментот на осветувањето на иконата се излева благодатта на Светиот Дух, која и ја прави светиња, со ликот преку кого ние комуницираме со Прволикот, кого таа го претставува.

Протоереј Александар Торик

Црковен живот за почетници, Библиотека „Св. Гаврил Лесновски“, Штип, 2012

Previous articleUnknowingly good
Next articleFasting is alien to the memory of evil