Многу често имаме прилика да видиме, како децата на многу духовни, верски образовани луѓе, не го познаваат ниту Евангелието ниту црковниот живот, ниту богослужбите: духовниот живот со своите закони и ритам, останува настрана, како специфична линија на родителскиот лик. Мајката одела в црква кај свештеници и старци, строго ги држела постите, мечтаела за подвизи и воздржувања, а децата израснале во незнаење и не слушнале за светот во кој што нивната родена мајка се трудела да живее. Во прашање е или некој вид на егоизам во стилот „Јас се спасувам и баш ми е гајле за другите“ или лажна верска ученост. А ете, Свети Јован Златоуст вели: „Иако ти ја знаеш целата монашка философија, а за оние кои паѓаат не водиш грижа, за ништо нема да имаш храброст пред Бога!“
Семејството, нашите деца, се мало стадо кое ни се дава заради апостолско служење, да го проповедаме Христа.
Домашниот „апостолат“, ако претставува труд кој духовно хранејќи го воспитаникот и на самиот воспитувач му помага да расте. Разговорите на тема за верата, не тераат нас да размислуваме и осмислуваме многу прашања од духовниот живот, да ги систематизираме своите знаења за верата и она што е најбитно, тие знаења да ги поврзуваме со сопствениот живот, на себеси да погледнеме од висините на евангелските заповеди кои и самите ги проповедаме. Зборовите на апостолот се однесуваат на сите христијани, а особено на родителите (1. Петр. 3, 15).
Со децата, едни можат да разговараат без подготовка, а на други им е потребна подготовка, составување на потсетник и преглед. Одбирајќи го материјалот за разговор, корисно е советувањето со искусни луѓе, со духовникот, со постарите од себе, размена на искуства со пријателите.
Битно е разговорите и сите дела од верскиот живот да бидат проткаени со љубов кон Бога и луѓето. Тие можат да бидат „обавувани“ и според должност, но никогаш не би смееле да бидат формални: формалистичкиот однос кон животот на Црквата ја убива верата, особено кај децата.
Подготовка на децата за средба со светот
Во некои христијански семејства, се спроведува систем на изолационо воспитување, т.е. најголема можна изолација на детето од светот. Во нашево време, таквата ориентација е – утопија. Децата треба да се подготват за средба со светот.
Христос, на Тајната Вечера се молел: „Не се молам да ги земеш од светот, туку да ги запазиш од злото“ (Јн. 17, 15). Децата треба да се подготват да не го прифаќаат злото на овој свет, неговите страсти и соблазни. Кај децата треба да се негува способноста да му се спротивставуваат на светот и на своето срце. Способноста да ја чуваат верата сред неверието, чистотата сред нечистотата и гревот.
Христијанинот е син на својот народ, тој се радува со неговите радости и тагува со неговите таги. Вештачката, да не речеме насилната изолација на детето од светот, при средба со него, може да доведе до душевни падови. Сепак, потребно е да се почувствува границата помеѓу нас и светот – ние и светот: бришењето на таа граница кај мнозина довело до духовно-морални падови и губење на верата. Умеењето да се види таа граница и да не се преоѓа, е неопходен услов за христијанското пребивање во светот.
Задача на воспитувањето е – засадување на зачетоци на Христовата вера во срцето, откривајќи ја како радосна полнота на животот и подготовка на децата за тоа, кога ќе пораснат, на било кое животно поле, да се чувствуваат себеси пред се како членови на Црквата.
Малку е – да се биде верник, потребно е да се биде и воцрковен! Единствено само во Црквата и со присуството на нејзините богослужби и свети тајни, можно е искачување по скалите на духовната лествица, приближување кон совршената духовна радост, во извесна мерка пронаоѓање во своето срце уште овде на земјата – Царството Божјо, кое е, според Божјите зборови, „Внатре во нас“ (Лк. 17, 21). Тоа пак, не се дава со воспитување, тоа му е дар од Бога на оној кој бара вистина во чистотата на срцето. Но, воспитувањето е кадро да го расчисти патот за примање на тој дар.
Секогаш треба да се има во предвид дека „…Царството небесно насила се зема и силните го грабаат“ (Мт. 11, 12). Воспитувањето на детето е подвиг каде што љубовта и волјата на родителите, взаемно делува со љубовта и волјата на детето, знаењето и искуството на родителите со дејството на жедта за знаење. Родителите, на патот на воспитувањето ги чекаат радости и неуспеси, кои изискуваат трпение и голема љубов.
Првите молитви…
Тегобите на воспитувањето, во почетокот лежат на плеќите од мајката. Молитвата и духовното бдение треба да ја пратат мајката и во текот на нејзината бременост. Хранејќи го, мајката на почетокот го осенува своето дете со крсниот знак а подоцна, го учи самото да се крсти пред и по јадење. Обично, таа го учи детето на првите молитви. По време, во верското воспитување, особено кај момчињата, расте улогата на таткото.
Кога детето малку ќе порасне, треба да се научи да се поклонува пред иконите, тивко и мирно да стои на молитва пред јадење и да не им смета на возрасните да се молат во други ситуации. Во душата на детето треба да се однегува живата потреба за молитва, свеста за Божјото присуство, за Божјата семожност и љубовта кон луѓето.
Штотуку ќе прозборува, детето треба да се научи да ги повторува првите молитви: „Господи помолуј!“ или „Боже, помогни ни!“ Тоа, исто така може да се моли за членовите на семејството: „Господе, чувај ги мама и тато, сестра ми, баба и дедо…“, потоа детето треба да ја научи молитвата „Оче наш“, „Цару небесен“, „Пресвета Троице помилуј нас“, „Богородице дево“ и др. молитви но, постепено, неоптеретувајќи го детето и неосетно зголемувајќи ги молитвите.
Посетувањето на храмот, за детето треба да биде радосен момент, но не и редок настан. Лошо е ако тоа се претвори во тешко бреме. Затоа, мајките со децата можат и да не присуствуваат на целата служба, од почетокот до крајот: на пример, на бдение е дозволено да се биде само до миросувањето, а на литургијата да се дојде пред „Иже Херувими“.
Многу е корисно на децата да им се раскажува за иконите, за храмот, за смислата на богослужењето, но притоа да се води грижа да не се затрупуваат со информации, но разговорот да се насочува така што детето би се поттикнало да поставува прашања и да пријави интерес.
Потребно е, малите деца, почесто да се причестуваат, заради укрепување на душата и телото. Доенчињата, се подразбира, можат да се хранат и пред Литургија, инаку детето ќе плаче и ќе прави врева во храмот. После навршувањето на седмата година, детето не би смеело пред примање на Светите Дарови, било што да јаде и пие.
Треба да се обрне внимание на подготовката на детето за првата исповед. Во седмата година завршува периодот на рано детство. Од тогаш, човекот одговара за своите постапки и затоа пред причестувањето се исповеда, свесно исповедајќи ги гревовите.
Сосема е недозволиво, првата исповед да биде „општа“ или да биде вршена „на брзина“. Општата исповед не е во склад со каноните, тоа е аномалија појава на современиот црковен живот. За младината, потребно е таа потполно да се исклучи.
Стравот од гревот, способноста за покајание, кај дечињата започнува од најобичното „прости“, за направените невини и непромислени детски постапки. Чувството на одговорност за своите дела, чувството на должност се воспитуваат не само со разговор и поучување, туку и со казна.
Со време, односите „родители-деца“, „стари-млади“ можат да се претворат во релација – духовни пријатели, и тогаш, родителите со децата ќе го поделат не само своето духовно искуство и знаење туку и самите ќе почнат да се богатат и растат, пазејќи и позајмувајќи од духовните опити на сопствените деца.
Не ги лишувајте своите синови и ќерки од детските и младешките разоноди и игри. Паметите ли дека Христијанството е – радосна полнота на животот во Христа.
Свештеник Гљеб Каледа
Превод: Златко Крстевски
Извор: Вистина, 46, Гласник на Преспанско-Пелагониска Епархија, XII,
Подготвила: Надица Атеска Јанева