Вселенскиот патријарх Вартоломеј на Архиепископот Стефан му го предаде Актoт за востановување на црковното општење на Цариградската Патријаршија со МПЦ-ОА

1572

Вчера, 10 мај, 2022, Вселенскиот патријарх г.г. Вартоломеј му го предаде и официјално актот од Одлуката на Вселенската Патријаршија (од 9 мај), со што Цариградската патријаршија го востанови канонското единство со МПЦ-ОА. Делегација на МПЦ-ОА претводена од Архиепископот г.г. Стефан е во неколкудневна посета на Цариградската патријаршија во Истамбул.

Вселенскиот Патријарх  г. г. Вартоломеј, во својот пригоден говор, по вечерната богослужба, истакна:

„Најсвештен Архиепископе Охридски, господине Стефане, со Вашата чесна придружба,
Сечесни претставници на братските Цркви на Ерусалим и Кипар,
Свештени и Богољубиви браќа Јерарси,
Чеда во Господа возљубени,

…Денес, браќа мои, кога наскоро ќе се исполни великиот ден на Педесетница, стаса и многукопнежниот час на решение за еден долг и болен раскол во Телото на Едната, Света, Соборна и Апостолска Црква.

Денес помеѓу нас стојат овде, во сечесниот и севидлив Католикон на нашиот свет, патријаршиски и ставропигијален Манастир на Живоносниот Источник, Балаклија, Најсвештениот во Христа брат, Архиепископот Охридски г. Стефан и неговата чесна придружба, за да го примат од нашите раце Патријаршискиот и Синодален Акт за востановување на црковното општење на нивната Мајка, Великата Христова Црква со нив, а од неа и преку неа со останатите помесни, свети Божји Цркви, преку врската на љубовта, единството и евхаристиското зближување преку взаемна почит.

Денес станува голема радост на небото, зашто одамна скинатата риза на Господа се обновува, цела и неповредена, со иглата на Светиот Дух.

Денес мноштвата на Православните се радуваат за враќањето на христоносниот народ во прегратките на Мајката Црква.

Денес Константинополската Велика Христова Црква извикува радосно: – Дојдете и видете ја Мајката што се радува за своите чеда.

Денес се радуваат душите на овде покојните, секогаш спомнувани наши претходници Атинагора и Димитриј, бидејќи во Црквата на Небесата го уживаат овој миг, кој го очекуваа педесет и пет години.

Денес се уверуваме во точноста на нашата вера, зашто најјасно се покажува вредноста на црковната двонасочност и нераскинливата врска помеѓу нејзините Ороси и Канони.

Денес, значи, уште еднаш се покажува вредноста не само на Оросот на светиот Четврти вселенски собор во Халкидон, но и на каноните кои го запазуваат единството и целоста на Господовото Тело, преку поставувањето на тешки и свештени одговорности врз рамената на секој Архиепископ Константинополски. Се сеќаваме на зборовите што во врска со ова ни ги напиша Вашата љубов пред четири години: „оној што владее врз Седумридниот (Град) и ги надгледува над сите редовни и вонредни, свештени прашања на Соборната Црква“ (22 октомври 2018).

Одговорноста на Константинополскиот за Еклитон, на која се сетивте и Вие, Свети Охридски, во скорешното Ваше благодарствено писмо кон Вашата Мајка Црква, потпишано и од сите чесни Архиереи околу Вас, не претставува привилегија, но жртва и исцрпување, заради спасението на верните…

Свештенејши Архиепископе г. Стефане, Мајката Црква Константинополска болуваше, се молеше, долго трпеше, очекуваше, се надеваше, советуваше и се подготвуваше за наоѓање решение за проблемот што ја засегаше Вашата помесна Црква…

Ги разбираме вашите потешкотии, искрснатите дилеми, внатрешните соображенија, променливите различни мислења; но решенијата сакаат жртва и храброст. Така ја чувствуваме и радоста на сите вас за настанатиот развој. Од денес, кога добивате положба и служба во сесвештеното Тело на Црквата, се надеваме дека ќе се покажете еднакво достојни на благонаклонетоста на Великата Христова Црква кон вас…

Го благословуваме Народот на најсветата Охридска Архиепископија. Ја поздравуваме видливата, добра и братољубива расположба на најсветата Црква на Србија кон вас. Очекуваме и официјално известување од вас за напредокот на дијалогот помеѓу вас. На крај, ви го врачуваме востановителниот за црковното општење Патријаршиски и Синодален Акт и го претвкусуваме сослужението со вас на претстојната недела на Педесетница, а Бог на мирот нека биде со сите вас, амин (Рим. 15,33)“.

Текстот на Беседата е преземена од сајтот на МПЦ-ОА

Архиепископот г. г. Стефан топло се заблагодари кон неговата Сесветост Патријархот г.г.Вартоломеј и му подари икона – копија на познатата икона „Благовештение“ со потекло од престолниот и древен град седиште на Охридската Архиепископија.

Патријархот Вартоломеј примајќи го подарокот се поклони и ја целива иконата на Благовестието – празникот патрон на древната Охридска Архиепископија –  благовестителката на Благата вест, која по нејзиното неканонско и нецрковно „укинување“ во 1767 г. само со акт на Османлиски султан, при што задкулисно учествуваше и тогашниот Цариградски патријарх, се возобнови од Македонската свештена ерархија и благочествивиот богобојазлив Македонски народ во лицето на Македонската Православна Црква во 1959 (како автономна) и 1967 г. (како автокефална). Конечно, по 55 г., Цариградската Патријаршија со Одлуката од 9 мај 2022., реши да го прифати канонското единство и да сослужува со МПЦ-ОА.

Со Одлуката на Светиот Архиерејски Собор на СПЦ од 16 мај, оваа година, се обнови и канонското единство меѓу СПЦ и МПЦ-ОА, а откако беа решени и останатите црковно-управни и канонски прашања, согласно канонскиот поредок и предание, со Одлуката од 20 мај, оваа година, СПЦ ја призна автокефалноста на МПЦ-ОА, и при тоа ѝ издаде Томос за Автокефалија – претставувајќи ја и препорачувајќи ја пред семејството на останатите помесни Цркви како автокефална.

Previous articleСПЦ и официјално со Томос ја призна полната автокефалност на МПЦ – ОА и со никакви условувачки одредби не ја ограничи нејзината автокефалност и устројство во поглед на нејзиното име, опсегот на нејзината јурисдикција и пастирската грижа за нејзиниот верен Македонски народ во татковината и дијаспората
Next articleПрославен празникот на преподобен Наум Охридски во неговиот манастир во Роклин