Дванаесет параболи изговорени од Христос за Царството Небесно

3056

Царство Небесно. Што е тоа, и каде е? Во философските и религиозните книги, за Царството небесно се говори како за нешто кое е на оној свет. Одговор на ова прашање според учењето на Црквата, не може да даде секој човек. Но во исто време, Господ во Новиот Завет го спомнува Царството Небесно педесет пати, и триесет и два пати Царството Божјо…

Во продолжение ви принесуваме дванаесет евангелски параболи, изговорени од Христос во евангелијата.

Парабола за сејачот (Мат. 13, 3-8)

И им говореше многу во параболи, велејќи: „Ете, излезе сејач да сее; и кога сееше, едни зрна паднаа покрај патот, долетаа птици и ги исколваа. Други паднаа на каменито место, каде што немаше многу земја, и набргу проникнаа, оти земјата не беше длабока. Но, штом изгреа сонцето, тие свенаа, па, како да немаа корен, се исушија. Некои паднаа во трње и израсна трњето и ги задуши. Други паднаа на добра земја и дадоа добар плод: едно сто, друго шеесет, а друго триесет.

Парабола за невидливото растење на семето (Марко 4, 26-29)

Па рече: „Царството Божјо прилега на човек што фрлил семе в земја, па спие и станува ноќе и дење; а како никнува и како расте семето, тој не знае. Зашто земјата сама од себе донесува плод, најнапред трева, па клас, а потоа и полно зрно во класот. А кога узрее плодот, одеднаш испраќа срп, зашто дошло времето за жетва.”

Парабола за каколот (Мат. 13, 24-30)

И друга парабола им кажа, велејќи: „Царството небесно прилега на човек, што посеал добро семе на својата нива; но, кога спиеја луѓето, дојде неговиот непријател и посеа меѓу житото какол, па си отиде. А кога израсна растението и донесе плод, тогаш се појави и каколот. И кога дојдоа слугите на стопанот, му рекоа: »Господаре, нели добро семе посеа на нивата своја? Од каде сега, пак, овој какол во неа?« А он им рече: »Човек непријател го прави тоа.« Слугите, пак, му рекоа: »Сакаш ли да одиме и да го исплевиме?«  Но тој им рече: »Не, да не би, корнејќи го каколот, да искорнете заедно со него и жито; оставете нека расте и едното и другото заедно, до жетвата; а по жетвата ќе им кажам на жетварите: соберете го најнапред каколот и врзете го во снопови, за да се изгори; а житото приберете го во мојата житница«.”

Парабола за синаповото зрно (Мат. 13, 31-32)

И друга парабола им кажа, кога рече: „Царството небесно прилега на зрно синапово, кое човек го зема и посеа на нивата своја; тоа е најмало од сите семиња, но, кога ќе израсне, поголемо е од сите растенија, па станува дури и дрво – така што птиците небески долетуваат и застануваат на неговите гранки.”

Парабола за работниците во лозјето кои добија еднаква плата (Мат. 20, 1-16)

Зашто царството небесно прилега на домаќин, кој излегол наутро рано да најми работници за своето лозје. Па, штом се погоди со работниците по динариј на ден, ги прати во лозјето свое. Потоа, кога излезе околу третиот час и виде други како стојат на пазариштето без работа, им рече: »Одете и вие во моето лозје, па што е право, ќе ви дадам.« И тие отидоа. Пак излезе околу шестиот и деветтиот час и направи исто. А околу единаесеттиот час одново излезе и најде други, како стојат без работа, и им рече: »Зошто стоите тука цел ден без работа?«  Тие му одговорија: »Никој не нè повика.« А тој им рече: »Одете во моето лозје и, што е право, ќе добиете.« А кога се стемни, господарот на лозјето му рече на својот настојник: »Повикај ги работниците и плати им, почнувајќи од последните па до првите.« И дојдените околу единаесеттиот час добија по динариј. А кога дојдоа првите, помислија дека ќе примат повеќе; но и тие добија по динариј; и штом добија, негодуваа против господарот и велеа: »Оние последните работеа еден час, а ти ги изедначи со нас, што ја претрпевме тегобата на денот и жегата.« А тој им одговори и му рече на еден од нив: »Пријателе, не те онеправдувам: нели се погоди со мене за динариј? Земи си го своето и оди си; и на овој, последниов сакам да му дадам колку и на тебе; зар немам право да чинам со своето, што сакам? Или ти е окото завидливо, оти сум добар?« Така ќе бидат последните први, а првите – последни; зашто мнозина се повикани, а малцина избрани.”

Парабола за драгоценоста, скриена во нива (Мат. 13, 44)

Царството небесно прилега уште и на драгоценост, сокриена во нива, која ја нашол човек и прикрил, па, од радост за неа, отишол и продал сè што имал, и ја купил таа нива.

Парабола за поканетите на свадбата (Мат. 22, 2-14)

Царството небесно прилега на човек цар, кој направи свадба на сина си, и ги испрати своите слуги да ги повикаат поканетите на свадба; а тие нејќеа да дојдат. Потоа испрати други слуги и им рече: кажете им на поканетите: »Ете, приготвив јадење; јунците мои и сè што е угоено се заклани, и сè е готово; дојдете на свадба!« Но тие не сакаа да знаат за тоа, а си отидоа: кој на нива, кој по трговија; а некои, пак, ги фатија неговите слуги, ги исмеаја и ги убија. Штом чу за тоа царот, се налути, испрати своја војска и ги погуби убијците и им го изгоре нивниот град. Тогаш им рече на слугите свои: »Свадбата е готова, но поканетите не беа достојни. Затоа одете по раскрсниците и, колку души ќе најдете, поканете ги на свадба!« И како излегоа слугите на раскрсниците, ги собраа сите што ги најдоа – и лоши и добри; и се наполни свадбениот дом со гости. Кога влезе, пак, царот да ги види гостите, забележа еден необлечен во свадбени алишта. Па му рече: »Пријателе, како влезе овде, необлечен во свадбена руба?« А тој молчеше. Тогаш царот им рече на слугите: »Врзете му ги рацете и нозете, земете го и фрлете го во крајната темнина; таму ќе биде плач и крцкање со заби; зашто, мнозина се повикани, а малцина избрани«.”

Парабола за квасот (Мат. 13, 33)

И друга парабола им кажа: „Царството небесно прилега на квас, што го зема жена и го клава во три мери брашно, дури не скисне сето.”

Парабола за мрежата (Мат. 13, 47-50)

Царството небесно прилега, исто така, и на мрежа, која се фрла во морето и уловува секакви риби: и кога ќе се наполни, ја извлекуваат на брегот и седнуваат, па добрите риби ги собираат во садови, а лошите ги фрлаат. Така ќе биде и при свршетокот на светот: ќе излезат ангелите и ќе ги одделат лошите од праведните, и ќе ги фрлат во вжарена печка: таму ќе биде плач и крцкање со заби.”

Парабола за десетте девојки (Мат. 25, 1-13)

Тогаш царството небесно ќе заприлега на десет девојки, кои ги зедоа своите светилници и излегоа да го пречекаат младоженецот. Петте од нив беа мудри, а петте – неразумни. Неразумните, како ги зедоа светилниците свои, не понесоа со себе елеј; а мудрите, заедно со светилниците, зедоа во садовите свои и елеј; и бидејќи младоженецот се забави, сите задремаа и заспаа. А на полноќ се чу викање: »Ете, младоженецот иде, излезете да го пречекате!« Тогаш сите тие девојки станаа и ги приготвија своите светилници. Неразумните, пак, им рекоа на мудрите: »Дајте ни од елејот ваш, зашто нашите светилници гаснат.« Мудрите им одговорија и рекоа: »Да не би да не ни стигне и нам, и вам: подобро отидете кај продавачите и купете си!«  А кога отидоа тие да купат, пристигна младоженецот и спремните влегоа со него на свадбата, и вратите се затворија. Потоа дојдоа и другите девојки и викаа: »Господаре, господаре, отвори ни!« А тој им одговори и рече: »Вистина, ви велам: не ве познавам!« И така, бидете будни, оти не го знаете ни денот, ни часот, кога ќе дојде Синот Човечки.

Парабола за бисерот (Мат. 13, 45-46)

Царството небесно прилега и на трговец, кој бара убави бисери;  па, штом најде едно зрно скапоцен бисер, оди и продава сè што има и го купува.

Параболата за немилосрдниот должник (Мат. 23-35)

Затоа царството небесно прилега на цар, кој побарал да ја расчисти сметката со своите слуги. Кога почна да ја расчистува сметката, доведоа при него еден што му должеше десет илјади таланти; па, бидејќи немаше со што да плати, господарот негов нареди да го продадат него, и жена му, и децата негови, и сè што имаше, за да наплати. Тогаш тој слуга падна пред него на колена и му се клањаше говорејќи: »Господаре, стрпи се спрема мене и сè ќе ти платам.« А Господарот на тој слуга, кога се смилува, го пушти и му го прости долгот. Слугата, пак, штом излезе, најде еден од другарите свои, кој му должеше сто динарии, и кога го фати, го давеше и му велеше: »Исплати ми што ми должиш!« Тогаш неговиот другар падна ничкум пред нозете негови, го молеше и велеше: »Стрпи се спрема мене и сè ќе ти исплатам!« Но тој не сакаше, туку отиде и го фрли во затвор, дури не му го исплати долгот. Другарите, пак, негови, кога го видоа тоа што стана, многу се огорчија, па отидоа и му кажаа на својот господар за сè што се случи. Тогаш господарот негов го повика и рече: »Лукав слуго, јас ти го простив целиот долг, зашто ми се молеше; не требаше ли и ти да се смилиш над својот другар, како што се смилив и јас над тебе?« И се разгневи господарот негов, па го предаде на мачители, додека не му го исплати целиот свој долг. Така и Мојот Отец небесен ќе направи со вас, ако секој од вас не му ги прости од срце гревовите на брата си.”

Преземено од: www.pppe.mk
Извор: http://spbda.ru

Previous articleМитрополит Петар: Се радуваме што БПЦ сака да ни помогне, меѓутоа сметките уште на почетокот да ни бидат чисти
Next articleReceive everything in life as the mercy and truth of the Lord’s ways