Во слава на Бога – Богослужбени книги на македонски јазик. Промоција на книги и изданија во црквата „Света Петка“ во Мил Парк

3306

На 29 Јануари 2017,  во навечерието на празникот Свети Антониј Велики, во МПЦ „Света Петка“ во Мил Парк, по вечерната богослужба, беа промовирани: Преводите на богослужбените книги на современ македонски литературен јазик, книгата: Духовна доктрина на Свети Климент Охридски на митрополитот г. Петар Каревски и книгата Свештеници – маченици на м-р. протопрезвитера Билјана Петковска.

01

Најпрво беше претставен Проектот кој во 1999 година, беше именуван: Преведување и препев, рецензирање, лекторирање, техничко средување, печатење и издавање на богослужбените книги, и тоа:

Месечниците или Минеите од Јануари до Декеври – 12 тома; Осмогласникот од 1 до 8 глас – 2 тома ; Цветен и Посен триод – 2 тома; Изборник на празнични и месечни богослужби: 2 тома; или вкупно 18 книги. Проектот целосно беше реализиран минатата година.

На 25-ти Декември 2016, во рамките на прославата на 1100 годишнината од упокојувањето на Св Климент Охридски, како и 35 години од хиротонијата на Митрополитот г. Петар, во Битола, официјално беа промовирани преводот на богослужбени книги на современ македонски литературен јазик, а промотор беше Неговото блаженство Архиепископот Охридски и Македонски г.г. Стефан.

На самиот почеток, пред присутните во Мил Парк, беше прочитано промотивно слово на Архиепископот г.г. Стефан, во кое меѓу останатото се вели:

00 (2)

„Ретко кој народ – ќе се осудам да кажам – особено никој од словенските народи, ги има преведено на својот современ јазик Минеите но и другите богослужбени книги, како Цветниот и Посниот Триод, Октоихот, Ирмологионот, па дури не постои ни книга – избор на богослужби на современ јазик за Светителите кои имаат најголем култ, како што еве, имаме ние – Македонскиот народ и Македонската православна црква. Овој факт укажува на нашата преданост на активното проповедање на словото Божјо и во унапредувањето на мисијата на нашата света Црква, која вложува многу во живото сведоштво на христијанското предание.“

По исчитувањето следуваше пригодно слово од Митроплитот г. Петар, кој истакна:

“…Црквата „Св. Петка“ во Мил Парк, која го потикна и во најголем дел го реализира овој проект, иако е една од најмладите црковни општини во целата МПЦ, е жива црква и претставува пример за сите останати, за тоа како треба да работи и да биде организирана една црква и парохија…“

04

Следуваше обраќањето на г-динот Вангел Патеров, кој на англиски го појасни патот по кој црквата „Света Петка“ минуваше се додека не дојде до она што е сега и она што го принесува оваа вечер.

Свој збор зеде и парохискиот свештеник при црквата протоерејот Тоне Гулев. Тој рече:

„Во однос на овој проект, се започна кога верници при Св Петка во Мил Парк, во 1998, само една година по основањето на оваа црква, се пожалија дека не го разбираат доволно јазикот на кој се пее и чита во црквата. Тоа беше доволно за да се праша владиката дали може да се проба да се преведуваат службите од стариот македонски јазик, во црквата познат како црковно-словенски, на нов литературен, современ македонски јазик. Откако Митрополитот Петар го даде својот благослов, на почетокот од 1999 година, беше направен контакт со професор д-р отец Јован Таковски со барање до него, да нѝ помогне, да бидат преведени богослужбите поврзани со Велигден, и истиот превод да се употребува за Велигден. Тој се согласи да ги преведе богослужбите поврзани со страсната седмица и Велгден. Три недели пред Велигден 1999, верниците ги имаа на македонски литературен јазик споменатите богослужби.

07

Направивме копии од текстот и го поделивме на вериците. Тие научија да ги употребуваат текстовите, да ги пеат црковните песни и читаат преведените текстови. Со солзи во очите се радувавме. Се случуваше прекрасниот дар, Божјата благодат да биде со нас, дарот на возобнувањето, на подмладувањето, на пресоздавањето, и тоа:

Црквата „Света Петка“ беше стар храм изграден во 1861 година и речиси на распаѓање, кога во 1997 година, со благослов на Митрополитот г. Петар беше купена и постана дел од Македонската православна црква, Епархија за Австралија и Нов Зеланд. И покрај тоа, во неа и околу неа неа бликаше Божјата благодат, која создаваше преку вредните раце на верниците прекрасни работи: нова внатрешна црква изградена во православен стил, нов иконостас, нов фреско-живопис, нова градина околу црквата.

Истото се случуваше и со богослужбените текстови: Божјата благодат се излеа и создаде жива црква. Истата благодат се излеваше преку Митрополитот г. Петар, преку вредните раце на отец Јован, на отец Игор Никовски и останатите, да се создаде ново, возобновено, подмладено во сите текстови на богослужбените книги. И се создаде, се преведоа сите текстови, и тие денес се пред нас. Таа Божја благодат не собра денес, вечерва овде. Му благодариме на Бога за сè.

Во Мај 2000 година, Управниот одбор на „Света Петка“ – Мил Парк, со благослов на надлежниот епархиски Архиереј на Австралиско – новозеландската епархија, донесе одлука, да се преведуваат сите богослужбените книги, а преведувач да биде професор-доктор, протоереј Јован Таковски. Тој, пред да прифати, најпрво запраша: дали има благослов од Епископот – Митрополитот г. Петар? Откако му потврдивме, прифати и делото започна. Мотото на делото беше: во слава на Господа, а за добро на сите оние кои сакаат да ги разбираат текстовите на свој мајчин македонски јазик.

Издавач е Македонската православна црква: Црква ,,Св. Петка“ – Мил Парк, Мелбурн, Викторија – Австралија, Австралиско-новозеландската епархија и Преспанско-пелагониската епархија.

Следуваше време на молитва, мислење, работа, преведување, препевување, проверка на текстот, рецензирање, лектурирање, донесување на одлуки, кои богослужби на светители треба да се додадат, каков треба да биде квалитетот на об06 (2)вивката на книгата, хартијата колку треба да биде тешка на секој лист на печатењето, каков фонт на текстот да се употребува, како треба да се синхронизира текстот… итн. И времето течеше, неделите, месеците поминуваа и стануваа години. И стигнавме до крајот.

Денес, пред нас ги имаме преведените книги. Ние не ги напишавме, ние немаме и некоја посебна заслуга во ова дело. Тие се напишани од боговдахновените отци и мајки. Ние само работевме на нивата Господова. Ние остануваме и понатаму непотребни слуги божји кои сакаат да престојуваат по Божјата милост во Божјата промисла, гледајки кон вечниот живот.

Верувам дека секој кој ќе ги чита, кој ќе ги употребува овие книги секојдневно, вака преведени на свој разбирлив мајчин македонски јазик, и се потруди да живее според упатствата кои доаѓаат од зборовите, текстовите, молитвите од овие книги, ќе го најде својот мир на земјата, ќе го исчисти своето срце за Бог да најде свој дом во него, ќе си го најде своето место во Божјата промисла на своето постоење овде на земјата, и ќе се стекне со вечен живот.

Затоа да ги имаме овие книги во нашите домови, во нашите животи, и преку нив да разговараме со Бога.“ – рече отец Тоне Гулев.

Потоа беше поканета, госпоѓицата Емилија Стерјова, која со само 20 години е најмладата советничка при градската општина Витлси, во чиј округ се наоѓа црквата. Таа рече, дека е чест да се биде вечерва овде, по повод овој настан, и посака и во иднина да следуваат многу вакви успеси. Со Господ напред!

08

Следуваше промовирањето на книгата-магистерскиот труд на Митрополитот г. Петар со наслов „Духовната доктрина на Свети Климент Охридски, одбранета во 1982 година на Понтификалниот универзитет Грегоријана во Рим.

Честа да биде промотор ја имаше игуменот Никодим Солунчев кој го истакна значението на трудот посветен на духовното учење на Свети Климент Охридски во неговите пишани поуки и слова. Тој меѓу другото додаде:

„Kнигата содржи сериозен систематски теолошки приод кон една исклучителна значајна тема како што е духовното учење на Свети Климент. Авторот, сепак вели дека, трудот нема претензии да ги исцрпи духовните теми во записите на Свети Климент, ами да даде преглед и повеќе да биде една насока за идните генерации – богослови – Светиклиментовите пишани слова и духовно учење, да им бидат предмет на идни и пошироки истражувања.

IMG_2066

Авторот и покрај научниот приод и теолошката елоквентност, во книгата наоѓа начин да се изрази јасно и чисто, со цел таа да биде читлива и разбирлива за секаков читател. На тој начин книгата станува четиво за Свети Климент од кое секој, по молитвите на Светителот, би се здобил со духовна полза.“

За крај во низата промоции, следуваше промовирање на книгата ,,Свештеници – Маченици: репресијата над македонското домородно свештенство по Втората светска војна“ од протопрезвитера м-р Билјана Петковска, во издание на Преспанско – пелагониската епархија. Промотор на ова исклучително дело беше архиерејскиот заменик протоереј Јовица Симоновски.

10

Тој на сликовит начин ги претстави сите страдања, репресии, измачувања, па дури и убиства, извршени од страна на комунистичката власт над домородното свештенство кое се бореше за афтокефална Македонска православна црква во Македонија.

Завршен збор зеде митрополитот г. Петар, уште еднаш истакнувајќи ја важноста на истражувањето на протопрезвитерата м-р Билјана Петковска, во контекст на поновата историја на Македонската Православна Црква.

Ги издвои маченичките страдања на неколкумина свештеници опишани во книгата, а посебно убивството на свештеникот Евтимиј (Драги) Спасов од Радовиш од страна на тогашната комунистичката власт. Неговото Високопреосвештенство за личноста на овој свештеник говореше со голема почит, и изрази надеж дека во скора иднина ќе се покрене постапка за негова канонизација, но и на други свештеници-маченици од тој период.

По завршувањето на промоцијата во црковната сала следуваше богата Трпеза на љубовта.

20170129_Promocija_Vo_SvPetka_MIllPark_03 20170129_Promocija_Vo_SvPetka_MIllPark_07 07 09 03 13 14 15

Previous articleАрхиерејска Литургија во Црквата „Свети Илија“ во Футскрај, Мелбурн
Next articleСвети Силуан Атонски / Филм