Домашно воспитување

3108

Детето, додека е мало, сè прима во своите чувства, и како што детето расте, потребно е во него да се поттикне волјата. Уште од раната возраст детето ќе живее влечено од желбите и чувствата, зашто, разумот во него сеуште не созреал, а разумот треба да се исполнува со разни наравоученија и логични уверувања.

Воспитувањето во семејството, започнува со тоа што, детето се учи да биде послушно

Штом тоа ќе се привикне на послушност, ќе биде полесно натамошното воспитување. Во почетокот, воспитувањето се сведува на забрани: не прави го тоа, не чини така да работиш, тоа не е убаво и т. н. Но, како што детето расте така е потребно да му се обрнува што повеќе внимание, да се насочува и да се учи. Тука среќаваме два типа воспитни дејства: едни родители применуваат казни, а други пак, поаѓаат по религиозниот пат.

Физичките казни, се применуваат само кога се неопходни, но, ако е тоа често, и ако станат главно средство за воспитување, може да се заврши со непријатни последици. Најнапред, детето се привикнува да ги исполнува обврските со физичка казна, и нема да научи да работи поттикнато од внатрешните потреби и желби. Ако пак казнувањата бидат пречести, ќе се постигнат други, несакани ефекти. Детето ќе биде несреќно, срамежливо и нема да верува никому. Ваквиот тип на воспитување, може да остави тешки последици врз неговиот карактер.

Многу поуспешно делува религиозниот начин на воспитување. Со ова воспитно дејство, родителите не употребуваат физички казни кога децата не ги реализираат нивните наметнати правила, туку правила кои од децата ги бара Господ Бог. Кон верата детето треба да се учи, така што ќе му се укажува: „Не прави го тоа – Господ тоа не го сака, тоа не чини – Бог тоа не го дозволува или ако така работиш – Господ ќе те казни“. И ако детето се повредило (удрило или изгорело) заради својата непослушност, треба да му се говори: „Ете, гледаш, Бог те казни затоа што не Го послуша“.

Постепено, чекор по чекор, родителите можат да го научат детето да чувствува потреба, да е зависно од Господа. Ако детето почне да работи нешто што не е добро или нешто што е прикриено и тајно, треба да му се говори: „Немој да мислиш дека Господ не те гледа што правиш, Тој сè гледа“, а при тоа да му се покаже икона. Кога едно дете, сакало да украде бомбона од креденецот, пред да ја украде бомбоната, ја завртело иконата од задната страна, сметајќи дека така Бог нема да го види, но неговата мајка му објаснила дека Господ се наоѓа насекаде, сè гледа и да се сокриеш од Него не е можно.

Но детето не треба да се заплашува со името Божјо. Поважно е воспитувањето на детето да се моделира врз основа на Божјиот авторитет.

Потребно е да му се објасни дека Господ ќе му помага во сè што е добро и дека главниот пат за помош од Господа е молитвата

Детето е должно да запамети дека без Божја помош ништо не се постигнува. Притоа, неопходно е детето да се научи да му заблагодарува на Господа за сè што има, за здравјето, за радоста и за храната со која се храни. Детето мора да се научи да се моли и за своите родители. Најголемо воспитно значение за детското сознание има претставувањето на Бога како Небесен Татко (Отец), Кој нè сака и се грижи за нас. На пример, кога детето ќе остане само дома или со непознати лица, родителите треба да го утешуваат на следниов начин: „Ти не си сам, со тебе е Господ, Тој те чува“. На детето треба да му се раскаже за ангелот чувар кој секогаш бдее над него и со тоа ќе се одучи да се плаши од самотија и темнина.

Многу е битно, да му се даде до знаење дека љубовта кон Бога е поголема од сите богатства. За да не избледат овие подучувања и претставувања, важно е да се поткрепат со црковни предмети и определени активности: со крвчиња, со посета на богослужби во храмовите, целивање на иконите, домашна молитва, пиење на света водичка, чести причестувања, поклонувања и.т.н. Така, детето станува дисциплинирано, учи да следи одредени правила и станува послушно на Божјата волја. Во зависност од возраста и развојот, родителите се должни кај своите деца, полека и трпеливо да ја всадат покорноста кон Господа. Подоцна, таа покорност ќе се изрази во правичноста, скромноста, незлобноста, постојаноста и умните и вредни делувања… Ако при тоа се почитуваат и обичаите на православното семејство, постите и празниците, во детето ќе се појави благопријатно чувство кое може да го засени и направи непотребно секое физичко казнување. На пример, ако го исклучиме религиозниот метод на воспитување и ја исклучиме христијанската вера од животот на едно семејство, ќе видиме дека таму често се користат физички казни, некорисни наравоученија, не се внимава на чувствата и желбите на детето или пак се оди во друга крајност, детето се препушта на своеглавост, непримерност и распуштеност. Сето тоа, не му е од полза на детето.

Различните методи на воспитување се причина за тоа што децата од различни семејства многу се разликуваат едно од друго. Едни се поверливи, весели, успешни во сè што е добро, жалат заради несреќата на другите, додека пак други се незадоволни, неповерливи, без чувство и разгалени со многу желби. Чистото, светско модерно воспитување, го лишува детето од најважните и највисоки човечки вредности. Во секое воспитување, особено во религиозното, најдобро влијание имаат не само зборовите, но и личните примери. Приказните од луѓето кои се блиски со детето, кои секој ден и час се со него и делуваат на неговата психа и душа. Децата се среќаваат со две групи луѓе, со своите домашни и со школските другари, соседи и луѓето од улица. Семејството се труди да му даде на детето добар пример, но другарите, соседите и децата од улица, често пати лошо влијаат. Тоа не значи, дека на детето треба да му се забрани контакт со околината. Таквата забрана ќе го наруши искуството што детето веќе го стекнало со околината, и на овој начин, тоа би се лишило од неопходните подготовки за понатамошен живот. Најважно е, детето да се дружи со културни и христијанско воспитувани деца и примерот од семејството да преовладее над евентуално лошото надворешно влијание. За да би се добило такво влијание на детето, членовите на семејството, неопходно е будно да бдеат над него, за да тие би биле авторитет на детето, а тоа треба да го покажат и поткрепат со добар пример. За успешно воспитување, од родителот се бараат повеќе вредности: љубов спрема детето, правилен однос кон него, доследност во постапките. Како децата ќе ги научиме, така ќе се однесуваат. Со користењето на овие не лесни фактори, родителите подобро и поуспешно ќе си ги воспитаат децата.

Младите брачни другари, кога ќе добијат деца, нежно ги надгледуваат, се трудат да им дадат добар пример, почнуваат сами да се грижат за нив и ги самовоспитуваат. Од ова може да се заклучи дека родителите не само што ги воспитуваат своите деца, туку и децата благотворно делуваат на своите родители. Пожелно е, двата родители да бидат верници, да и припаѓаат на единствената Православна Црква. Во случај на мешовит брак (православен со римокатолик или муслиман), многу е важно, да се постигне согласност (најдобро пред стапување во брак), децата да бидат крстени и воспитувани во православен дух.

Неслогата на родителите кога е во прашање верата, различните верувања, расправиите за ваквите принципиелни прашања во присуство на децата, поттикнуваат раздвоеност, несигурност во детските души и тоа може многу да ги повреди. Затоа, родителите се должни, во потполност да ги избегнуваат расправиите на оваа тема пред децата. Кога децата ќе ја почувствуваат неслогата кај родителите, тие тоа го земаат при срце и лошо го толкуваат. Од родителот ја читаат пораката: „На кого сум му јас потребен“.

Во присуство на детето, родителите во никој случај не смеат да се критикуваат еден со друг, да не се понижуваат, зашто тоа го поткопува авторитетот на двата родитела.

Родителите се должни да внимаваат што разговараат пред децата. Некои размислуваат „мали се, не разбираат“. Но, детето иако не разбира со разумот, со внатрешните чувства ја сваќа суштината на разговорот и тоа остава негативен впечаток во неговите мисли. Така може да се повреди душата на детето.

Најдобро е воздржување од некои теми пред децата, да се избегнуваат исмејувањата на луѓето, да не се прави небитно она што на детето му е свето, да не се критикува учителот, духовноста и др.

„Тешко на тој, кој соблазни едно од оние мали, рече Христос, за него е подобро да му се обеси воденички камен на вратот и да потоне во морската длабочина“ (Мт. 18, 6).

Епископ Александар Милеант

Вистина, 46, Гласник на Преспанско-Пелагониска Епархија, XII

Превод од руски: Софија Килибарда

Previous articleСвета Литургија во црквата Света Богородица - Пречиста во Ливерпул
Next articleСодомијата и хомосексуалноста носат брз Суд