Воскреснување на еден нарко-зависник - чудо на преподобен Гавриил Ургебадзе

2411

Овој настан се случил на 14 октомври 1998 год., на празникот Собор на Дванаесетте Апостоли во Мцхета, стариот главен град на Грузија.

Раскажува Георгиј:

Во тоа време живеев со семејството во Тбилиси. Јас бев нарко-зависник.

Tој ден, мојот другар, кој со семејството се подготвуваше да оди на богослужба во чест на празникот Свети Апостоли, ме повика и мене да отидам со нив. Признавам во тоа време бев под дејство на наркотични средства, и се однесував рамнодушно кон верските празници, но се согласив да отидам, и да ги придружувам на манифестациите посветени во чест на празникот на градот Мцхета.

Бевме на концерт, а потоа отидовме во ресторан. Кога дојде време да се враќаме дома, жената на мојот другар Тамара ни рече, дека во Мцхета се наоѓа гробот на познатиот чудотворец, архимандритот Гавриил, и ни предложи да отидеме на неговиот гроб и да се помолиме. Бевме принудени да се согласиме, но јас не се поклонив пред гробот на старецот, туку влегов само во дворот на манастирот Самтавро.

Се сеќавам, иронично извикав по неа:

Запали една свеќа за мене, и помоли го да ме спаси!

Вечерта, кај мене дома, дојде еден мој познаник и ми покажа „одличен“ хероин. Во тоа време, јас и така бев под дејство на наркотични средства, но да се откажам беше „под моето достоинство“…

Што се случуваше понатаму, не се сеќавам.

Ме извлекоа од кујната. Родителите, кои беа дома, повикаа брза помош. Лекарите безуспешно се обидуваа да ми помогнат. По првата брза помош, дојде втора, трета, четврта… Околу домот се насобра цела колекција на автомобили од итната помош. Дојде и мојот брат. Сите плачеа. Сите четири екипи од брзата помош ми ставаа инекции со „наркан“ од 5 милиграми (вкупно 20 мг.)! Кој се разбира во медицината, знае дека оваа доза може да воскресне и мртовец, но и тоа не ми помогна. Потоа ми ставија адреналин во срцето, а се обидоа и со неколку електрошокови, но се беше залудно…

Помина 45 минути од мојата смрт.

Четирите екипи од брзата помош, безуспешно се обидуваа да ми помогнат…

Приближно после еден час, сликата беше следна: Јас целиот бев поцрнет, со заврзани раце, легнат на бел кревет. Тогаш мојата мајка ја изгуби свеста, а татко ми ослепе. Вратата беше отворена, а соседите беа собрани во ходникот и ја набљудуваа ситуацијата. Некои жени плачеа, а докторите ја пишуваа потврдата за смртта. Некои од нив говореа: „Не е прв младич, кој умрел од таа проклета дрога. До кога тоа ќе трае…“

Во тој момент низ отворената врата од собата, каде што лежев, тивко влезе Манана, нашата сосетка од третиот спрат, која беше голем верник, и која се црквуваше во манастирот Самтавро. Манана го тргна белиот листот со потврдата за смртта од моето лице, и крстообразно ме помаза на челото со масло од гробот на отец Гавриил. Таа се надевала, дека тоа ќе ми помогне кога ќе застанам пред Севишниот на оној свет…

И јас… веднаш скокнав со заврзани раце!

Младиот доктор, кој ја пишуваше потврдата за мојата смрт, падна во несвест.

Настана незамислива врева. Мене веднаш ме однесоа во болница и три дена ме испитуваа.

… Јас сеуште ја чувам потврдата за својата смрт.

Еве поминаа веќе 20 години од смртта на старец Гавриил, но чудата – прво на неговиот гроб, а сега и при неговите светите мошти во храмот – не престануваат.

Извор:www.pppe.mk

Previous articleМудриот христијанин секогаш молчи
Next articleЛазарева сабота во црквата Света Петка во Мил Парк