Духовен отец - учител

3746

Што означува поимот духовен учител (отец) и која е неговата улога во животот на Христијанинот?

За почеток ќе наведеме извадоци од зборникот на поуки на Светите Отци „Духовниот учител и односот на православниот Христијанин кон него“, кој би било корисно да ги прочита секој православен Христијанин.

„Раководител во духовниот живот на секој Христијанин треба да биде свештеникот – духовник, кому треба да му се обраќате не само за исповед, туку и за поуки“.

„Потрудете се во текот на својот живот секогаш да имаш духовен отец, да му ги кажуваш своите гревови и помисли, немоќта и искушенијата, да се користиш со неговите совети и поуки – така лесно ќе го стекнеш Царството небесно“.

„Без духовни раководители не може да се проживее на земјата. Ќе ги најдеш во Црква, каде што Светиот Дух ги поставил да го пасат стадото Христово. Измоли од Господа да ти подари духовник според срцето твое, кој ќе те утеши во неволја. Духот Божји ќе го поучи што треба да ти каже, и ти ќе го слушнеш од него, она што му е угодно на Бога.“

„Предај го своето срце во послушност кон твојот духовен отец и Божјата благодат ќе пребива во тебе“.

Ова се само неколку поуки од Светите Отци, кои се однесуваат на взаемните односи на православниот Христијанин со неговиот духовен раководител.

Голема среќа е за Христијанинот да пронајде достоен духовник, кој врз себе ќе ја зеде одговорноста пред Бога за духовниот живот на своето „чедо“, ќе се моли за него, ќе го следи неговиот духовен раст, ќе го раководи во сите ситуации од неговиот живот, упатуваќи го на патот на добродетелите, кој води во Вечен Живот.

За Христијанинот што има духовник, патот за разрешување на животните проблеми кои се појавуваат пред него, сосема е поинаков од оној на луѓето од „овој свет“, кои живеат без вера, надвор од Црквата и кои талкаат во мракот на незнаење во однос на нештата и појавите на овоземниот живот.

Кога пред ваквите „нецрковни“ луѓе ќе се појават животни проблеми, тие се принудени да ги решаваат потпирајќи се на својот разум, на животното искуство или на совет од исти такви „нецрковни“ луѓе. Како по правило, во таквите случаи, проблемите остануваат нерешени или пак нивното решавање повлекува зад себе други, можеби и поголеми проблеми.

Ова се случува поради тоа што, причината за сите неволји и проблеми е во самиот човек, во оттуѓеноста на неговата душа од Бога, во нарушувањто на внатрешната душевна хармонија, како последица на таложењето на гревовите во текот на животот.

Не можат да се прекршуваат Божјите заповеди без последици. Ако во моторот на автомобилот, наместо масло за мотор, ставите сончогледово масло, тој ќе се расипе.  Ако сијаличките за божикната елка, предвидени за напон од 127 волти, ги вклучите на 220 волти – тие ќе изгорат.

Ова ќе се случи бидејќи, изумителите на моторот и на сијаличките, конструрирајќи ги, предвиделе за своите изуми одреден режим за работа, кој ако се наруши, доведува до нивно расипување.

Исто така, и Бог, создавајќи го човекот, му ги дал Своите заповеди како правила, кои, ако ги исполнува, ќе ја одржува душата во „нормална“ хармонична состојба.

Разумниот човек, ако му се расипе телевизорот, повикува мајстор, кој е обучен специјално за тоа и знае како да го поправи телевизорот. Неразумниот човек, почнува сам да чепка со шрафцигерот по микроелементите, или, пак, го повикува соседот, кој не е стручен за тоа и само му помага на домаќинот да го „докрајчи“ телевизорот.

Слично на ова, и „современите“ луѓе, кога ќе се соочат со животните проблеми, кои се последица на промашувањата (гревовите), се обидуваат сами да ги решат или брзаат кај „соседот“  – гатач, биоенергетичар. Резултатот мора да биде тажен.

Христијанинот кој се труди да ги исполнува Божјите заповеди, има чиста совест и мир во душата. Настаните во надворешниот живот не ја нарушуваат неговата внатрешна хармонија, туку придонесуваат за уште поголемо духовно усовршување, како што и огнот и водата само го калат железото, правејќи го цврст челик.

Православниот Христијанин, кој се соочил со некој животен проблем, бара совет од духовникот, свесен дека одговорот не го добива од човек, кој може да е праведен, но понекогаш и духовно искусен, туку од Самиот Бог, кој ја гледа неговата вера и преку духовникот му го дава потребниот совет и благослов.

Откако ќе добие благослов од духовникот за нешто, Христијанинот, не сомневајќи се, исполнува сé како послушание, и за тоа Господ неизоставно му ја дарува Својата благодатна помош.

Црквата, преку своите старци не учи: „Предај го своето срце во послушност кон својот духовен отец и Божјата благодат ќе пребива во тебе“.

Како Христијанинот, кој го започнува својот духовен живот, да си пронајде духовен раководител?

Црквата му дава право на секој Христијанин самиот да си избере духовен учител. Убаво е ако тој се определи за свештеник од најблиската црква. Бидејќи склопот на душата на секој Христијанин е строго личен, а и свештениците според карактерните особини и според духовното искуство, исто така се различни, важно е да се најде таков духовник, што помеѓу Христијанинот и духовникот што го избрал ќе се воспостави искрен однос, заемно разбирање и целосна доверба. Тогаш духовното раководење ќе вроди со плод. Можеме да им дадеме неколку практични совети на луѓето кои сакаат да пронајдат духовен наставник:

  • Пред се, срдечно обратете Му се на Бога, молејќи Го да ви подари добар учител, кој има дар на расудување. Како ќе барате – така и ќе добиете.
  • Отидете до најблиската црква и за време на богослужбата обрнете внимание на свештениците.
  • Обидете се да почуствувате кон кого ве влече срцето.
  • Отидете кај тој свештеник на исповед, покајте се за вашите гревови, прашајте за се што ве мачи (само немојте да му одземете време со празнословие, зборувајте кратко и за најважното)
  • Во зависност од тоа дали свештеникот кон вас ќе се однесува со внимание или рамнодушно, со сочувствување или незаинтересирано, сами одлучете се дали и понатаму ќе му доверувате решавање на вашите проблеми или ќе се ограничите со исповед и разрешување на гревовите, а потоа ќе барате друг духовник.
  • Доколку веќе сте му се довериле и сте добиле од него совет и благослов – свето исполнувајте го послушанието, како да сте го добиле од самиот Господ и не трчајте од еден до друг свештеник во надеж дека тој ќе ви го промени советот што не ви се допаднал.
  • Преку сите свештеници дејствува еден ист Христос, и затоа е грев да се обраќате со истото прашање на различни свештеници – духовници (ако првиот пат сте добиле конкретен благослов како да постапите).
  • Не очајувајте доколку во најблиската црква не сте успеале да најдете свештеник, кому би можеле да му ја доверите душата за духовно раководење. Во Русија мнозина уште пред револуцијата патувале заради решавање на своите животни проблеми во Оптина Пустина кај големите Старци, или во Дивјеево и други места, каде што имало монаси познати по својот духовен живот.
  • Колку повеќе ќе почнете да ги посетувате храмовите и ќе стапувате во контакт со други православни Христијани ќе слушнете кои свештеници и во кои цркви уживаат авторитет и љубов од своите парохијани, и ќе се зголеми можноста да пронајдете свој духовен раководител.
  • Доколку нема можност да отиде кај искусен духовник и Христијанинот продолжи да оди кај духовникот што му е достапен, каков и да е тој, заради неговото смирение, Господ ќе му помогне“.

Оној што сака да најде духовен учител, треба да ги памети зборовите на Господа Исуса Христа:

„Сакајте и ќе ви се даде, барајте и ќе најдете“ (Матеј 7,7)

Најважно е да не престанете да Го молите Господа и Он ќе ви подари учител за спасение на вашата душа.

Протоереј Александар Торик

Црковен живот за почетници, Библиотека „Св. Гаврил Лесновски“, Штип, 2012

Previous articleСвета Литургија во манастирот Донибрук (26-та Недела по Педесетница)
Next articleСвета Литургија во црквата Свети Илија во Футскрај (26-та Недела по Педесетница)