Како Христијанинот да го започне својот црковен живот?

2897

На кој начин Христијанинот треба да го започне својот црковен живот?

ОДГОВОР: Со исполнување на четвртата Божја Заповед, која гласи:

Помни го денот за одмор, за да го празнуваш; шест дена работи и сврши ги во нив сите работи, а седмиот ден е одмор на Господа, Твојот Бог….„ зашто за шест дена ги создаде Господ небото и земјата, морето и се што е во нив; а во седмиот ден си отпочина: заради тоа Господ го благослови седмиот ден и го освети“ (2. Мој. 20, 11)

Не смее да се меша Денот за одмор со денот кој во современиот календар се нарекува сабота, бидејќи календарската сабота е шестиот ден во неделата од понеделникот.

Од Бога е благословен седмиот ден во неделата – недела (на руски воскресение и значи Велигден), бидејќи во тој свет ден се случил најголемиот настан – Воскресение од мртвите на нашиот Господ Исус Христос.

Неделниот ден за Христијанинот е ден за одмор, кој е осветен од Бога и во кој Христијанинот не треба да се занимава со овоземни работи. Ова се однесува на стекнувањето пари (некои работат во слободните денови и дополнително заработуваат, како и на домашните работи (перење, чистење и др.)

Исклучок се луѓето кои работат во фабрики со постојан циклус на работи во смени (како што се воените лица, лекарите во брзата помош и др, за кои нарушувањето на оваа заповед не се смета за грев.)

Исто така не се смета за грев укажувањето на неопходна помош на ближниот, негата на болни и стари лица, посетата на затвореници во затворите. Сите други треба да си ги распоредат работите така, што ќе ги извршат за другите шест дена во седмицата. Исто така не треба „одморот на Господа, Твојот Бог“ да се сфати како уживање и предавање на светските забави.

Неделниот ден Христијанинот треба да го посвети на општење со Бога – одење на црква, молитва, присуствување на најважната служба во Црквата – Божествената Литургија. Токму од ова, од доаѓањето во храмот Божји во недела започнува „црковниот живот“ на Христијанинот. При тоа, ако доаѓањето во црква во недела е неизоставена овбрска за секој Христијанин, не значи дека Христијанинот не треба да оди во црква во другите денови од седмицата. Напротив, треба да се користи секоја можност за одење во црква и учество во заедничката црковна молитва, слушање на проповедите на свештеникот, зашто токму во храмот, Христијанинот ја остварува полнотата на црковниот живот и има најдобра можност за стекнување на благодатта на Светиот Дух.

Како што за да научиме да возиме автомобил, треба да седнеме во него и да управуваме со управувачот, така и, за да научиме да живееме живот во црквата, треба да го посетуваме храмот Божји.

Не треба да се мисли дека самото доаѓање во црква имолитва во неа се доволни за полнота на духовниот живот. Потребно е и учество во Светите Тајни на Црквата.

Ние веќе зборувавме за тоа дека, оној кој нема да се роди со вода и Дух Свети и кој не се причестува со Христовите Тело и Крв, нема можност да влезе во Царството Божјо.

Претпоставувајќи дека, оној што го започнува својот духовен живот веќе е крстен, ќе се задржиме подетално на потребата од причестување.

Како што веќе зборувавме, преку Светата Тајна Причест Христијанинот вистински се соединува со Христа, стекнува благодат на Светиот Дух, која го чисти и го осветува целото човечко битие, ги закрепнува неговите душевни и телесни сили, го штити од дејството на мрачните демонски сили.

Во наше време со катастрофална брзина се зголемува влијанието на сатанските сили, заради отстапувањето од Бога на се поголем број на луѓе, кои се затруени од лоша пропаганда, обземени со стекнување на богатство како главна смисла на животот и занесени од дејството на окултните пораки (како на свеста, така и на потсвеста), кои многу активно се испраќаат преку медиумите – телевизија, весници, радио.

Се поголем број на луѓе почнаа да се занимаваат со гатање, магија, окултни исцеленија, пророкување на иднината или им се обраќаат за помош на оние, кои Светото Писмо ги нарекува човекоубијци: бајачите, биоенергетичарите, астролозите, лажните и самонаречени исцелители и многуте други прикриени и неприкриени слуги на Сатаната, кои се вклучени во непосреден контакт со демоните.

Се повеќе расте и бројот на следбеници на прикриено демонските источни религии, јавни или тајни сатанистички секти од типот на харе – кришна, трансцендетална медитација или „сатанската црква“, која излезе од илегала. Современата музика, филмовите, рекламите, главно вршат концентрирано разорувачко дејство на човечките души.

Единствена пречка на патот на ширење на окултната епидемија, оаза за спасение на човечката душа е Црквата Христова, која е наоружана со непобедливата сила – благодатта на Светиот Дух. Затоа, современиот Христијанин треба почесто да ја закрепнува својата душа со благодатта преку Причеста со Светите Христови Тајни.

Во Православната Црква има предание дека пред Светата Причест, Христијанинот треба да ја подготви својата душа за соединување со Господа, очистуваќи ја од грев преку Светата Тајна Покајание и Исповед.

Овие три работи – доаѓањето во црква, учеството во Светата Тајна Покајание и во Светата Причест ги прават почетокот и основата на црковниот живот на православниот Христијанин.

Значи, ако сте донеле одлука да започнете духовен живот, треба:

– Да се помолите на Бога за да ви подари чиста, длабока вера, без која нема спасение на душата.

– Да набавите Свето Писмо и да го прочитате Новиот Завет на нашиот Господ Исус Христос. Откако ќе го прочитате еднаш во целост, повторно треба да се вратите на него и секој ден да читате една, две глави без брзање, со внимание размислуваќи за прочитаното, трудејќи се да проникнете во смислата на Божјото Откровение, со кое е вдахнат текстот.

– Современиот човек може да го почне запознавањето со Светото Писмо, читајќи библија за деца, во која на прифатлив стил е изложена историјата на заедните односи на човекот со Бога, кратко и јасно е опишан земниот живот на Господа Исуса Христа и Неговото учење за Царството Божјо.

– Пожелно е да ја набавите и книгата „Божјиот Закон“, во која се објаснува основата на вероисповедувањето, Божјите заповеди, основните молитви, правила за однесување во Црквата.

– Да набавите и да почните да ги читате делата на Светите Отци, кои претставуваат ризница на духовни знаења.

– Изборот на книги од светоотечката литература е строго личен и се извршува по благослов од духовникот, но постојат автори, чии дела се разбирливе и корисни за сите. Тоа се: свети Теофан Затворник, свети праведен Јован Кронштадски, свештеник Григорие Дјаченко.Од современите автори би ги препоралчале делата на еромонах Серафим Роуз, архимандрит Јован Крестјанкин, архимандрит Амвросиј Јурасов. Секако, нема сомнеж дека е корисно за сечија душа читањето на Житијата на Светиите.

– За да почнеме да се учиме да се молиме, да се научиш да се молиш воопшто не е едноставна работа, треба пред се да се набави православен молитвеник – зборник од молитви кои ги составиле Светите Отци, луѓе кои целиот свој живот го посветиле на служење на Бога и толку ги очистиле своите души, што Господ ги направил садови на благодатта, преносници на Божјото Откровение. Може да се каже дека, Светите Отци ги напишале сите текстови на молитвите преку озарување од Светиот Дух, а Црквата подоцна ги класифицирала во зборници за сеопшта употреба.

Треба да Му се молите на Бога да ви подари духовен раководител – свештеник, кому можете да му ја доверете душата за духовно да ве раководи.

Од книгата: Црковен живот за почетници, Протоереј Александар Торик

Библиотека „Св. Гаврил Лесновски“, Штип, 2012

Подготвила: Елена Атеска 

Previous articleРадувај се, зашто името ти е човек!
Next article19-та Недела по Педесетница - Литургија во црквата Света Богородица - Пречиста во Ливерпул