Како да се биде член на Црквата?

2097

ПРАШАЊЕ: Кој е условот за еден современ човек, кој ја сфатил припадноста кон Православната црква, да стане нејзин полноправен член?

ОДГОВОР: Пред се, секој православен Христијанин треба да има вера, да ги знае и разбира основите на вероучението на Православната Црква, како и со сите сили да се труди да се живее во согласност со таа вера. За да се стекне вера не е доволно само да се носи крст околу вратот, да се влезе во црква и да се запали свеќа. Самиот Господ Исус Христос повеќепати ги разобличувал за маловерие и Своите ученици, иако тие биле сведоци на многубројни големи чуда, а и самите, со сила на Светиот дух, кој им ја дарувал Господ, правеле многубројни чуда.

“Зашто, вистина, ви велам, ако имате вера колку синапово зрно, ќе и речете на оваа планина: ,Премести се одовде таму! И таа ќе се премести и ништо нема да биде за вас невозможно (Матеј 12, 20).

Вистинската вера е дар Божји, а овој дар им се дава на оние што искрено, со чисто срце се молат да го задобијат.

Сакајте и ќе ви се даде; барајте и ќе најдете; чукајте и ќе ви се отвори (Матеј 7,7)

Но за во срцето да се всели желбата за стекнување на дарот на верата, човекот треба да се принуди самиот да сфати, дека прашањето на Бога и за верата не е само прашање на животот и смртта, туку прашање на вечниот живот.

Очигледно, секој човек би требало барем еднаш во животот да се праша себеси: Кој сум јас? Која е смислата на мојот живот? Постои ли нешто по смртта? За жал, повеќе од луѓето не бараат одговор на овие прашања, туку решаваат егзистенцијални проблеми, а некои, грижејќи се за новиот “мерцедес” , или за други потребни или непотребни предмети, се трудат да ги исфрлат овие прашања од своите рамислувања или да ги одложат за “подоцна” .

Трагично е што ова “подоцна” може некогаш и за не дојде. Душата во текот На животот се задушува и изумира, станува неспособна за забележување на духовните појави, дури неспособна да посака да Го познае Бога. Колку и да звучи тажно, сепак, бројот на овие “мртви души” во денешно време катастрофално е зголемен.

Оние, пак, кои не го задушуваат во себе кроткиот повик на душата која тагува поради разделбата со својот Создател, порано или подоцна го поставуваат прашањето за Бог  Постои ли Он? Ако постои, каков е? Која црква правилно учи за Него?

Доколку човек искрено сака да добие одговор на ваквите прашања, не збунувајќи се од своето опкружување, национални и други предрасуди, Господ гледајќи му ја чистата желба на срцето, задолжително ќе му се открие Себеси, давајќи му можност можност за познавање на Вистина и Живот (Јован14, 6).

Исто така, неопходно е да се има во предвид дека денес е можно, користејќи ги само умните способности и аналитичкото размислување (особено имајќи ги во предвид современиот обем на информации достапен за сите), многу бргу да се дојде до заклучок дека постои Бог. Но, може и да се остане само на ова бесплодно, апстрактно знаење. Главно орудие и инструмент за познавање на Бога е човековото срце, кое страда, бара и се мачи без благодатта.

Доколку тоа не е преплавено со постојани страсти, завист, злоба, стомакоугодие, во него секогаш ќе се најде, макар и малечко “живо” катче, способно да Го почувствува Бога, да ја прими во себе Неговата љубов и да стане зачеток за спасение на душата.

Пример за ова е разбојникот што бил распнат од десната страна на Господ Исус Христос. Еве што за тоа пишува во Евангелието:

“Водеа и двајцата злосторници, за да ги погубат со Него. И кога дојдоа на местото, наречено Черепница, Го распнаа таму него и злосторниците, едниот оддесно, а другиот одлево. А Исус рече: ,Оче, прости им , зашто не знаат што прават! И кога го делеа облеклото Негово, фрлија ждрепка. А народот стоеше и гледаше; а и старешините се потсмеваа со Него велејќи; “Други спаси, нека Се спаси и Сам, ако е Тој Христос, избраникот Божји!

Еден од распнатите злосторници хулеше на Него, велејќи: “Ако си ти Христос, спаси се Себеси и нас! А другиот, кога одговори, го искара и рече: Зар и од Бога не се плашиш, кога си веќе и сам осуден? Ние сме правилно осудени, зашто примивме заслужена казна според нашите дела; но Тој ништо лошо не направил. И му рече на Исус: , Сети се на мене, Господи, кога ќе дојдеш во царството Свое! А Исус му рече:

Вистина ти велам: денес ќе бидеш со Мене во рајот!” (Лука 23, 32-35, 39-43).

Ете колкава е силата на Божјата љубов кон созданието што Го создал! Во последните минути од животот се разбудила совеста на разбојникот: Тој се сожалил на невино Распнатиот, а Распнатиот бог му ги простил сите гревови и прв го вовел во Рајот!

Милостивиот Господ ќе ни ги прости сите гревови ако се покаеме. Ако посакаме. Ако успееме. Ако не си ги умртвиме душите со гревови, правејќи неспособни за покајание. Значи, за да имаме вера, треба прво да ја посакаме и да ја здобиеме. Разубавувајќи ја оваа желба во себе, треба да се бара вера од Бога, слично на човекот што дошол кај Господ Исус Христос и молел за исцеление на синот, а Господ му рекол:” Ако можеш да поверуваш – се е можно за оној што верува! И одеднаш таткото на момчето извика и со солзи рече:, Верувам, Господи, помогни му на моето неверие!” (Марко 9, 23-24).

Христос, гледајќи ја искрената вера на овој човек, му помогнал на “неговото неверие” и му подарил вера, а со неа и исцеление на синот. Така и ние што сакаме да се  стекнеме со дар на верата, мора да ја бараме од господа, но не со расудување и студено срце, туку пламено, со солзи, како што понекогаш децата го бараат од родителите она што го сакаат.

И доколку нашата желба биде искрена, а ние бидеме упорно во молитвата, Господ ќе ни даде и вера и безброј потврди за нејзината вистинитост.

Друг неопходен услов за воцрквување е да се знаат основите на верата. Кој е Бог? Што сака Он од нас? Што ни ветува? Кој е Исус Христос? Зошто Он слезе на земјата? На што ни учи Он?

Што е Црква? Зошто е потребна? Како да живееме Христијански?

На овие прашања одговор даваат Светото Писмо и Светото Предание – двата столба на кои се темели Светата Соборна и Апостолска Православна црква.

Подготвила: Елена Атеска

Од книгата: Црковен живот за почетници,  Протоереј Александар Торик

Издавач: Библиотека „Св. Гаврил Лесновски“, Штип, 2012

 

Previous articleПравославната вера
Next articleБожјо Откровение