Како треба Христијанинот да се подготвува за Светата Причест и колку често да се причестува?

4543

Воопшто земено, често учество во Светата Тајна Причест се одредува лично кај секој православен верник, по благослов и совет на духовникот или свештеникот, откако Христијaнинот ќе се исповеда и ќе му биде прочитана разрешителна молитва за опростување на гревовите.

никој не треба да пристапува кон Светите Тајни без да добие благослов за тоа од духовникот

Некои Христијани многу ретко се причестуваат, а како причина за тоа ја наведуваат својата недостојност. Ваквиот став е неправилен. Колку и да се труди човек да се исчисти себеси пред Бога, тој секогаш ќе биде недостоен да ги прима толку големите светињи, како што се Телото и Крвта на Господа Исуса Христа.

Бог ни ги подарил Светите Христови Тајни не според нашата достојност, туку по Својата голема милост и љубов кон своето паднато создание

Христијанинот треба да ги прима Светите Тајни, не како награда за своите духовни подвизи, туку како дар на Отецот Небесен, кој не љуби т.е како „плаќање однапред кое треба да одработи“, како спасоносно средство за осветување на душата и на телото.

„Се причестува работ Божји (името) со Чесното и Свето Тело и со Крвта на нашиот Господ Бог и Спасител Исус Христос, за простување на гревовите и за живот вечен“. Ова е молитвата што ја изговара свештеникот кога му ги дава Светите Тајни на Христијанинот што се причестува и доколку христијанинот достојно се подготвил за оваа голема Тајна, благодатта што ја добива преку неа врши чудесна преобразба на целокупното човечко битие и го прави достоен за вечен живот.

За Достојно да се Подготви за Светата Причест, Христијанинот најнапред треба да се покае и да се исповеда, да го исполни правилото за пост што ќе му биде наложено од духовникот, а потоа да ги прочита и молитвите пред Света Причест, молитвено правило што го востановила Црквата

Значи, основно што треба да направиме за време на постот е да го преиспитаме својот живот од последната исповед, да бидеме свесни за своите гревови и да се покаеме за нив, да им ги простиме навредите на сите што не навредиле, да бараме прошка од оние што сме ги навредиле, пред Светата Причест да отидеме кај свештеникот на исповед и потоа, помирувајќи се со Бога, со ближните и со својата совест, со страв Божји и со понизност да се причестиме со Светите Христови Тајни.

Запомнете

Доколку човек пристапува кон Светата Причест со нечисто срце, криејќи во него завист, навреда или некоја друга нечистотија, Светата Причест нема да му биде за спасение, туку за суд и осуда и за вечни маки, како на оној што ја навредил светињата на Телото и Крвта на Синот Божји.

Протоереј Александар Торик

Од книгата: Црковен живот за почетници, 

Библиотека „Св. Гаврил Лесновски“, Штип, 2012

Подготвила: Елена Атеска 

Previous articleСвета Литургија во црквата Свети Никола во Перт (21 Недела по Педесетница)
Next articleElder Amphilochios Makris of Patmos