Маченичка Даниела од Букурешт

3530

Многупати се случува сите ние да се прашуваме: „Постојат ли светители денес?“ Одговорот е еден. Божји светители ќе се појавуваат секогаш и засекогаш. Нивното постоење е истопојавно со живототворното постоење на третото лице на Света Троица, Светиот Дух. Значи, додека Светиот Дух Божји дејствува и владее во нашиот создаден свет, Неговите светители ќе се појавуваат за да ни дадат сила, но и да го понижуваат антихристот – ѓаволот и неговите следбеници, кои се движат околу нас, а честопати дури и среде нашето семејство – колку и да звучи страшно.

Заради безбожноста и лесноумноста на родителите, многу пати се случува тие да ги воспитуваат погрешно младите кои сакаат да бидат близу до Бога. Родителите со егоизам и без да знаат дека нивната утроба е Божји дар, честопати, се обидуваат, обично со катастрофални резултати, да го искоренат призивот кон Бога, којшто Божјата благодат го дава на младите кои имаат добродетели и цврсти карактери.

Во нашево време, кога што сè се изедначува, и наивноста се изедначува со бесмисленост и затапеност, кога научивме да го препознаваме „различното“ само тогаш, кога има врска со некаква аномалија или изопаченост, постои околу нас, а во некои од нас и во самите нас, една посебна „различност“. Една различност која го има за цел воздигнувањето на човекот. Различност која го води човекот во духовни состојби, непознати за многумина. Таа различност го прави сличен на Христа. „Подражавател Христов“ – како што велат нашите Свети Отци.

Подолу ќе видиме една таква драматична историја, која се случи во наше време во соседна Романија.

Ова е одговор за оние кои мислат дека мачениците на нашата вера престанале да постојат.

Но ете постојат и нивните мачеништва, како што ќе видите, не се само едно обично отсекување на глава или едно многучасовно измачување, без тоа да ја намали вредноста и венецот на славата на древните и постари маченици. Современата наука може да го претвори измачувањето на телото, но и на духот, во долговремена процедура. Можеби затоа велат Светите Отци на Црквата дека мачениците во последните времиња и во времето на Антихристот ќе бидат, можеби, најголеми во вековите од нашата вера.

Света маченичка Даниела

(1967-2004)

Овој избран цвет расцути во Романија во 1967 година. Од мала беше многу блиску до Бога. Кога излегуваше од училиштето, навратуваше секогаш и во црквата. Поради тоа, нејзиниот татко ја караше многу сурово. „Каде беше? Цел ден одиш во црква со твоите попови? Што ти даде Бог?“ Но, таа не зборуваше ништо, само солзи течеа од нејзините очи. Беше побожна и се молеше многу часови. На матурската забава, кога го заврши средното училиште, не сакаше да оди. Нејзината професорка ја молеше да појде и таа со нив, но таа велеше: „Не можам. Знаете дека ве сакам сите вас многу, но простете ми, не можам да дојдам на славењето“.

Имаше кроток карактер и беше добра кон сите. Им помагаше на нејзините соученици околу домашните задачи; седеше ноќе и им ги пишуваше. Беше многу добра ученичка како во училиштето, така и на факултет. Беше многу трудољубива. Целата облека си ја правеше самата. Беше духовно чедо на големиот духовник, отец Софијан од манастирот Антим.

Кога беше студентка, негуваше една парализирана старица којашто ја беа заборавиле сите, госпоѓа Јоана. Даниела одеше секојдневно, наутро, пред факултет и навечер. Беше прилично далеку, а трудот беше голем. И переше, ја негуваше, и пазаруваше, и пееше, и читаше, со еден збор донесе радост во душата на старицата. Еднаш некој ја истепа преподобната Даниела, иако таа не беше виновна за ништо. Штом стивна тепањето, таа клекна и ја целиваше ногата која со здивеност ја удираше. Имаше многу кроток карактер и беше милостива кон сите. Никогаш немаше осудено некого и секогаш ја префрлаше вината на себе.

Некои од нејзиното семејство се обидуваа да ја наговорат да се омажи. „Не, не, јас сакам да останам само со Бога“ – велеше. „Можеш да бидеш со Бога и мажена“ – и велеа. Таа им одговараше: „Да, но ако се омажам значи дека ќе го ставам Бога настрана, а јас не го сакам тоа. Сакам да дадам сè на Бога“. Ноќе се молеше со часови. Никогаш не заспиваше без да го направи своето молитвено правило. Нејзините браќа и сестри ѝ викаа: „Што ти дава Бог, што ни матиш со твоите попови, што ти дава твојата вера? Па татко ти ти дава јадење. Зошто се запиша на факултет, за да одиш во манастир?“.

Кога го заврши факултетот отиде во манастир. Татко ѝ ја бараше долго време и откако ја најде и донесе дома, ја тепаше бездушно. Еднаш, последната вечер пред нејзиното последно заминување во манастир, плачеше и се молеше непрестајно. Направи 1000 метании барајќи просветлување од Пресветата Богородица. Заспа дури на разденување. Кога се разбуди, го зеде икончето од Пресветата Богородица што ѝ ја имаше подарено отец Софијан. Се прекрсти, ја целиваше иконата и одлучно, си ги собра работите и замина. Потоа ѝ даде едно писмо на една пријателка за да му го даде на отец Софијан. Еве ја неговата содржина: „Отец, ја видов во сон иконата на Пресвета Богородица. И видов, иконата како да оживува и Богородица ме гледаше внимателно и јас ја прашував што да правам. Видов дека ме гледа со голема болка. Видов солза на Нејзиниот образ. Одеднаш кога ги рашири рацете за да се помоли и една солза капна на мојата рака. Кога ме допре Нејзината солза, се разбудив и одлучив да одам“. И таа отиде. По патот на Крстот, по патот на Спасителот Христос.

Но и овој пат татко ѝ ја најде. Кога ја донесе од манастирот повторно ја натепа страшно. Ја исече нејзината монашка облека (расо) со една ножица и ја фрли во ѓубрето. Го извади од вратот и нејзиниот крст и ѝ викна: „Ах, твоите попови и црквата!“ Тогаш таа се онесвести. Кога си дојде на себе, му рече: „Те молам, остави ми ги иконите, не можам да живеам без нив“. Тогаш татко ѝ ги фрли иконите на земја, ги изгази и потоа ги зема сите. Таа му рече: „Добро, сè ми зеде, но душата не можеш да ми ја земеш“. И од тој момент таа се молеше вака: „Пресвета Богородице помогни ми, Господи Исусе Христе, не ме оставај“.

Татко ѝ гледајќи дека не може да направи ништо за да ја оддалечи од православниот живот, намисли да направи нешто ѓаволско. Најде некој негов братучед – лекар и ѝ измислија дијагноза: „параноична шизофренија проследена со мистичен делириум“. Сè до крајот на својот живот таа мораше да зема лекарства „за да се смири“. Последните две години ги помина во болница со цевки во носот. Поради лекарствата беше секогаш речиси без свест.

Татко ѝ ја чуваше од утро до вечер за случајно да не дојде во контакт со побожни и верни луѓе. Нејзината неподвижност во креветот и лекарствата што ѝ ги даде психијатарот предизвикаа парализа и затнување (опструкција, преплет) на цревото. Така измачена, почина на Велики Вторник, на 6 Април 2004 год. во Страдалната Седмица.

Ова се случи околу 22.00 часот. Бидејќи татко ѝ не би прифатил да дојде свештеник, на чудесен начин за нејзината смрт дозна отец Константин и околу 23.00 часот го изврши опелото. Татко ѝ за првпат отсуствуваше, иако претходно го беа виделе во болницата.

На нејзиниот гроб почнаа да се случуваат чудеса. Првото чудо се случи во среда, на 12 мај 2004 год., при што оздраве едно момче што боледуваше повеќе од 8 години од иста болест. Истата година оздраве еден студент којшто боледуваше од болест на крвните садови, а во 2005 год. оздраве еден млад човек што имаше напад на слепото црево.

Гробот на преподобна Даниела се наоѓа во гробиштата Андронаке во населбата Коледина во Букурешт.

Извор: Троичник, 26, Брегалничка Епархија, 2009

Подготвила: Надица Атеска Јанева 

Previous articleХрамот како дом Божји и дом за молитва
Next articleСвета Божествена Литургија во црквата Свети Илија, Футскрај