Незнајно добро

2316

Еднаш во дамнешни времиња живеел еден човек. Неговата светост била толку голема, што дури и ангелите се чуделе и слегувале од небото само за да видат како е можно, живеејќи на земјата, да се облече во таква светост. Еднаш ангелите му рекле на Бога:

-Господи, дај му на овој човек дар на чудотворство!

-Ќе му дадам, одговорил Господ. Само, прашајте го дали самиот тој тоа го сака.

Ангелите го запрашаа светителот:

-Дали сакаш да даруваш здравје само со еден допир со раката?

-Не, одговори светителот. Подобро Сам Господ тоа да го прави.

-А дали сакаш да имаш таков дар на красноречивост, со чија сила ќе ги обратуваш грешниците кон покајание?

-Не, тоа е во Божји раце, а не во рацете на слаб човек. Јас се молам за обраќање на грешниците но не обратувам.

-Дали можеби сакаш да привлекуваш кон себе со светлоста на добродетелите и така да Го прославуваш Бога?

-Не, привлекувањето кон себе ги одвлекува луѓето од Бога.

-Па, што сакаш? го прашале ангелите.

-Што уште сакам? Господ да не ме лиши од Својата милост! А со неа ќе имам сѐ.

Но, ангелите продолжиле да инсистираат.

-Добро, одговорил светителот. Сакам да правам добро, така што сам за тоа да не знам.

Ангелите се збунија, но потоа одлучија: „Нека сенката од овој човек, која тој не ја гледа, ги исцелува болните и ги олеснува тагите и жалостите“.

Од тогаш така и било. Каде и да се појавел овој светител, неговата сенка ги покривала со зеленило изгазените патчиња, ја враќала водата во потоците што пресушиле, под неа цветале цвеќиња и се сушеле човечките солзи. А светителот едноставно одел по земјата, ширејќи околу себе добро, како цветот што шири мирис, ни самиот не знаејќи за тоа.

Извор: Вистина, Гласник на Преспанско-пелагониската епархија, 84, 2014

Previous articleТелесен vs духовен пост
Next articleСветите Икони