Свето Писмо

4718

Светото писмо ги опфаќа книгите што ги напишале избрани Свети мажи, пророци и апостоли, по вдахновение на Светиот Дух. Сите свети книги, составени, прават една книга, на сите светски јазици и од сите народи наречена БИБЛИЈА. Зборот Библија е грчки и значи: книги. Библијата се дели на Стар и Нов завет. Во Стариот завет спаѓаат книгите, што се напишани до Рождеството Христово, а го содржат старозаветното учење и историја. Во Новиот завет се книгите што биле напишани по Рождеството Христово, а кои ги содржат учењето и историјата на Исус Христос и Светите апостоли. Стариот завет уште се нарекува и Канон (канон исто така е грчки збор и означува: правило, норма, образец) на старозаветните книги, а Новиот завет, Канон на новозаветните книги.

Самите книги се нарекуваат и канонски и служат како неменливи правила за зачувување на вистинската вера и за усовршување во духовниот живот.

Постојат 39 старозаветни книги.

Првите пет се нарекуваат законски, а тие се:

Постанок (Битие)

Излез (Исход)

Левитски закони (Левит)

Броеви (Числа) и

Повторени закони (Второзаконие).

Овие пет книги ги напишал големиот водач на Еврејскиот народ, пророкот Мојсеј, а познати под името: Петокнижие, на еврејски: Тора – Закон.

Тие ја содржат историјата на човечкиот род и на Еврејскиот народ од создавањето на светот сѐ до смртта на Мојсеј, како и законите дадени од Бога преку Мојсеј. Петтокнижието е првиот законодавен дел на Светото писмо во Стариот Завет.

Потоа следуваат историските книги на Стариот Завет:

Исус Навин,

Судии и Рут,

Прва и Втора книга Царства,

Трета и Четврта книга Царства,

Прва и Втора книга Паралипоменон

(Летописи),

Прва книга Ездра и дополнението кон неа – Книга Неемија,

Естира.

Тие ја содржат историјата на Еврејскиот народ, од смртта на Мојсеј до крајот на Вавилонското ропство (15 – 5 век до раѓањето на Христос).

Потоа следуваат поучните книги кои во себе ги содржат старозаветните религиозно-мудри учења. Тие се пет:

Книга Јов, која ја содржи поучната историја на многустрадалниот Јов.

 Псалтир – кој содржи 150 Псалми, свештени песни, од кои половината ги напишал пророкот и цар Давид, а преостанатите, други боговдахновени писатели. Псалмите соджат молитви, продолженија, сведоштва за разни историски настани и некои пророштва за Исус Христос. Псалтирот е најупотребуваната книга во црковното богослужење.

Мудри Соломонови изреки е зборник од кратки изреки за добродетелите и пороците.

Еклисијаст (Проповедник) содржи поединечни мудри изреки, како и правилни поими за Бога и животот, за верата во задгробниот живот и за Божјиот суд.

Песна над песните (т.е. највозвишена песна) символично ја отсликува љубовта на Спасителот кон Црквата основана од Него.

Кон следните книги, наречени Пророчки, спаѓаат:

Книга на пророкот Исаија,

Книга на пророкот Еремија, како и Плачот на Еремија,

Книга на пророкот Језекиил,

Книга на пророкот Даниил,

На дванаесетте мали пророци: Осија, Јоил, Амос, Авдиј,

Јона, Михеј, Наум, Авакум, Софониј, Агеј,

Захарија и

Малахија.

Овие книги имаат своја долготрајна историја и се составени од различни елементи: пророчки поуки, изобличувања, прекор и автобиографски податоци, но најповеќе претскажуваат за доаѓањето на Спасителот и Неговото царство.

Во Грчкиот, Словенскиот, Латинскиот и во некои синодални преводи на Библијата, освен избраните Канонски книги, поместени се и некои неканонски. Тие се единаесет на број:

  • Премудрост Соломонова,
  • Премудрост на Исус Син Сирахов,
  • Товит,
  • Јудита,
  • Варух,
  • Послание на пророкот Еремија,

7 и 8) Втората и трета книга на Ездра

9, 10 и 11) Прва, втора и трета книга Макавејски.

Разликата меѓу неканонските и канонските книги е следна:

  • Иако неканонските книги се во составот на Библијата, Црквата ги смета за небоговдахновени, туку само за благочестиви, поучни и полезни;
  • Неканонските книги се напишани после канонските (од 4-от век до Рождеството Христово), кога веќе меѓу Евреите немало пророци, поради што не се творби на пророци, туку на обични благочестиви луѓе.

Сите канонски книги се напишани на староеврејскиот јазик, што го говореле Евреите до Вавилонското ропство. Само некои пасоси (Дан. 2: 4-7.  28; 1 Езд. 4; 7.  6; 18. и 7; 12-26. Ер. 10; 11) се напишани на Еврејски, други на Грчки, а некои и на Арамејски.

Книгите на Новиот Завет се 27 на број, а исто така се делат на: Законски, Историски, Поучни и Пророчки.

Законските книги на Новиот Завет се четирите Евангелија: од Матеј, од Марко, од Лука и од Јован.

Зборот Евангелие значи: Блага вест, радосна вест.

Во Светото Писмо, тој збор се употребува само за означување на благовестието за Исус Христос и Неговото дело (Мт. 24; 14. Мк. 1; 1.  16; 15. „Кор. 9; 14. 18. и на многу други места).

Првите три Евангелија се нарекуваат синоптички (што значи истовремено читање), затоа што еднакво ги опишуваат евангелските настани.

Евангелистот Матеј го напишал своето Евангелие за преобратените Евреи во Ерусалим и за нивните духовни потреби, како и за потребите на првата христијанска заедница во Ерусалим, и тоа како очевидец на Исусовите дела. Евангелистот Марко, ученик на ап. Петар го напишал своето Евангелие за Римските христијани.

Во него тој го открива учењето за Исус Христос како Син Божји и цар на светот. Евангелистот Лука, сопатник на ап. Павле, го напишал Евангелието за Теофил, угледен Римски граѓанин, заштитник и негов пријател од Антиохија. Основната поента на Евангелието е дека Исус Христос, Синот Божји, слегол на земјата за да ги спаси, не само Јудеите, туку и јазичниците.

Четвртото Евангелие, на Јован, саканиот ученик на Спасителот, се нарекува духовно, бидејќи во него писателот го излага највозвишеното учење за Божеството на Исус Христос и Неговото дело.

Првите три Евангелија се напишани до разрушувањето на Ерусалим (70 г. по Христа), а четвртото кон крајот на првиот век. Евангелието на Матеј било напишано најпрво на Еврејски јазик, а потоа на Грчки, а другите три само на Грчки.

Историска книга во Новиот Завет е книгата: Дела на светите Апостоли, напишана од Евангелистот Лука. Таа ни раскажува за делата на Светите апостоли, но најповеќе за делата на апостолите Петар и Павле.

Во поучни книги во Новиот Завет спаѓаат: Седумте соборни посланија (окружни писма испратени до сите верни, а не до одделни цркви и лица). Тие се: едно на апостолот Јаков, две Петрови, три на Јован и едно на ап. Јуда; 14 посланија на ап. Павле: до Римјаните, две до Коринтјаните, до Галатјаните, Ефесјаните, Филипјаните, Колосјаните, две до Солунјаните, две до Тимотеј, до Тит, Филимон и Евреите.

Пророчка книга на Новиот Завет е Откровението на Свети Јован Богослов. Таа во себе ги содржи, символично, настаните при последните денови на Црквата и целиот свет.

Апостолот Павле сведочи дека: „Целото писмо е од Бога вдахновено и полезно за поука, за изобличување, поправање и поучување во правдата“ (II Тим. 3; 16). Но, и секој човек, изучувајќи го Св. Писмо, безусловно ќе се убеди дека тоа не е човечка творба, туку вистинско Божјо слово. За неговата божественост сведочат:

  • Вистините што се соопштени во него,недостапни за човечкиот ум и неговите сили. Такви вистини се, на пример: за Троичниот Бог, за воплотувањето на Синот Божји, за ангелите, за животот по смртта итн.
  • Чистотата на богооткриеното учење и соодветноста со човечката природа. Тоа е несразмерно почисто, повозвишено и посовршено од сè, и од највозвишените човечки науки. Тоа не старее со времето и не го губи значењето за време на животот.
  • Пророштвата што се во него, а кои ниеден човечки ум не можел да ги предвиди. Такви пророштва се: пророштвото на пророк Исаија – за раѓањето на Спасителот од Девица (Ис. 7: 14), пророштвото на Еремија – за 70 годишното ропство (Ер. 25: 11-12), пророштвото на Даниил за 70-те седмини (Дан. 9: 25-27), претскажувањето на Спасителот на Неговите страданија, смрт и воскресение (Мт. 17: 9. 22-23) и др. Само сезнајниот Бог можел да ги знае и да им ги открие овие нешта на луѓето.
  • Чудата што ги извршиле благовестителите на Божјото откровение. Кој прави чуда, дејствува со Божја сила, а таков човек, избран од Бога, не може да сведочи за лага. Самиот Спасител и чудата што ги правел Тој сведочат дека е пратен од Бога: „Делата што Ми ги даде Отецот да ги извршам, самите тие дела што ги извршувам Јас, сведочат за Мене, дека Ме пратил Отецот. И Отецот Кој Ме прати, Сам посведочи за Мене…“ (Јн. 5: 36-37).

Самото слово Божјо, кое трезвено дејствува врз човечките души. Тоа се гледа од проповедта на апостолите, луѓе прости и неуки, кои преку проповедта на словото Божјо, привеле кон Христа учени и силни луѓе и за кратко време го распространиле Евангелието во целиот свет. Тоа е докажано од историите на разни незнабожечки народи, кои духовно се препородиле под влијание на Евангелието. Никаква човечка книга не може така да поучи, да успокои, да даде надеж и да упати кон спасение на грешниот човек, како словото Божјо.

Од книгата: Православна Веронаука – Катихизис, 

Софијски Митрополит Стефан и Протопрезвитер Георги Шавелски

Издавач: Преспанско – Пелагониска Епархија, Скопје 2012

Подготвила Надица Атеска Јанева

Previous articleМалиот Лазар
Next articleСвета Тајна Крштение