Божикно послание

71

 ПЕТАР

ПО МИЛОСТА БОЖЈА,

МИТРОПОЛИТ ПРЕСПАНСКО-ПЕЛАГОНИСКИ И

АДМИНИСТРАТОР АВСТРАЛИСКО-НОВОЗЕЛАНДСКИ,

НА СЕТО СВЕШТЕНСТВО, ПРЕПОДОБНО МОНАШТВО И

ВЕРНИТЕ ЧЕДА ВО

ПРЕСПАНСКО-ПЕЛАГОНИСКАТА И АВСТРАЛИСКО-

НОВОЗЕЛАНДСКАТА ЕПАРХИЈА,

ИМ ИСПРАЌА МИР И БЛАГОСЛОВ, ПОЗДРАВУВАЈЌИ ГИ СО

РАДОСНИОТ  ПОЗДРАВ

ХРИСТОС СЕ РОДИ!

„И Словото стана Тело и се всели меѓу нас, полно со благодат и вистина; и ние ја видовме Неговата слава, слава како на Единороден од Отецот“. (Јован 1, 14)

       Возљубени браќа и сестри во Христос нашата Светлина!

Светлина што ја победи темнината, блесна од длабочината на вечноста, кога небесата се спуштија на земјата. Таа Светлина е Словото Кое што стана Тело! Таа Светлина е Новороденче, Младо Дете, Предвечниот Бог!

Денес Бог стана Човек! Синот Божји стана Син Човечки! Денес се роди Оној Кој е Алфа и Омега, Оној Кој ја носи љубовта во Својата суштина и мирот во Своето битие – се роди Христос нашиот Бог и Спасител!

Оној што го создаде светот, се положи во јасли; Оној што ја постави ѕвездата  над Витлеем, дојде да го осветли патот на оние што чекорат во смртна сенка. О, каква тајна неискажлива! Бог се облече во Човек, за човекот да го обожи! Неговото раѓање во скромната Витлеемска пештера е доказ за неограничената Божја љубов кон човечкиот род. Ангелите пеат, пастирите се поклонуваат, а мудреците од далечната земја ја принесуваат својата благодарност. Светот, кој постојано потонува во неслога и војни, денес е повикан да се сети дека љубовта е неговото вистинско постоење.

Во овој светол ден, отворете ги скаменетите срца, за да Го примите Синот Божји, како некогаш пештерата што Го прими Богомладенецот. Вашите мисли нека бидат како благопријатен темјан, вашите зборови како злато, а вашите дела како миро принесено на Оној што ни донесе живот вечен. Да ја славиме Божиќната радост не само во деновите на празникот, туку и во секој миг од нашиот живот.

Возљубени браќа и сестри во Новородениот Богомладенец!

Божик е празник на чудото, Тоа чудо е бессеменото и безмажно зачнување на Богомајката Марија Дева, што не може да биде разбрано со човечкиот ум. Како што Псалмопевецот вели, „Кој е како Тебе, Господи, меѓу боговите?“ (Псалм 89, 6), така и Воплотувањето на Синот Божји е чудо што не се наоѓа во некоја религија, вера, философска мисла, учење и идеологија, освен во Православната Црква. Овој надумен и надтаинствен подвиг на Божјото Воплотување е единствен и неповторлив. Христос, Божествениот Логос е патот, љубовта и светлината, Кој го преминува безмерното растојание меѓу Бога и човекот. Бог не е апстрактен и далечен; Он со Воплотувањето станува „Емануил“, што значи „Со нас е Бог“ (Матеј 1, 23).

На овој ден, во Витлеем, во темнината на светот, се роди Светлината на светот. Божјото Воплотување не е само чудо на историјата, туку чудо и на вечноста. Овој настан е еден од најголемите чудеса на Божјата љубов; Бог, Кој го создаде светот од ништо, се понижи да стане слуга – човек, кој се раѓа во пештера.

Возљубени браќа и сестри во Воплотениот наш Бог и Спасител!

Да се запрашаме, браќа и сестри, зошто Бог, Кој е бесмртен и вечен, одлучи да се воплоти и да стане Човек? На ова возвишено прашање, одговорот не е само теоретски или философски, туку тоа е најдлабокото откровение на Божјата љубов. Во срцето на оваа голема тајна лежи Божјата љубов кон човечкото создание. Човекот, поради падот на Адам и Ева, се одвоил од Бога, живеел во грев и во смрт. Господ, сакајќи да ја излекува оваа рана, одлучи да се роди како Човек и да го понесе гревот на светот врз Себе.

Бог, кој е бескраен и вечен, Кој надминува сè што е ограничено со време и простор, станува Човек не само за да се открие на луѓето, туку и за да ги спаси.

Христос не доаѓа да владее, туку да служи; не доаѓа да се издигне, туку да се понижи. Таа Божја љубов, не се открива во величината на Неговото божество, туку во понизноста и болката на Неговото човечко постоење.

Возљубени синови и ќерки на Воплотениот Син Божји!

Укажавме зошто Бог стана Човек. Сега, да се запрашаме зошто, или поточно кажано, да констатираме, дека денешниот современ човек за жал ја губи и самата човечност.

Со својот пад преку првиот грев, човекот го наруши хармоничниот однос со Бога и со својот ближен. Слободата која му беше дадена од Бога, ја злоупотреби и стана непослушен. Човекот стана себичен и со тоа ја покажа нечовечноста. Падот на човекот, го открива неговиот основен проблем, склоноста да се поврзува со земните и минливи работи.

Нечовечноста и неморалноста на денешниот современ човек се пројавуваат во неговите злодела, одобрувајќи ги гревовите како нешто нормално и разурнувајќи ги духовните вредности во животот човечки.

Насилството, развратот, суровоста, бескрупулозноста, себичноста, манипулативните идеологии – сите тие стануваат секојдневие, не само како поединечни дејства, туку како начин на човечкото живеење.

Гревовната состојба на човекот,  е причина за оддалечувањето од Бога и тоа не се случува наеднаш, туку полека, како залезот на сонцето, каде што светлината не исчезнува веднаш, туку постепено, и на крајот, сè што останува е темнина.

Но, заради Божјата милост, секогаш постои пат за враќање. Учењето кое го понудил Христос е токму лекот за нашата нечовечност. Христовата понизност да стане Човек и Неговата жртва на Крстот е символ на најголемото добро и на најголемата љубов која ги надминува сите човечки слабости и нечовечни дела. Преку Него, човекот повторно може да ја најде својата врска со Бога и со луѓето.

Во светлината на Христовото Рождество, човекот може да се ослободи од својот грев и да ја врати својата човечност. Погледот кон Христа Богомладенецот, Кој покажа совршена љубов кон сите и сè, го става пред нас највисокиот идеал -обожувањето т.е. да станеме богови по благодат.

       Наши најмили, сорадосници во Божикната радост!

Денес, кога небото и земјата се соединуваат во Витлеемската пештера, кога се слави раѓањето на Спасителот, нашите срца се исполнети со благодарност и радост. Божик е ден кој ни ја открива најдлабоката тајна на Божјата љубов – љубов која не познава граници, љубов која не се уморува, љубов која никогаш не престанува.

Во овој ден, во оваа свештена тајна, Бог не само што ни се открива како Дете во јаслите, туку и како Светлина, која го осветлува нашиот живот, како Лек кој ги исцелува нашите рани, како Живот кој ја победува смртта. Во Христа Богомладенецот, Бог се спушта до најдлабоките длабочини на човековото битие, за да нè издигне до вечната радост и вечната светлина на Неговото Царство.

Овој Божик да ни донесе нова сила за да го живееме призивот на верата, надежта и љубовта. Секоја радост и благослов што ги доживуваме денес, да ги споделиме со оние што се околу нас, и во нас, никогаш да не згасне светлината која Христос ја запали во нашите срца. Амин!

Мир Божји! Христос се роди!

Ваш постојанен молитвеник пред Богомладенецот Христа,

Митрополит Преспанско-пелагониски

и Администратор Австралиско-новозеландски

 Петар

Божик 2024/2025 година

Previous articleПрославен празникот на Свети Наум Охридски во манастирот во Роклин, Викторија
Next articleБожик во манастирот Донибрук