Божикно послание на Високопреосветениот митрополит Петар

1699

+ ПЕТАР

ПО МИЛОСТА БОЖЈА, МИТРОПОЛИТ ПРЕСПАНСКО-ПЕЛАГОНИСКИ И АДМИНИСТРАТОР АВСТРАЛИСКИ И НОВОЗЕЛАНДСКИ, НА СЕТО СВЕШТЕНСТВО, ПРЕПОДОБНО МОНАШТВО И ВЕРНИТЕ ЧЕДА ВО ПРЕСПАНСКО-ПЕЛАГОНИСКАТА И АВСТРАЛИСКО-НОВОЗЕЛАНДСКАТА ЕПАРХИЈА, ИМ ИСПРАЌА МИР И БЛАГОСЛОВ, ПОЗДРАВУВАЈЌИ ГИ СО РАДОСНИОТ ПОЗДРАВ 

ХРИСТОС СЕ РОДИ! 

„Христос се раѓа, славете Го, пејте му на Господа цела Земјо и весело пофалете Го луѓе, зашто се прослави“ (Ирмос на Утрената на Канонот на Божик)

Возљубени браќа и сестри!

Христос се роди – и небесата ни испрати радост! Христос се роди – и земјата се исполни со таа радост! Христос се роди – славете и радувајте се!

Дојдете да славиме и да се радуваме! Дојдете да сопразнуваме со празникољубивите Небесни Сили зашто тие веќе дојдоа тука да празнуваат со нас! Дојдете да запееме
со устите пофални песни! Дојдете да заиграме со духот од радост, та со радост да се исполни и утробата наша! Да се радуваме, возљубени, да се веселиме! Ако и Јован во утробата на мајката заигра кога Марија дошла кај Елисавета, тогаш ние, кои не Марија, туку Самиот наш Спасител роден Го гледаме, треба и да заиграме и да се
зарадуваме, а исто така и да се восхитиме на оваа Божја промисла, која секој ум го победува. Да замислиме само каква сцена, каква слика би била, кога сонцето од небото би слегло и кога по земјата би одело и кога со своите зраци сé на земјата би озарило. И кога таквата случка би ги ужаснила сите оние, кои на создадената светлост така гледале, да замислиме тогаш, како е да го гледаме Сонцето на правдата, како од небесата слегува и во нашите тела, зраци испушта и душата ни ја просветлува!

Радосно е! Да ја примиме оваа радосна вест и да ја пренесеме! Да ја соопштиме и да воскликниме: Заради нас се роди Дете младо, Превечниот Бог.

Возљубени чеда во Христа Богомладенецот!

Од љубов кон човекот, Бог слезе од небесата и стана човек (Јн. 3, 16). „Синот Божји стана Син човечки, со цел, човекот да стане син Божји“. Така, од витлеемската ноќ,
сé има посебно значење за нашето спасение: даровите, пелените, јаслите… Св. Јован Златоуст вели: „Пелените се завој за нашите рани од гревот. Детето е положено во
јасли за да не бидеме хранети со храната на грешната сладост, туку со Небесниот Леб“.

Пештерата во која се роди Христос е образ на Црквата. Св. Атанасиј Велики ќе каже сликовито: Онаа куќарка, каде што се породи Богородица, го прими образот на Црквата. Затоа што жртвеникот се јаслите, свештеникот кој служи е Јосиф, народот се мудреците, ѓаконите се ангелите, свештениците се пастирите, Архиерејот е Господ, Престолот е Девата, рипидите се Херувимите, дискосот е Пресветиот Дух покривалото е Отецот, Кој сé покрива со Својата сила.

Бог за да ни ја докаже Својата љубов, овој пат не ни прати ангел кој би ни ја соопштил таа Божја љубов. Не, Бог самиот дојде преку Својот Син. Светиот апостол Јован вели: „Божјата љубов кон нас се покажа во тоа што Бог Го испрати во светот Својот Единороден Син за да живееме преку Него“. (Јн. 4, 9). Ние, пак, немаме заслуга за таа љубов. Бог дојде, не дека ние Го возљубивме, туку затоа што Тој нас нè возљуби и Го прати Синот Свој за да ги очисти гревовите наши (Јн. 4, 10). Затоа, ако некој прашува – кому му служиме, кого Го славиме и на што се поклонуваме, речете: „Ја чествуваме Љубовта“, вели Свети Григориј Ниски. Во тоа е тајната на Божик и затоа радосно го доживуваме денот кога Господ се роди.

Возљубени наши, денес е Божик, ден на Рождеството Христово!

Настанот на Христовото раѓање е историски, бидејќи се случил во еден конкретен историски момент. Тоа значи дека Христос примил вистинско човечко тело и воплотувањето не се случило привидно, како фантазија. Освен Богородица и Јосиф, првите кои Му се поклонија на Богомладенецот беа пастирите. Ангел Господов им соопшти дека се роди Спасителот на светот. Ова не беше случаен настан. Пастирите не беа случајни личности. Христос ги избра најчистите и најпростите по срце, за да го примат ова откровение, а и за да се покаже дека Христос е вистинскиот Пастир и на израелскиот и на многубожечкиот народ.
При објавата на веста, карактеристична е и химната на ангелите: „Слава на Бога во висините, а на земјата мир и меѓу луѓето добра волја“ (Лк. 2, 14). Мирот што го воспеваа ангелите не е некој социјален мир, отсуство на војна, туку воплотувањето и присуството Христово. Така, ангелите го воспеваа мирот што дојде со Христовото
раѓање, а не некој мир што ќе дојде во иднина. Бидејќи, Христос со Своето воплотување го помири човекот со Бога, со неговиот ближен и со себеси, токму затоа што во Неговата личност се соедини Божјата со човечката природа. Човекот по падот, го загуби мирот со Бога, а сега, со Неговото воплотување, му се дава можноста на
човекот да Му служи и да Му се поклонува на вистинскиот Бог.

Освен пастирите, мудреците од исток се удостоија да Му се поклонат на Новородениот Богомладенец. Мудреците беа астрономи кои ги гледаа небесните ѕвезди и нивните движења. Бог ним им се откри, а тие Го препознаа Христа и Му се поклонија „преку познанието на умот“. Преку телесните очи гледаа едно бебе, но, преку видот на умот, го гледаа воплотениот Бог. Тоа веќе не беше работа на наука, туку на внатрешна умна чистота. Доказ за тоа е и дека ѕвездата што ја видоа на исток и која ги одведе до Витлеем, не беше една обична ѕвезда, туку, како што вели Свети Јован Златоуст, ангел Господов кој ги водеше. А, пак, Јосиф Вриениј вели дека таа ѕвезда беше архангелот Гаврил, кој, впрочем, беше служител и на големата тајна на воплотувањето на Синот Божји.

Возљубени празникољупци, возљубени богољупци!

Не може да се слави Божик, да се слави Раѓањето Христово, а да не се воспее и Онаа Која Го родила, Богомајката, Дева Марија. Една црковна песна, потсетувајќи нé на настанот во пештерата, чувствата на Богомајката ги искажува вака: Го држи во раце воплотениот и облечениот во човечка слика Господ и Го бакнува како мајка, па му вели: „Најслатко чедо, како јас Те држам на своите раце, Тебе, Кој со својата рака држиш сé` што е создадено“. Името “мајка“, насекаде означува “љубов“. Така, и во
тајната на воплотувањето, покрај тоа што се открива Божјата љубов кон човекот, се открива и Мајчинската љубов. Со послушноста и смирението што го покажала новата Ева – Дева, почнува Новиот Завет, новиот свет, новото создание, новото човештво. Стариот Завет ја погазил послушноста кон Бога и го погазил смирението, со што го урнал мостот помеѓу земјата и небесата. Но, Пресвета Богородица, повторно го изгради тој мост, постанувајќи и самата мост помеѓу небото и земјата. Благодарение на нејзиното постоење, небото се исполни со прероден народ, кој Пресвета Богородица го пренела од земјата на небесата. А земјата го примила како свој жител новиот Човек, Владиката на небесата – Богомладенецот Христос.

Мили наши чеда во Новородениот Богомладенец!

Икона на Рождеството Христово е семејството, потомството. Семејството е создадено за раѓање деца. Родителската љубов е света, и нивните чеда се нивна воплотена љубов. Нема ништо почисто и поубаво на земјата, од новороденото дете. Неговата нежност и милост го растреперува секое човечко срце. Семејството со деца или со повеќе деца, е како разгранета лоза, чиј лист не венее и чиј плод е секогаш изобилен. Во деновите на неуспеси и страданија, децата секогаш се надеж, охрабрување и сила. Домот украсен со повеќе деца, не стравува за својата иднина, бидејќи Божјата десница постојано го чува. Семејството кое изобилува со деца, воспитани и научени на набожноста, скромноста и благочестието, е редок и скапоцен бисер на чија убавина секој се радува. Ваквото семејство е извор на радост, љубов и утеха, дрво насадено на воден извор, чии гранки се разгрануваат до Царството Небесно. За жал, денес во нашата земја, широки врати отвора лажната либерална слобода во која, покрај запрепастувачките и погубни ЛГБТ права, како единствени вредности се промовираат и т.н. „слободна љубов“ и „слободен брак“ кои го убиваат раѓањето на деца, зголемувајќи ја гордоста и мечтаењето за големи кариери, со што, пак, се убива меѓусебната љубов на сопружниците, без која во семејството не може да има меѓусебна грижа и почит. Мечтаејќи првенствено за удобност, конфор и кариера, мајките нека знаат дека најголемата и најуспешна кариера со која ќе добијат непроценливо богатство, се здравите деца и силното семејство. Прифајќајќи ја, пак,
таа либерална слобода, семејствата катастрофално се распаѓаат и уништуваат, а оние кои некако ја преживуваат оваа бура, преку разните средства против зачнување на
нов човечки живот и особено преку абортусот, го убиваат своето потомство и свесно го уништуваат. Затоа, Ние, пак и пак повторуваме и укажуваме: Семејството е единствената вредност во животот! „Кога ќе пропадне семејството, ќе пропадне сé, и свештенството и монаштвото; кога ќе пропадне семејството ќе пропадне и светот“, вели Светиот старец Пајсиј Светогорец.

Наши возљубени, наши најмили!

Денес е Божик, ден на почеток на подвигот на Спасителот на светот. Денес е ден на испитување на нашата љубов и верност кон Него. Па тогаш, нека слушне светот како ја објавуваме вистината: „Со нас е Бог разберете народи и покорете се… зашто со нас е Бог“. Пријдете денес сите, да се поклониме пред скромните јасли, озарени со боженствена слава, зашто Богомладенецот Христос овде го започнува Својот крсен пат на земјата. Да се поклониме, зашто овде е почетокот на нашето спасение, почетокот на нашата вечност. Амин!

Мир Божји, Христос се роди!
Навистина се роди!

Ваш постојанен молитвеник пред Богомладенецот
Христа, Митрополит Преспанско-пелагониски
и Администратор Австралиско-новозеландски
† Петар

Божик 2018/2019 година

Previous articleВечерна богослужба во предвечерието на празникот Раѓање Христово во манастирот Свети Прохор Пчински во Донибрук
Next articleВечерна богослужба на Бадник во предвечерието на Раѓањето Христово во црквата Света Богородица - Пречиста во Ливерпул