Велигденско послание на Митрополитот г. Петар

1194

 

ПЕТАР

ПО МИЛОСТА БОЖЈА,

МИТРОПОЛИТ ПРЕСПАНСКО-ПЕЛАГОНИСКИ И

АДМИНИСТРАТОР АВСТРАЛИСКИ И НОВОЗЕЛАНДСКИ,

НА СЕТО СВЕШТЕНСТВО, ПРЕПОДОБНО МОНАШТВО И ВЕРНИТЕ ЧЕДА ВО

ПРЕСПАНСКО-ПЕЛАГОНИСКАТА И АВСТРАЛИСКО-НОВОЗЕЛАНДСКАТА ЕПАРХИЈА,

ИМ ИСПРАЌА МИР И БЛАГОСЛОВ, ПОЗДРАВУВАЈЌИ ГИ СО НАЈТОРЖЕСТВЕНИОТ ПОЗДРАВ

 ХРИСТОС ВОСКРЕСЕ!

 

Јас сум Воскресението и Животот. Кој верува во Мене, и да умре ќе живее. И секој што живее и верува во Мене, нема да умре довека“ (Јован 11, 25-26).

Возљубени браќа и сестри, во Христа Воскреснатиот!

           Велигден è Ден на Христовото, но и нашето Воскресение.

Најрадосниот поздрав за целиот човечки род – Христос Воскресе, насекаде одекнува во овие тешки денови за човештвото. Најрадосната вест – Христос Воскресе, è веста од која треперат херувимите и серафимите.

Таа е единствената вест која го победи злото во светот, гревот и смртта. Христос Воскресе, се единствените зборови што носат надеж и радост во најголемата тага во сеопштата криза, т.е. опомена за нашата гревовност. Единствените зборови што носат живот и по смртта.

Велигден è Празник над празниците и Торжество над торжествата.  Денес сé се исполнува со Светлина и срцата наши со радост небесна. Благословен е Бог, Кој воскресна од мртвите и Кој на сите им дарува живот вечен.

Свети Јован Богослов ќе додаде: „Бесконечен океан од светлина истекува од Воскреснатиот Христос, за да бидеме опфатени и ние од тој бескраен океан“.

Возљубени чеда, Христос Воскресна и смртта ја уништи!

            Христос Спасителот, со Своето Воскресение, ги победи двата најголеми непријатели на човекот – гревот и смртта. Овие два непријатели на човечкиот род, родени се кога Адам се одроди од Бога, со непослушност кон својот Создател. Адам во рајот не знаеше ни за грев, ни за смрт, ни за страв, ни за срам. Бидејќи просветлен Адам, живееше во послушност кон Бога, сè додека одекнуваа во него Господовите зборови за смртта: „Во оној ден кога ќе вкусиш од него (од забранетиот плод) ќе умреш“.

И кога Адам заборави на смртта, згреши. Стравот и срамот влегоа во него; и тој се почувствува бескрајно отуѓен – отпаднат од Бога, како и денешниот свет, и ја насетуваше смртта.

И така, Адамовото потомство, колено по колено грешеше, и умираше во страв и ужас.

Земските цареви царуваа над луѓето, а гревот и смртта царуваа и над луѓето и над царевите. Човечкиот род заради сеопштата гревовност, како и сега, се наоѓаше во безизлез, тага, очај… И тогаш… како и сега, се јави Небесниот Цар да спасува.

Вечно безгрешниот и вечно бесмртниот, Цар Христос, направи поход кон распадливите гробови на човечкиот род, воскреснувајќи ги луѓето во бесмртност. Неговите зборови, мртви воскреснуваа. Он, од човекољубие се облече во човечко Тело, и ги зеде на Себе гревовите на светот.

Христос Спасителот, заради нас се распна на Крст и умре. Но смртта не Го задржала, бидејќи таа немаше сила да Го задржи, Началникот на животот (Дела 2, 24). Свети Јован Златоуст појаснува: „Тој Самиот дал дозвола… и смртта што го држела имала болки како во агонија, и била ѕверски бесна… А Он останал така издигнат, за никогаш да не умре“. Во самата смрт на Спасителот, откриена е немоќта на смртта, над Него. Он е Вечениот Живот, Кој ја уништил смртта.

Во смртта, на нашиот Господ, докажано е дека Неговото Пречисто Тело не било подложно на распадливост, како што пророкувал Псалмопевецот: „Нема да дозволиш Твојот Светец да види распаѓање“, зашто распаѓањето е последица на гревот, а Христос е безгрешен.

А, пак, тој гроб, во кој беше погребан Христос, стана блажен, спасоносен и извор на живот вечен. Од тој гроб потече река на бесмртен живот, за родот човечки. Низ тој гроб Спасителот со душата слезе во адот, и со Својата сила го разруши адот, и ги ослободи Адама и Ева, и праведниците што веруваа и поверуваа во Него – Месијата – Спасителот.

Потоа, со душата влезе во Своето Пречисто Тело и со Својата Сила Воскресна од гробот.

 Возљубени браќа и сестри, Христос Воскресна! И ние ќе воскреснеме!

            Христовото Воскресение и нашето лично воскресение, се догма на нашата вера. Тоа е суштинска реалност. Тоа е Силата што го победи светот и покрај најсуровите прогонства против Неа. Ова е победата што го победи светот, верата наша во Воскресението (1.Јн. 5, 4).

На човекот му се даде нов живот. Нему му е овозможено да умре за гревот, за потоа да  воскресне со Христа и да живее со Него.

Светиот апостол Павле вели: „Ако сме сраснати со Него (со Христа) во еднаква смрт, ќе бидеме соучесници и во Воскресението… ако сме умреле со Христа, веруваме дека со Него и ќе живееме.“ (Рим. 6, 5, 8).

Воскресението Христово било победа не само над Неговата смрт, туку и над смртта воопшто. Во Неговото Воскресение целото човештво, сета човечка природа, совоскреснала со Христа. Совоскреснување, не значи дека сите тогаш станале од гробовите. Човекот сé уште умира, но укината е безнадежноста во вечниот живот, поради смртта. Силата на смртта е укината, а на целата човечка природа ѝ е дадена силата на воскресението. Поради тоа Св. ап. Павле ќе рече: „А ако нема воскресение на мртвите, тогаш и Христос не воскреснал“ (1.Кор. 15. 13, 16),  укажувајќи дека Христовото Воскресение би било без никакво значење, доколку Тоа го немало своето универзално исполнување, доколку целото Тело т.е. Црквата Христова, не било “пред-воскреснато“, заедно со Главата, односно со Христа. И верата во Христа тогаш би изгубила секаква смисла и би станала празна и залудна. Тогаш, не би постоело ништо во што би се верувало. Ако, пак, Христос не воскреснал, суетна е нашата вера, и празна е нашата проповед (1. Кор. 15, 17). Без вера, во општото воскресение, верувањето во Христа би било залудно и без цел. „Но Христос воскресна од мртвите и со тоа стана првина на умрените“ (1. Кор. 15, 20).

Во ова се содржи победата на животот. „Навистина, ние сé уште умираме како и порано“, вели Свети Јован Златоуст, „но не остануваме во смртта, и затоа, тоа веќе не е смрт… Силата и вистинската реалност на смртта е токму во тоа што, мртов човек нема можност да се врати во живот… но, ако по смртта тој биде оживеан, и ако му биде даден подобар, блажен живот во Царството Небесно, тогаш тоа веќе не е смрт, туку заспивање“. „Клетвата на смртта“ е укината, вели Свети Атанасиј Велики. И така, додава тој, со благодатта на нашиот Спасител, сите ќе бидат воскреснати, и сите ќе бидат востановени во полнотата на своето природно битие и ќе бидат преродени.

И конечно, сето ова ни Го потврдува Воскреснатиот Христос: „А ова е волјата на Оној што ме прати: секој што ќе Го види Синот и ќе поверува во Него да има живот вечен, и Јас ќе го воскреснам во последниот ден.“ (Јован 6, 40). И секој, вели Христос: „Кој го јаде Моето Tело и ја пие Мојата Kрв, има живот вечен и Јас ќе го воскреснам во последниот ден.“ (Јован 6, 54).

Возљубени чеда, синови и ќерки на Воскресението!

            Во деновите на Големиот Велигденски пост, чекајќи го Славното Христово Воскресение, трнлив и тесен беше нашиот пат до Пасхата Господова, впрочем, како што е трнлив и тесен патот, и до вечната Пасха, на Небесниот Ерусалим.

Многу искушенија, особено искушенија на болест, зараза, загаден воздух, и конечно корона вирусот, го нападнаа човекот. Пандемијата со вирусот Ковид-19, која е сеопшта светска криза, односно Божја опомена за целиот свет, го стави на колена целото човештво.  Нападот врз човекот и светот, è на повеќе фронтови. Покрај здравствената, во прашање е и економска, социјална, а особено духовната состојба, именувана криза.

Она што луѓето го нарекуваат криза (несреќа), тоа всушност е суд. Божји Суд или опомена. А сето ова заедно значи, Божјо милостиво поучување, за будење од гревовниот сон, и вразумување на човекот.

Светите Отци велат дека, кога вагата во светот е наклонета во полза на злото, тогаш неизбежно се појавуваат катастрофи, во форма на војни, земјотреси, поплави (како што бил сеопштиот потоп), болести, загадување на воздухот и природата, епидемии и пандемии, како оваа и сл.

Според учењето на Светите Отци, искушенијата, болестите, несреќите, се време на Божја посета. Бог понекогаш ни испраќа болест како опомена, епидемија како епитимија, како што е тоа и сега, за човекот да ја разбуди совеста своја и да се покае; да се прероди и да стане нов човек, нова твар.

Страдањата и искушенијата можат да бидат големо зло, ако човекот не се преродува и не го прифаќа благотворното дејство на тие искушенија. Неволјите, болестите, несреќите, трагично ги доживува само оној, кој нема вера во Бога, кој не е свесен за својата гревовност, кој не ја чувствува неопходноста за очистување на своето срце, просветлување на својот ум, и спасение на својата душа; кој не сфаќа дека е немоќен да го достигне сето тоа, со сопствени сили, без Бога. А кога човекот со благодарност, за опомената, со искрено и длабоко покајание, ќе ги прими страдањата кои му се испратени од Бога, тој веднаш, после нив, излегува со таков мир и духовна радост, што сé околу него станува светло и радосно.

Конечно, кога човечките сили и средства се исцрпени, христијанинот треба да се сети дека „Силата Божја во немоќта наша се покажува“, и дека и во најдлабоките страдања човекот е во состојба да се сретне со Христа Бога, „Кој ги зеде врз Себе нашите болести и ги понесе нашите слабости“ (Иса. 53, 4).

 Возљубени наши сорадосници и сопобедници во Воскресението!

           Нашата Пасхална радост, е поради победата на злото. И кој може да не се радува на победата Христова. Он нè победи заради Себе, туку заради нас.

Во овие тешки денови на искушение, во нашата Татковина Македонија и во Австралија и Нов Зеладн, за Мекедонците што таму живеат во нашата Австралиско – новозеладнската Епархија, нашата Света МПЦ-ОА, снисходливо го слуша гласот на властите и државата во заштита на животот на народот, и длабоко сочувствува и сострадува, како со заболените и болните од сите, па и од Ковид-19, болести, и мајчински се моли за нивно оздравување, како и за покој на починатите.

МПЦ-ОА се придржуваше и се придржува до пропишаните мерки за претпазливост. Но веднаш се наметнува прашањето, зошто му се случи на целиот свет дополнително и оваа панденија?

Светите Отци велат: „Заради нас и нашите гревови“, а ние ќе додадеме, заради отуѓеноста и отпадништвото во секој поглед на целиот свет од Бога.

Природата, од Бога создадена, протестира и опоменува и на ваков начин: – да престанеме со нејзиното загадување и уништување на милионите квадратни километри шуми, на океаните, морињата, езерата, реките и потоците, на загадувањето на природата и воздухот со милионските авионски летови и возила, и со палење на шумите. Жените кои зачнале во своите утроби, да не се осмелуваат да застанат на нагазна мина – т.е. да абортираат, бидејќи околу 4000 легални абортуси во Македонија и незванично околу 14 000, се токму толку Божји чеда, за чија што планирана смрт, Бог се гневи и многу повеќе ни одзема. 74 000 починати од корона вирусот во светски рамки, се показател за нашата гревовност и во овој контекст. Само молитвата на сите нас, почнувајќи од нас Владиците, свештенослужителите и верниците како и управниците на државата, политичарите и граѓаните, може да го прмени текот на настаните што ни се случуваат со оваа современа чума.

Мерките за претпазливост, поради пандемијата, можат да ни бидат од голема полза за нашата духовна надградба. Имено, тие помагаат разбиеното, растроено и нефункционално семејство да се зближи. Домашната, малата, семејната Црква, да профункционира со постојани вечерни и утрински молитви, пред семејниот иконостас; со запалените семејни кандила, со кадењето на домот; со пиење и попрскување со Светата и Богојавленската водичка; со молитвите пред и по јадење; со читање на Светото Писмо и Богоугодните книги; со барањето и давањето прошка на оние што сме им, и ни, згрешиле; со измирување со луѓето и со Бога; со молењето за секое добро за сите, вклучително и за непријателите, а исто така и со длабоко покајание, исповед и пост, молитва, милостина и добри дела, и конечно со примањето на Светата Причест.

Доколку од сето ова што ни се случи и се случува, со ставањето на физичките (надворешните) маски, од една страна, и со паѓањето на внатрешните (духовните маски), не само кај одделни личности, групи, народи и држави, туку и кај целиот свет, нè извлечеме вистинска поука и после спласнувањето во голема мера на пандемијата,  и не отпочнеме да живееме поинаков, правдољубив, дружељубив и човекољубив живот, исполнувајќи ги двете најголеми Божји Заповеди: „Возљуби Го Господа твојот Бог, со сета своја душа, со сиот свој ум, со сето свое срце, со сите свои мисли, и ближниот како себеси“, се плашиме дека тогаш втората – следната опомена, ќе биде полоша од (оваа), првата.

Најмили наши!

            Како што нашата Света Црква, снисходливо го слушна гласот на Владата, очекуваме и во иднина Владата, да го слушне гласот на Црквата и да ја воведе веронауката, како задолжителен предмет во образованието, со цел во вакви и слични неволји и Божји опомени, младите и идните генерации, со смирение и трпение, без ужас и неразумен страв, да се борат со искушенијата што ќе следат, имајќи вера во Бога, со надеж во Господа, Кој ги создаде небото и земјата.

Повторно да напоменеме дека секое искушение и страдање, е по Божјо допуштение, и треба да го примиме како дар, преку кој се спасуваме.

А, пак, најголема можност да се спасуваме и да се спротиставуваме на секое зло, или искушение, Православната Црква како грижлива мајка ни ги дава Светите Дарови, Телото и Крвта Христови – Причеста.

Надвор од Црквата, немаме посилно орудие против злото. Со Црквата владее Светлината на светот, Христос Спасителот. Да си надвор од Црквата, е исто како да си надвор од бродот на Ное, за време на потопот.

Да ја посведочиме нашата вера во Христа, нашата предаденост кон Спасителот и нашата љубов кон Оној, Кој воскресна од мртвите и сите нè повикува кон Себе.

Браќа и сестри, во Христа Воскреснатиот!

             Сите вие кои се плашите од смртта, не плашете се, зашто овој живот е временен, а по него следи вечниот, во Царството Небесно. Затоа, молете Го Бога да ви даде вера, за да направите место во срцата ваши, за Христа Воскреснатиот, Кој ќе ве ослободи од стравот и смртта и ќе ви даде живот вечен. Најмили наши чеда, сите вие кои живеете под срамот од своите јавни и тајни гревови, сега е најпогодното време да го преиспитаме нашиот досегашен живот; да ги откриеме и согледаме сите наши гревови од детството па до денес; да ги исповедаме на Бога, преку нашиот духовник, и така покајани и измирени со луѓето и со Бога, да пристапиме до животворниот Источник Христа, Кој мие и очистува од секаква телесна и духовна нечистотија, со пролевање на многу солзи за нашите гревови и со правење на добри дела, спротивни на гревовите.

Пасха, Господова е, да се прегрнеме еден со друг духовно, и да се целиваме, и да простиме на сите сè, заради Воскресението.

Христос Воскресе! Навистина Воскресе!

Ваш постојанен молитвеник пред Воскреснатиот Христос

Митрополит Преспанско-пелагониски и

Администратор Австралиски и Новозеландски

+ Петар

Лето Господово 2020

 

 

Previous articleСоопштение на САС на МПЦ-ОА (06.04.2020)
Next articleВелики Четврток - Служба на Светите и Спасителни Христови страдања во манастирот Донибрук