Мало осветување на црквата Свети Никола во Перт - Западна Австралија

96

На 15 декември 2024 год. Дваесет и петта недела по Педесетница, кога Црквата го празнува споментот на Светиот пророк Авакум беше извршено Мало Осветување на новоизградената црква „Свети Никола“ во Перт (69 Angove Street, North Perth) – Западна Австралија и беше богослужена Света и Божествена Литургија.

Со благослов на Неговото Високопреосвештенство Митрополитот Преспанско – пелагониски и Администратор на Епархијата за Австралија и Нов Зеланд (МПЦЕАНЗ) г. Петар беше извршено Мало Осветување (полагање на Светиот Антиминс) од страна на епархискиот секретар на МПЦЕАНЗ протоереј – ставрофор Љупчо Каревски од Мелбурн. Малото Осветување се извршува исклучиво со благослов на надлежниот епархиски архиереј – владиката, за да може парохискиот свештеник да богослужи во новоизградениот храм, се до Големото и торжествено Осветување на истиот.

Се отслужи и Света Божествена Литургија, на која богослужеа епархискиот секретар: протоереј – ставрофор Љупчо Каревски и парохискиот свештеник во Перт: ереј Стојан Пешовски. Духовната радост беше голема кај сиот македонски народ во Западна Австралија кои беа присутни и се причестија со Светите Христови Тајни.

Од името на нашиот духовен татко – владиката г. Петар и Епархијата за Австралија и Нов Зеланд, им честитаме на сите верни чеда на Македонската Православна Црковна Општина „Свети Никола“ од Перт (69 Angove Street, North Perth) при МПЦЕАНЗ, што подигнаа толку убав и величествен храм на Македонската Православна Црква и им посакуваме што побргу да го дочекаме денот на Големото Осветување, воедно и на новопоставениот парохиски свештеник ереј Стојан Пешовски, плодотворна, ревносна и успешна мисија помеѓу нашиот народ во Перт – Западна Австралија.

За многу години!

Previous articleПразникот на Свети Климент во Сиденхам