Молитва на Преображение

1921
Исусе, дојди при нас повторно, не го слушај Петар! Слези од Тавор и дојди во нашиот дом, во нашите души! Дојди тука, каде ние страдаме и се трудиме за корка леб! Дојди тука, каде што сме распнати од луѓе, бесови и страсти! Ако Петар не сака да слезе, остави го на гората и дојди при нам, во нашите срца!
Научи нé, како да се спасуваме, покажи ни, како да трпиме. Научи нé како да го носиме нашиот животен крст. Научи нé, како да се распнуваме. Дојди и пострадај за нас, Сам распни се наместо нас, Сам вкуси ја чашата на смртта, преку страдание покажи ни го новиот пат на спасението.
О, колку би сакале да останеме со Петар на Таворската гора! Но ние носиме тела, загушени от болести, похоти и страсти. Во нашите гради срцата горат од завист. Дома нé чекаат децата, просејќи од нас леб!
О, колку би сакале да се насладуваме со Петар таму, на Таворската гора! Но ние се гледаме себе покриени со гревовна магла. Не оставај нé нас, Исусе, но слези при нас во виор до подножјето на гората. Тука Те чекаме заедно со останатите ученици: Тома, Андреј, Јаков и Матеј, Јуда и Вартоломеј, Симон и Тадеј. Гладни и голи, странци и сираци, деца и старци, вдовици и сиромашни, болни и страдалници – сите Те чекаме, жедни сме за Тебе. Дојди и помири се со нас.
Слези уште пониско, до морскиот брег, каде животот се бие во брановите, таму, каде толку многу кораби се разбиваат од карпите, се кршат толку многу весла, толку многу души се спуштаат на дното од бесната сила на брановите. Знаеме, дека гората со нејзините тишина и осаменост Те повикуваат Тебе на молитва, но сепак погледни со сожаление кон морето. Тука, во далечината, брановите се креваат, ги кинат бреговите со таква лутина… И тоа е светот. И во брановите бродовите се борат против морето, ветрот и ноќта… И тоа е човекот.
Слези тука, во длабочината морска, во срцето на човекот, во бедрата на семејството. Тука, каде светлината е помешана со темнината, животот со смртта, радоста со воздишките, лебот со правот, правдата со лагата, медот со отровот, любовта со злобата, виното со оцетот, времето со вечноста. Дојди тука, кај што ние луѓето страдаме, измири се со нас, преобрази го лицето на светот, стиши го морето, успокој ги срцата, соедини ги во едномислие нашите души. Амин.
Архимандрит Јакинт (Унчуљак)

Previous articleОсми ден бр. 81
Next articleОсми ден бр. 82