Честопати во животот доаѓаме до моменти кога сфаќаме, дека ние самите не сме во можност да ги контролираме ситуациите, и дека од нас се бара да го направиме најдоброто што е можно во наша моќ. Животот носи изненадувања, некојпат пријатни, а некојпат и непријатни. Ние на секое такво изненадување треба да одговориме со вера во Бога и мисла дека со секое искушение стекнуваме поголемо искуство, а со тоа, наредното што ќе дојде ќе биде полесно одминато.
Животот е дар од Бога и треба да го цениме. Децата се најголемата радост за родителите, но во исто време и најголемата болка, ако им се заканува некаква животна опасност. Се случува да бидеме ставени пред најголемиот тест: како ќе одговориме, ако нашето дете се најде во таква ситуација, особено ако тоа е во своите први часови или денови од раѓањето?
Во тие моменти треба да знаеме дека Бог никогаш не нé напушта и секогаш е тука за да ни помогне, само ние ќе треба со молитва да се обратиме кон Него. Со цел новороденчето да биде духовно здраво и да стане дел од Православната Црква, тоа треба да биде крстено во името на Отецот и Синот и Светиот Дух, со што се исполнува заповедта што Господ им ја дал на апостолите (Матеј 28:19).
Крштевањето го врши православен свештеник. Во итни случаи, кога е загрозен животот на бебето и тоа треба итно да се крсти, а ако во близина нема православен свештеник тоа можат да го направат и обичните верници, кои немаат свештенички чин, но кои се крстени и исповедаат Православна вера (мајката, таткото, бабата или некој друг православен христијанин). Таквото крштение се нарекува клиничко.[1]
Тоа се врши со трикратно потопување или, во краен случај, ако детето е во инкубатор, преку страничниот отвор со попрскување со вода, и со изговарање на зборовите: „Се крштева слугата Божји (се кажува името) во името на Отецот – амин, и Синот – амин, и Светиот Дух – амин“. Веднаш, откако ќе бидат изговорени овие зборови, треба да се стапи во контакт и да се повика свештеник од најблиската православна црква, кој над преживеаното новороденче целосно ќе го изврши чинот на Крштение, но не и трикратното потопување.[2]
Во Мелбурн можете да ги контактирате следните свештеници:
Протоереј Јовица Симоновски
моб. 0412 049 194; e-mail: veryrev.j.simonovski@gmail.com
Протоереј-ставрофор Љупчо Каревски
моб. 0412 554 410; е-mail: rev.karevski@hotmail.com
Протоереј Трајко Мојсов
моб. 0430 060 515; е-mail: father.mojsov@gmail.com
Протоереј-ставрофор Тоне Гулев
мoб. 0413 270 938; е-mail: revgulev@bigpond.com
Протоереј Душко Спиркоски
мoб. 0401 090 899; е-mail: rev.dspirkoski@gmail.com
[1] http://www.stvladimiraami.org/faqs.shtml
[2] http://www.povardarska-eparhija.org.mk/pe//index.php?option=com_content&task=view&id=393&Itemid=68