ВОВЕД
Животот ни е дар од Господ. Бог го создал човекот по Божји образ и подобие. За разлика од сите други созданија Бог на човекот покрај тело, му дарувал и словесна – разумна душа. Па така, човекот е битие – личност што не може да се погледне одделно, туку само како взаемен, неразделен и единствен склоп на душата и телото. Затоа, едновремено мораме да внимаваме и на душата и телото.
Нашето раѓање и доаѓање на земјата е по Божјата промисла. Не сме случајно родени на земјата, ами да живееме живот во духовно изобилие, да бидеме радосни и добри. И така живеејќи, да ја постигнеме крајната цел – да се вратиме кај Создателот, да ја обновиме заедницата со Бога, односно да го постигнеме Царството Небесно.
За време на нашиот живот, многу нешта не можеме да ги избереме, и немајќи избор ние ќе мора да ги прифатиме такви какви што се, независно дали е по наша волја или не, и при Тоа, борејќи се со искушенијата да останеме со добра мисла и волја. На пример, ние не можеме да избереме дали ќе биде ден или ноќ. Не можеме да избереме, по наша волја, дали да врне или да биде сончево и многу други нешта. Исто така и не сме прашани дали сакаме да бидеме болни или не, едноставно спротивно на нашата волја, болеста ќе дојде во нашиот живот. Но, мораме да одиме низ историското време кое што Господ ни го дарува, па, макар и да сме болни, со жива вера и сигурна надеж да се молиме, а доколку Бог благослови, по Неговата голема милост можеме да се избавиме од болеста.
СВЕТИТЕ ОТЦИ ЗА МОЛИТВАТА
Молитвата е разговор со Бога. Дури и да зборуваме со тивок глас, дури и да шепотиме, без да ги отвораме усните, дури и да повикуваме кон Него само од длабочините на нашето срце, нашиот неискажан збор секогаш стигнува до Бога и Бог секогаш го слуша.
Св. Климент Александриски
Молитва е говорење на умот со Бога. Како што лебот е храна за телото и како што добродетелта е храна за душата, така духовната молитва е храна за умот.
Св. Нил Синајски
Кога ќе станеш наутро и ги принесуваш утринските молитви, застани во срцето пред Бога колку што е можно понеколебливо, а потоа изврши ја работата што ти ја задал Бог, без да се отстраниш од Него во твоите чувства и свест. Кога се молиш, обиди се молитвата да допре до твоето срце. Со други зборови, потребно е срцето да го чувствува она што го зборуваш во твојата молитва, да го посака благословот којшто го бараш… Набљудувај, за време на молитвата, дали твоето срце е во согласност со она што го велиш.
Св. Јован Кронштатски
Бог го слуша не нашиот глас, ами нашето срце. Он не треба да се притиска со извици, бидејќи Он ги гледа нашите мисли.
Св. Кипријан Картагински
Треба да се молиме со покајание, со солзи, со почит, со ведрина и голема смиреност. Нашите гревови не треба да нѐ спречат да се молиме. Ние треба да се срамиме од нашите гревови, но тие не треба да нè спречуваат во нашите молитви. Иако си грешник, пријди кон Бога со молитва, за да можеш да се помириш со Него; дај Му можност да ти ги прости гревовите, а и ќе ти ги прости за да ја покаже Својата љубов кон човештвото.
Св. Јован Златоуст
Како што секоја добродетел има соодветен резултат, така и молитвата како резултат го има очистувањето на умот и просветлувањето… Со молитвата, божествената благодат станува активна и овозможува решенија за проблемите и испитувањата кои ги мачат верните.
Старец Јосиф Ватопедски
Моли се без пресметливост, без задни намери, не за да добиеш или да заработиш нешто. И илјада метании ако направиш со намера да влезеш во рајот, немаат вредност. Тоа треба да го правиш од љубов, а ако сака Бог да те стави во пеколот, нека прави што сака. Тоа значи несебичност.
Старец Порфириј Кавсокаливитски
Запомни дека додека се молиш, Бог очекува од тебе позитивен одговор на Неговото прашање: “Дали веруваш дека Јас можам да ја исполнам твојата молитва?” Мора да бидеш способен да одговориш од дното на срцето: “Да, верувам, Боже”, а потоа ќе бидеш услишан според твојата вера.
Св. Јован Кронштатски
Добро е да се молиш секогаш и да не паѓаш со духот, како што вели Господ, а и повторно апостолот вели: „Молете се постојано”, што значи ноќе и дење и во секој час и не само кога доаѓаш во црква, а во останатото време да не се грижиш за молитвата. Без разлика дали работиш, дали си легнат за да спиеш, патуваш, јадеш, пиеш, седиш на маса, не прекинувај ја својата молитва, бидејќи не знаеш кога ќе дојде Оној што ќе ти ја побара душата. Не чекај до недела или празник или за друго место, туку, моли Му се, како што вели пророкот Давид, „на секое место на Неговото владеење“.
Св. Ефрем Сирин
Клучот за духовниот живот е молитвата. Единствен учител на молитвата е Божјата благодат. Ако ви кажам дека медот е сладок, течен, ваков или наков, вие нема да разберете доколку не го вкусите. Истото е и со молитвата. Ако на пример, ви кажам „чувствуваш вака и вака, чувствуваш тоа и тоа“ итн., нема да разберете, ниту ќе знаете како да се помолите, „освен преку Светиот Дух“ (1 Кор.12, 3).
Старец Порфириј Кавсокаливитски
МОЛИТВЕНИК
во време на болест
Молитва кон Пресвета Троица
Во името на Отецот, и Синот и Светиот Дух. Амин
Слава Ти, Боже наш, слава Ти.
Цару Небесен, Утешителу, Духу на вистината, Кој си насекаде и сè исполнуваш, Ризницо на добрините и Животодарителу, дојди и всели се во нас, и очисти нè од секаква нечистотија и спаси ги, Благи, нашите души!
Свети Боже, Свети Крепки, Свети Бесмртни, помилуј нè! (3 пати)
Слава на Отецот, и Синот, и Светиот Дух, сега, и секогаш, и во вечни векови! Амин!
Пресвета Троица, помилуј нè. Господи, очисти ги нашите гревови. Владико, прости ги нашите беззаконија. Свети, посети и исцели ги нашите слабости, заради Твоето име.
Господи помилуј! (3 пати)
Слава на Отецот, и Синот, и Светиот Дух, сега и секогаш и во вечни векови. Амин!
Оче наш, Кој си на небесата, да се свети името Твое; да дојде царството Твое; да биде волјата Твоја, како на небото,
така и на земјата; лебот наш насушен дај ни го и денес и прости ни ги долговите наши, како што и ние им ги проштеваме на нашите должници; и не воведувај нè во искушение, но избави нè од лукавиот. Амин!
Псалм 22
Господ е Пастир наш. Господ е добриот Пастир.
Господ е Пастир мој, ништо нема да ми недостасува, Он ме пасе на плодни пасишта и ме води во тихи води, ја поткрепува душата моја, ме води по патот на правдата заради името Свое. Кога би тргнал и по долината на смртната сенка, нема да се исплашам од злото, зашто Ти си со мене, Твојот жезол и Твојата палка ме успокојуваат. Си приготвил пред мене трпеза на очиглед на непријателите мои, си ја помазал главата моја со елеј и чашата Твоја ме напојува со блаженство. И милоста Твоја така да ме придржува преку сите денови на мојот живот, и јас ќе престојувам во домот Господов многу дни.
Псалм 29
Благодарствена молитва за спасение од смртта
Ќе те вознесувам, Господи, затоа што ме прифати и не допушти непријателите мои да се радуваат над мене. Господи, Боже мој, повикав кон Тебе, и Ти ме исцели. Господи, Ти ја изведе душата моја од пеколот и ме спаси од оние што слегуваат во гроб. Пејте Му на Господа, праведници Негови и исповедајте Го сеќавајќи се на Неговата светост, зашто гневот Му е во јароста Негова, а животот – во милоста Негова. Навечер настанува плач, а изутрина голема радост. И јас си реков во изобилието мое Нема да се поколебам довека. Господи, според волјата Твоја подај ѝ на добрината моја сила, но Ти го сокри лицето Свое и јас се збунив. Тогаш кон Тебе, Господи, повикав и на мојот Бог, му се помолив. Каква полза од крвта моја, кога ќе слезам в гроб? Ќе ја исповеда ли правот, ќе ја објавува ли тој вистината твоја? Ме услиши Господ и ме помилува и Господ стана помошник мој. Ти ја претвори тагата моја во радост, го симна од мене костретот и ме препаша со веселба, за да Те слави душата моја и да не замолкнам, Господи, Боже мој, вечно ќе те славам!
Молитва за болен
Милостив Господи, Исусе Христе, посети нé во време на нужда и жалост и како што си ја излекувал Јаировата ќерка и ја подигна од постелата на болеста, посети Владико го Твојот слуга (името), и избави го од болеста и болката. Зашто Ти Самиот си ја носел болеста и жалоста на нашиот род и со Тебе ништо не е невозможно. Зашто си премилостив и Тебе слава и чест Ти принесуваме сега и секогаш и во вечни векови. Амин!
Молитви на болен за исцеление
Свет Оче, небесен Исцелителу на телото и душата, Кој го испрати Твојот единороден Син, нашиот Господ Исус Христос, за преку Него да ги излечиш болестите и да нé избавиш од смртта, Ти излечи ме мене, Твојот слуга, од сите страдања и обнови го во мене здравјето по благодатта на Твојот Божествен Син, по молитвите на нашата Пресвета Владичица и Приснодева Марија, Мајката Божја, и сите светии. Зашто Ти си Извор на исцеленијата, Господи, и Тебе ти благодариме, на Отецот, Синот и Светиот Дух, сега и секогаш и во вечни векови. Амин!
Господи, сега Ти се молам да ме услишиш и да се обрнеш кон гласот на мојот молба. Простри ја Твојата рака, допри се до мене и исцели ме од мојата немоќ. Дарувај ми да можам да ја разберам природата на мојата болест и поддржи ме кога се справувам со нејзиното дејство врз мојот живот. Зајакни ме, Господи, да не ја гледам мојата болка како голема пречка, туку како предизвик, кој треба да се исполни и да се надмине. Светиот Отец Небесен, Кој во Твојата бескрајна љубов нè создал според Твојот образ и подобие; Кој го создал моето тело од земја и го вдахнал во него Твојот божествен и животворен здив; Ти, Самиот, Господи, погледни милостиво врз мене, Твоето чедо, и исцели го мојот дух и тело. Помогни ми да ги издржам страдањата на мојата немоќ и сочувај ја мојата душа низ сето она што се случило и ќе се случи. Да, Господи, знам дека Ти си сеприсутен во сите времиња, долготрпелив, многумилостив и сочувствителен. Прими ја сега мојата молитва и управи го мојот живот според Твоите заповеди. Освети ја мојата душа. Очисти го моето тело и исправи го мојот ум. Избави ме од тага, зло и страдање. Опкружи ме со Твоите свети ангели, та чуван и воден од нив, да можам да ја надминам оваа несреќа. Амин!
Господи, Исусе Христе, сакам да оздравам. Ти ги понесе нашите болести. Земи ги сите мои сили во Својата рака и исцели ме. Ти си мир, а јас сум немирен и стравувам. Ти ги зеде моите гревови врз себе. Дојди, и дај ми го Твојот мир. Од длабочината на мојата душа повикувам кон Тебе, Господи, слушни го мојот глас и помогни ми, зашто повикувам од неволјата и стравот. Ти се молам за Твојата близина и помош. Ти се молам да направиш чудо над моето тело и душа и да ги исцелиш. Не ги познавам Твоите мисли, не знам зошто сум болен, само сум убеден дека тоа е Твоја волја. Бев здрав и се потпирав на својата сила. Сега други се грижат за мене. Тоа е Твоја волја и би сакал тоа да го научам. Живеев меѓу здравите и не ги забележував болните. Сега гледам околу себе море страдалници, дај ми сострадални очи за сите што трпат со мене. Мислев дека мојот живот ќе продолжи без крај, но овој час ме приближува кон мојот крај. Подготви ме за часот на мојата смрт. Секогаш работев и никогаш немав време. Сега времето ми минува бескорисно. Во сето тоа ја гледам Твојата волја. Зад себе оставив многу неред, многу кавги, многу нељубезности и суровости на срцето. Прости ми го мојот долг и дај ми време и јас на сите да им простам. Оздрави ме, Господи на телото и душата, и дај ми пак да започнам здрав, на оваа земја или, ако е Твоја волја, во вечниот живот. Се предавам на Твојата волја. Тебе сакам да Те најдам, Тебе да Те примам, Тебе да Ти багодарам и да Те славам сега и секогаш и во вечни векови. Амин!
Молитва за трпение
Господи, моите телесни сили се скршени. Ти се молам, смилувај се на мене, да не ослаби мојот дух. Честопати телесната болест е здравје за душата, зашто кога сме болни, подобро ја сознаваме нашата духовна состојба, се учиме да трпиме и да си спомнуваме дека сè што е земно е минливо и само по себе е ништожно, а над сè е Твојата света волја. Ти се молам предобар Господи и Оче небесен, како што си бил со мене кога сум бил здрав и радосен, така биди со мене и сега кога сум болен и тажен. Утешувај ме, укрепи ме, давај ми сили за да можам да Ти угодам и да се спасам. Помогни ми, трпеливо да ги поднесам сите маки. Дај ми оваа болест да ме доведе до сознание дека не само кога сум здрав, туку и кога сум болен и кога страдам, не треба да Те нажалувам, туку да Те љубам. Затоа Боже, повторно Ти се молам, поткрепи ме да бидам трпелив, да живеам со Тебе и вистински да се радувам на дарот на животот и сега кога сум болен, оваа болест да ми послужи за придобивање на целомудрие и за вечен живот. Амин!
Молитва пред операција
Небесен Оче, Создателу и Утешителу, Кој ме создаде според Твојот образ и подобие, Ти го знаеш секој дел од моето битие и си благоволил јас да се родам. Те молам, Господи, да ги водиш умот и рацете на оние кои ќе ме оперираат, така што да можам да се вратам во здравје и благосостојба. Помогни ми, Господи, да се молам со сето мое срце и направи моето бреме поради загриженост и вознемиреност и она на моето семејство, да се олесни со познанието дека Ти си со нас, сега и секогаш. И Господи, кога ќе се разбудам од операцијата, прифати ме со Твојата рака и води ме кон местото на благодарствен живот и мир. Амин!
Молитва после операција
Милостив Господи, Ти благодарам зашто му беше помош и водач на мојот доктор и на оние што му прислужуваа за време на мојата операција и за скоро исцеление. Како жената што се допре до крајот на Твојата одежда (Лк. 8:40-56), така исто и јас поради мојата болест бев ослободен од вознемиреноста и самотијата. Подобно на неа се радувам поради моето враќање во мојот дом, кај моето семејство и пријателите. Со нетрпение го очекувам сето она што Твојот свет благослов има да ми го понуди, и кога ќе станам од оваа постела, да излезам надвор како поинаква и внимателна личност во изполнувањето на Твоите свети евангелски повелби. Да, Господи, благослови ме со добрината што изобилно ја излеа врз мене, та јас постојано да сведочам за Твојата исцелителна благодат. Нека Твоето свето име биде прославувано сега и засекогаш. Амин!
Молитва за доктори и медицински персонал
Господи Исусе Христе, Боже наш, човекољубецу, лекару на нашите души и тела, кој си ја истрпел болката на нашите слабости и со чии рани ние се исцеливме; Кој му даде на слепородениот да прогледа; Кој ја исправи жената која беше згрбавена 18 години; Кој му го врати говорот и видот на немиот демоноопседнат; Кој не само што си му ги простил гревови на парализираниот, туку го исцели и почна да оди; Кој ја направи здрава исушената рака на несреќниот човек; Кој го запре крвотечението на онаа што крвареше 12 години; Кој ја воскресна ќерката на Јаира и го врати четвородневниот мртов Лазар во живот; Кој лекуваш секаква немоќ под сонцето: Господи, дарувај ја Твојата благодат на сите оние што се собраа и кои се трудеа и учеа час по час, за да отидат по целиот свет и да лекуваат со талантот, кој Ти си им го дал на секој од нив. Укрепи ги со Твојата сила, да не се плашат од никакво зло или болест. Просветли ги да прават добро со делата на нивните раце, и зачувувај ги нив и оние на кои им служат во мир, зашто Ти си Бог наш и ние не знаеме за друг бог, и Тебе слава Ти принесуваме, со Твојот предвечен Отец, и Твојот Пресвет, добар, и животворен Дух, сега и секогаш и во вечни векови. Амин!
ОБЈАСНУВАЊЕ НА БОЛЕСТИТЕ СПОРЕД СВЕТИТЕ ОТЦИ НА ЦРКВАТА
Свети Василиј Велики вели: „Има болести што се од телесна природа, и е потребна лекарска вештина; има болести како казна за грев, и е потребно трпение и покајание. Има болести што се дадени за трпение но и за соборување на лукавиот, како во случајот со Јов, и болести што се пример за нестрпливите, како кај Лазар. Трпат болести и светите, покажувајќи им го на сите смирението и ограниченоста на човечката природа, која е заедничка за сите.“
„Болестите се испраќаат за очистување од гревот, а понекогаш за да се смири превознесувањето“. (Преподобен Јован Лествичник)
„Причина за болеста е гревот, сопствената волја, а не некоја нужност“. (Преподобен Ефрем Сирин)
Од гледна точка на светоотечкото учење, болниот човек помалку греши, потрезвено размислува за смислата на животот, како што кажал светиот Игнатиј Брјанчанинов: „Болничката постела често станува место на богопознание“.
Храброто поднесување на болестите образува во човекот својства како што се: трпение, истрајност, издржливост и некои други добродетели. Постојат и други битни разлози болестите да не се гледаат само низ призмата на страдање и неизмерен јад. Подвижниците на светоста сметале дека правилното сфаќање и однос кон болеста, може да донесе голема полза за душата.
Пример што покажува христијански однос кон болеста може да послужи наведениот извадок од размислувањето на светиот Григориј Богослов: „Страдам од болест и изнемоштев телесно. Некои вообразени можеби им се потсмеваат на моите страдања. Раслабени ми се членовите на телото и нозете несигурно одат. Не знам дали е тоа последица од воздржување, или последица од гревови, или некаква борба. Како и да е, Му благодарам на мојот Владика! Тоа може да биде дури и подобро за мене. Но исцели ја болеста, исцели ја со Своето слово, Твоето слово за мене е спасение! А ако не исцелиш, дај ми трпение сѐ да поднесам“.
На друго место, истиот Свети Григориј вели: „Болестите на мојата душа ѝ служат како извесно очистување, а секој има потреба од очистување, колку и да е силен“. Истото го вели и симонахот Макариј: “Телесните болести ги очистуваат душевните“.
Светиот епископ и хирург Лука Војно – Јасенецки вели: „Од животот на многу светии познато е дека долгите и исцрпувачки болести им биле повеќе од помош, зашто ги смирувале страстите, ги лишувале од впечатоците на световниот живот со неговиот метеж и врева, која одвлекува од вдлабочувањето во скривалиштата на духот“.
„Имаме голема полза од болестите, само да ги поднесуваме без негодувања и да го славиме Бога, барајќи ја Неговата милост“, говорел светиот Старец Порфириј, кој што и самиот долготрајно страдал од тешки телесни болести.
Во последно време и официјалната медицина во извесни случаи ја потврдува концепцијата на Црквата за полезноста на болеста, а нејзината практична употреба започнала од поодамна – на пример, со вакцинацијата, која често се смета дека не е ништо друго туку вештачки предизвикано заболување со послаб интензитет за да се спречи посериозна и поопасна болест.
Постои и мислење дека извесни болести можат да се сметаат за рестартирачка и очистувачка криза, како што се настинките и грипот. Позитивната страна на болестите може да се оцени и од фактот што организмот после надминувањето на одредени заболувања формира помалку или повеќе постојан одбрамбен имунитет.
Ќе се запрашаме: Зарем сите болести се поради гревовите? Не се сите, туку поголем број од нив. Некои настануваат и од негрижа. Според Свети Јован Златоуст стомакоугодувањето, пијанството и безработицата исто така предизвикуваат болести. Но тој и вели, дека болестите се случуваат и за наше испробување во доброто.
Истиот отец при болест нѐ советува: „Ако за време на телесна немоќ не ја искористиме помошта од постот, а покажеме уште поголема негрижа, ќе си причиниме најголема штета“. Истото на поинаков начин го вели светиот Тихон Задонски: “Болеста се влошува поради нетрпение“.
Можеме ли да се лекуваме кај лекар и да примаме лекови?
Светиот подвижник Нил Синајски вели: „Во болестите – пред лекарите и лековите ползувај се со молитвата“.
Но, не е погрешно да се лекуваме на лекар и да примаме лекови, зашто сѐ е од Господа, па и лековите и дарот што го добиваат лекарите.
“Зошто да не се лечиме? И лекарите и лековите Бог ги создал. Зарем залудно ги создал? Не, туку за да лечат болести; избегнување на лекарите и лекарствата е прекор кон Бога, вели светиот Теофан Затворник.
И Свети Амвросиј Оптински говори слично: „Нема грев човекот да прибегнува кон средства за лечење, ами во тоа болниот сета надеж за оздравување ја полага само во лекарите и лековите, заборавајќи дека сѐ зависи од себлагиот и семоќен Бог, Кој единствен го дава или го зема животот.“
Во врска со различните духовни причини на болестите, болните и здравите можат на најразличен начин да Му се обраќаат на Бога. Црквата, молејќи се на богослужбите и при молитвословијата за исцелување на болниот, смета дека чинот на вера и љубов за ближниот го исполнува она што Господ го посакува, па и нему, заради верата и сострадалноста подобни на оние што го беа довеле Парализираниот човек на постела, му дарува оздравување. Свети Јован Кронштадски сведочи: Бидејќи Бог е живот, а болестите и немоќите се оддалечување од животот, доволно е само да нѐ допре изворниот, првоначалниот Живот, и да ги исцели.
НЕКОЛКУ ГОСПОДОВИ ИСЦЕЛЕНИЈА НА БОЛЕСТИ ВО СВЕТОТО ПИСМО НА НОВИОТ ЗАВЕТ
Нашиот Спасител Исус Христос, Koј дојде да го исцели човечкиот род и да ја разреши смртната болка, во Евангелието, како Лекар на душите и телата лекува најразлични болести. При тоа, од оние што му пристапуваа ја бараше нивната вера за да дејствува Бог со исцелетилната сила.
Во Евангелието според Матеј (Мт. 8,2-3), Христос го исцелува Лепрозниот кој што Му се молел: ,,Ако сакаш, можеш да ме очистиш“. Во истото Евангелие (Мт 9, 27-31), Исус, двајцата слепи кои што му повикуваа: „Смилувај ни се, Сине Давидов“, ги запраша: „Верувате ли дека можам да го направам тоа? Па, откако му одговорија: „Да, Господи!“, се допре до очите нивни и рече: „Нека биде според верата ваша!“ И очите им се отворија и прогледаа.
Во Евангелието според Лука (Лк. 8, 43-48) се посведочува за верата на Крвоточивата жена која иако боледуваше 12 години не ја загуби верата и надежда во Бога, но кога го виде Исуса, се приближи одзади, се допре до Неговата облека, зашто си велеше: „Само ако се допрам до облеката Негова, ќе оздравам“(Мт, 9,21). Наеднаш, потоа, и престана крвотечението, а Исус се сврте и сакајќи да ја објави нејзината вера рече: „Некој се допре до Мене, зашто сетив дека излезе сила од Мене“. По јавното исповедување на Крвотечивата жена, зошто таа се допрела до Исуса и дека оздравела, Исус и рече: „Не бој се, ќерко, верата твоја те спаси, оди си во мир!“.
Во 15-та глава од Евангелието по Матеј (Мт. 15,22-28), една мајка од Хананејски род, го моли Христа да ја излекува нејзината ќерка која се мачи од бес повикувајќи: „Помилуј ме Господи, Сине Давидов! Ќерка ми жестоко се мачи од бес. Но Он не ѝ Одврати ниту збор. И пристапувајќи до Него, учениците Негови Го молеа и велеа: Отпуштија оти вика по нас. А Он одговори и рече: Јас сум пратен при загубените овци на домот Израилев. Но таа, кога пристапи му се клањаше и велеше: Господи помогни ми! А он и одговорајќи ѝ рече: Не е добро да се земе лебот од децата и да се фрли на кучињата. Но таа Му рече: Да, Господи, но и кучињата јадат од трошките, што паѓаат од трпезата на нивните господари! Тогаш Исус одговори и рече: О жено, голема е твојата вера, нека ти биде по желбата твоја! И во тој час оздраве ќерката нејзина“.
Бог ги допушта болестите за спасителна цел. Некојпат ги остава подолго време за да ја испита нашата вера, колку е таа силна, постојана и непоколеблива. Затоа, имајќи ги предвид Евангелските собитија, во ниту еден момент да не се обесхрабриме, туку поусрдно да му се молиме, а Тој премудро знае кога е полезно за нашата душа да бидеме излекувани. Примерот со жената Хананејка особено не потикнува и ние да бидеме цврсти и со непоколебливата надеж, доколку не сме излекувани во истиот час, без да се откажуваме или да паѓаме со духот, усрдно да се молиме и да се надеваме на Божјата милост. Зашто ете, јасно е покажано дека Бог се грижи за секого и сите безусловно нѐ љуби, па сигурно нема да ги остави неуслишени нашите молитви.
Во Евангелие според Јован (Јн. 9, 1-7), имаме и еден поинаков случај. Се сведочи за излекувањето на Слепородениот, кој седел и просел на улиците. Во таа прилика Учениците го прашаа Христа: „Рави кој згрешил? Тој или родителите негови, та се родил слеп. Исус им одговори: Ни тој, ниту родителите негови згрешиле, туку за да се јават делата Божји врз него… Штом го рече тоа, плукна на земја, направи кал со плунката и ги намачка со неа очите на слепите, и му рече: Отиди и измиј се во бањата Силоам!, што значи „Испратен“. Тој отиде, се изми и дојде гледајќи.
Бог со исцелението над Слепородениот ни разјаснува дека не секоја болест е поради наши или гревови на нашите родители, туку дека болестта е допуштена за да се прослави силата на Бога, та преку чудесното лекување на тешко болни, не само смите тие туку и луѓето во нивно опкружување да поверуваат и да го познаат Господа. При отворањето на очите на Слепиот, Бог сакал да ги отвори затворените очи на срцето, односно да го изцели духовното слепило на луѓето што се нашле наоколу. Така е и кога ќе излекува чудесно некој болен, за кого медицината кренала раце. Тоа го прави за нас останатите, телесно здрави, но духовно болни и слепи да ги отвориме духовните очи и да поверуваме за спасение на душата и телото.
НЕКОЛКУ СВЕДОШТВА ЗА ЧУДЕСНИ БОЖЕСТВЕНИ ПОСЕТИ НАД БОЛНИ И ИСЦЕЛЕНИЈА ОД БОЛЕСТИ ВО НАШЕТО ВРЕМЕ
* * *
Денешниов ден ќе беше вообичаен. И многу подобар од претходните. Работата добро одеше денес, имавме многу планови за празниците. Сè до мигот кога заѕвони телефонот. Карцином. Така просто го рече тоа. Малку пред тоа имаше плачено, не сум сигурен. Имам рак, Коста, – ми рече. Ракот има „традиција“ во нашето семејство. Пред 3 години татко ми беше удрен од оваа љубов Божја. Се упокои на 14 октомври 2005 година, во „Свети Сава“, на денот на Покровот на Пресвета Богородица. Го прославивме Бога во оној ден и ѝ заблагодаривме на Пресветата наша што го зеде во нејзиниот ден. Сите овие нешта звучат „лудо“… Го славите Бога затоа што го зел вашиот татко?! Да! Татко ми беше неверник. Помина окупации, војни, измачувања во домови за бегалци, прогон на островот Свети Евстратиј, напади, се откажа од бродската трговија поради многуте грижи и се вработи во градежништво и работеше 50 години. Безбожник го нарекуваа, но едноставно тој беше нерелигиозен. Велеше дека е безбожен и се кикотеше… Сè до денот кога ги допре раните на Господ. Сè до часот кога тој негатор на Натприродниот го виде присуството на Господ. Се сеќавам, со зорт го однесов во болница. На лекарот не му требаше многу време за да ми каже. Рак, – рече едноставно. Татко ми се насмевна и нервозно го удри весникот – секогаш го купуваше уште рано, чиниш се плаши да не нема. Ракот се задржа 4 години.
Татко ми Го запозна Христос со едно чудо. Отидовме во храмот на Свети Партениј (исцелител на болните од рак) и се обиде да го запали кандилото на светителот. Не се палеше. Помисли да отиде во возилото за да земе друга запалка. Штотуку го сврте грбот кон кандилото, од кандилото излезе пламен висок еден метар. Татко ми занеме… сите го видовме тоа што се случи. Тој не проговори ништо. Но беше подготвен. Побара простување од Христос. Го прими во своето срце. Поверува во Господ. Во последните денови ни говореше светоотечки зборови, без да има поим од светите отци. Татко ми се упокои и е во рајот Христов. Го знам тоа. Не можам да ви покажам. Но го знам тоа. Во денот кога замина кај Христа празнуваше нашата Пресвета Богородица. Симболика? За некои наивни како мене – Да. Се сеќавам во соседната соба се упокои некој друг брат. Неговата жена ја хулеше Пресвета Богородица што и го зела сопругот. Ние во другата соба славословевме. Некој заминал од овој суетен свет и отишол во неговата вистинска татковина.
* * *
57 годишниот Грег томас добил дијагноза дека има рак на вратот и главата кои се е во напредна фаза 4. „Лекарите не можеа да ми кажат уште колку живот имам, само и рекоа на мојата фамилија да се подготвува за мојот погреб“ – изјави Грег.
Грег за да ужива во животот колку што му останало одел на долги прошетки со своето куче низ селскиот пат во Минесота. На една од тие прошетки, до патот видел прекрасна, но руинирана црква. Одлучил додека е жив да ја бојадиса, да биде убава и бела како порано. Црквата полека го враќала својот сјај, а на една од последните контроли лекарите зачудено му кажале дека ракот како да се повлекува.
Грег верува дека црквата го оздравела и најави дека ќе продолжи со нејзината реставрација, прво покривот а потоа и внатрешноста.
* * *
Еден маж страдаше 25 години од егзем. Ги помина сите лекари без да најде лек. Му се имаше раширено на рацете, лицето, главата, насекаде. Лошо изгледаше. Неговата жена, веднаш штом дозна дека се вратив од Грција, дојде во Политија каде што живеам, за да дознае нешто за светителот св. Нектариј Егински. Го помоли со вера. Враќајќи се во нејзиниот дом, дојде еден лекар кај нејзиниот маж и тој се излечи. Се зачудивме. Како тоа, толку години не се најде таков лекар? Тоа го сфативме како одговор на молитвата на мојата пријателка.
К.П. 22.02.1968 г., Австралија
* * *
Човек пред смрт – се спасил!
Жител сум на Јужна Африка. Родно место ми е Ираклио на Крит а мојот сопруг е од Ретимно. Мојот сопруг страдаше од воспаление на вените во напредна фаза и беше закажана операција заради напреднатата состојба и на двете нозе.
Во декември 1965 г. му се појави сериозна болест на белите дробови. Можеби причина за болеста беше неговата работа како хемичар.
Оттогаш беше постојано под надзор на врвни лекари. Имаше редовни советувања, заради сериозноста и реткоста на состојбата, без да можат да ја подобрат или дефинираат состојбата. Редовно земаше кислород и осум видови на апчиња кои ги пиеше четири пати во денот. Поради лошата циркулација на крвта беше нападнато и неговото срце. На 1 октомври 1967, ден недела, почна да плука крв. Го повикавме семејниот лекар и тој нареди да го пренесеме на клиника. Болките станаа неподносливи, особено во ребрата и плукањето крв не престануваше. Во клиниката го чекавме докторот Ботулас (кардиолог – патолог). Веднаш му го сними срцето, направи интензивни дишни испитувања и рече дека боледува од затнување на белите дробови и дека неговата состојба е критична.
Овој лекар – професор три дена постојано ја следеше неговата состојба. Во четвртокот замина за Дурбан на Лекарски семинар кој траеше 7 денови. Следеа посети од професорот Фулер, специјалист хирург – кардиолог, експерт за торакални болести. Следеа испитувања на крвта во Државната лабораторија и кај приватни микробиолози.
Во голема борба поминаа единаесет денови, кога се врати докторот Ботулас и го прегледа. Мала надеж за живот. На 12 октомври испушти претсмртна воздишка, и доби речиси мртовечка боја на лицето и на рацете. Не се потресов ни најмалку пред таа трагична глетка. Ме поддржа некоја божествена сила. Од комодата ги зедов двете шишенца со свето масло и две икончиња, од Пресвета Богородица Тиноска, и од свети Нектариј. Му ги намачкав усните, додека устата му беше отворена. Го прекрстив и истовремено со солзи се помолив. Дојде лекарот, го прегледа и ме погледна натажено.
Имав повикано и свештеник да го причести. Попладнето докторот Ботулас буквално ми рече: „Госпоѓо Ѕ., жалам многу, но вашиот сопруг ќе живее уште половина час. Би биле среќни ако поживее најмногу три часа“.
Тогаш му реков: „Кажете ми, на крај, лекаре. Што има? Рак, внатрешно крварење, леукемија, туберкулоза?“ И тој ми одговори: „Сето тоа. Срцето му е проширено и не може пак да се собере. Белите дробови и двата му се скапани. Само чудо може да го спаси“.
Тогаш му реков: „Верувате ли и вие, лекаре, во чуда?“ И тој ми одговори: „Се разбира. Сите научници веруваме во чуда. Кога ние и науката со сите нејзини расположиви средства не можеме да го спасиме, тогаш го оставаме на Божествената сила“.
Помина половина час, три часа и цела вечер со моите срдечни молитви. Утрото, какво ли чудо, мажот ми ги отвори очите и го изеде неговиот појадок.
Мојот маж е внук на монахињата Марија, која беше зографиња во времето на свети Нектариј, во неговиот манастир. Сите носиме беџови со неговиот лик. Од 12 октомври, кога ќе биде пренесен во Главната Болница во Јоханесбург, за да биде прегледуван и од други лекари, ги зедов со себе сите ренген снимки и лекарски мислења. Исто така и препорачаното писмо на докторот Ботула до неговите колеги, кое од љубопитност го прочитав. Пишуваше да се направи бавна подготовка. Тука умрените ги ставаат во фрижидери, сè до денот на погребувањето. Ја разбирате мојата тага во секој миг, секој ден. Но не ја изгубив мојата надеж. Некоја сила ме туркаше да се молам со побожност и вера.
Поминаа така две недели во болница. Во третата недела некој колега на мојот маж ми донесе книга за свети Нектариј. Ја прочитав со солзи ноќта и во текот на денот му ги прераскажав чудата на мојот маж, кој очигледно ме следеше и ме разбираше.
Во третиот ден по ред од раскажувањето, ми рече да му ја донесам книгата за да ја прочита. Буквално се изгубив. Неговата состојба темелно се измени веднаш откако ми рече дека ветил злато за свети Нектариј. Му реков дека и јас имам таксано исто.
Веќе наредниот ден професори, лекари, болничари и други беа многу растрчани. Дневно се правеа по пет снимања на ренген. Следеа советувања. Се појавија нови бели дробови! Дишењето полека му се подобруваше. По малку примаше кислород.
На 9 ноември, денот кога се празнува светителот, во моментот кога се враќав од црква кон болницата, ми рекоа лекарите дека за десет дена ќе излезе здрав. Така и стана. Еден од лекарите, по потекло евреин, го праша мажот ми, покажувајќи кон беџот што го носеше на пижамата: „Што е ова?“ Мажот ми му објасни дека тоа е еден голем грчки лекар, кој се вика свети Нектариј и дека тој му го вратил здравјето. Потоа извади една икона од светителот со владички одежди, му ја покажа, се прекрсти на православен начин и ја целиваше. Евреинот, откако го ислуша со внимание, ја наведна главата и замина безгласен.
Мажот ми не се сеќаваше ништо, ни како се разболе, ниту на болницата. Се сеќаваше само од денот кога почна да ја чита книгата. Од 29 јануари почна да работи на истата работа.
Ве молиме да ни испратите икона од светителот, за да ја ставиме во црква за целивање. Овде христијаните не го знаат светителот. На неговиот празник на Божествена Литургија имаше само 5-6 жени. Ви испраќам 1000 драхми во грчки пари. Благодатта на светителот да нè удостои да дојдеме побрзо за да се поклониме и да ги исполниме останатите наши ветени нешта.
Г. П., 16.05.1968 г., Јоханесбург
* * *
Светиот старец Порфириј се однесуваше со особена љубов и благо расположение кон болните од рак. Со големо внимание ги разгледуваше поединечните случаи. Се трудеше да им помогне по пат на одредување дијагноза и особено потенцираше колку тешка болест е ракот за нашето време. И самиот тој се бореше со таа болест. Таа беше распространета внатре во него, и како што самиот кажуваше, успеал да ја смири за десет години. Како лек ја користеше само непрестајната молитва кон Исус и изучувањето на Светото Писмо.
При една дискусија во болницата „Сингру“ со еден универзитетски професор старецот Профириј рече:
„И јас сум правел истражувања за оваа болест и сум собрал доволно докази за нејзината појава. Ракот воглавно се појавува во конфузните души, кај луѓето што живеат под стрес и измачени од разни нешта и кај луѓе што се потиснуваат себеси. Кога страдаш од нешто и дознаеш дека е од рак, треба да се предадеш со многу љубов на Бога, да се смириш, да се успокоиш, да ги засакаш сите луѓе и да возљубиш сè околу себе. Сиот да си со љубов и славоловење кон Бога, за да ти се освети душата, да си полн со радост, а не да велиш: „јас од оваа болест ќе умрам“.
Кога ќе се освети душата, кога ќе се прилепи до Бога и ќе стане спокојна и кротка, сите телесни системи на организмот ќе се успокојат; ако тогаш ракот не се исцели, тогаш барем ќе остане таму каде што се наоѓа. Сепак, животот ќе се заврши по Божјата промисла. Изучувајте го Писмото и ќе видите дека не постои смрт и дека, кој верува во зборовите на Бога – не умира“.
ЗA КРАЈ
Да ги послушаме советите на светиот Порфириј Капсокаливитски, и да се предадеме со многу љубов кон Бога. Да се смириме, да се успокоиме, да ги возљубиме сите луѓе и сè околу себе. Да го воспеваме и славиме Господа за да ни се освети душата, да ни стане спокојна и кротка. Така таа ќе се прилепи кон Бога и ќе се исполни со небесна радост. Ако болестта не се исцели, тогаш според уверувањето на Старецот, барем ќе остане таму каде што се наоѓа.
Во тие моменти најпожелно е да повикаме православен свештеник. Да поразговараме со него, да се исповедаме и да се причестиме со Телото и Крвта на Нашиот Господ Исус Христос.
Со причестувањето Го примаме Христа, кој заради нас пострада и умре на крстот. Но и воскресна по три дена, за да биде првороден од мртвите и да ни го отвори Царството Небесно.
Господ Исус Христос е Лекар на нашите души и тела, па затоа треба кон Него и Неговата црква со вера да пристапиме. Молитвата, постот, читањето на Светото Писмо, и делата на Светите Отци, учеството во Светите Тајни и Светата Причест се најдобрите лекарства.
Премудриот Соломон вели: „Почеток на мудроста е стравот од Господ, а знаењето на светото е разум; бидејќи така ќе се умножат твоите денови и ќе ти се додадат години во животот“(Изреки 9,10-11). Ете, во тоа е тајната. Да ја стекнеме небесната мудрост и понатаму од Бога сè ќе биде благословено, сѐ ќе се регулира, и ќе живееме во радост и духовно здравје.
Ние не треба да очајуваме, бидејќи смртта ја изгуби силата по Христовото Воскресение од гробот. „Живееме ли, умираме ли, Господови сме“ (Рим. 14,8). Смртта е мост што ќе нè одведе кон Христос.