Драги мои браќа,
Нашата Црква веќе два милениуми, на добро познат, толку хуман и истовремено благословен начин ја пренесува благодатта на своите Свети Тајни, а за „исцеление и оздравување на душата и телото“.
Црквата никогаш не ја проблематизирала ниту ја компромитирала модерната логика на омаловажување, ами Црквата секојдневно живее со искуството на потврдата на едно големо чудо.
Дали е возможно Светата причест да биде причина за болест или да нанесе дури и најмала штета? Дали е возможно телото и крвта на нашиот Господ и Бог да го инфицира нашето тело и крв? Дали е возможно секојдневното двеилјадигодишно искуство да биде срушено од рационалноста и од ладната плиткост на современата епоха?
Верниците, како здравите така и болните, со векови се причестуваат од иста Света чаша и лажичка, кои никогаш не ги дезинфицираме и никогаш не се појавила никаква болест. Болничките свештеници, дури и оние на инфективните клиники и оделенија, ги причестуваат верниците, а потоа со побожност и самите ги употребуваат остатоците на истата Божеска причест, и без оглед на сето тоа, овие свештеници продолжуваат значително долго да живеат.
Светата причест е она најсветото што Црквата и луѓето го имаат, најголемиот лек за душата и телото. Ова е учење и искуство на нашата Црква. Оние кои не веруваат во Воскресението Господово, оние кои се исмеваат на Неговото раѓање од Марија Дева, оние кои го порекнуваат мирисот на светите мошти, оние кои ја презираат светоста и преподобноста, оние кои мрморат против нашата Црква, оние кои посакуваат да ја укинат и најмалечката трага на верата во нашите души, нормално е да се обидат да ја искористат и оваа можност за да ја нападнат и да ја навредуваат Светата тајна на божествената евхаристија.
Предострожноста на оние што одлучиле да го прекинат давањето на божествените дарови во двата вида (и леб и вино), не ја покажува, како што некои тврдат, нивната разборитост, внимателност и слобода, ами тој факт најдобро ја покажува нивната огромна одалеченост од нашата Света Црква, која е евхаристиска, како во своето богословие така и во животот. Тоа ја покажува одалеченоста на другите христијански цркви од нашата Црква која ја живее, верува и ја проповеда оваа Света тајна на причеста. Ја покажува одалеченоста и на другите христијански групи, кои индиректно го признаваат отсуството на Божјата благодат и Божјите знаци во нивните таканаречени свети тајни, како и губењето на нивниот црковен идентитет. Животот без Светата Тајна Причест изгледа како сериозна болест без лек.
За жал, големиот проблем не е вирусот на грипот – како што тврдат медицинските асоцијации, ниту глобалниот вирус на паника – како што тврдат „мас медиите“, ами вирусот на омаловажување и микробот на маловерието.
А најдобрата вакцина за сето ова е нашето често, „со чиста совест“ и „неосудено“ учество во Божествените Свети Тајни. Нашиот одговор кон овој нечесен предизвик на нашето време се нашите сопствени животи.
Добро е нашите проникливи духовници, по направено расудување, да ги потикнат верниците, за кои сметаат дека не постојат духовни пречки, во овие тешки времиња што почесто да пристапуваат кон Светите бесмртни тајни, а, пак, оние кои немаат благослов толку често да се причестуваат со животодавната Чаша, кога тоа го чинат, да го чинат со „страв Божји, со полно вера и искрена љубов“.
Митрополит Месогијски Николај