20 годишен јубилеј од постоењето на МПЦО Света Петка во Мил Парк, Мелбурн

2772

Со благослов на Неговото високо-преосвештенство, Митрополитот Преспанско-пелагониски и Администратор Австралиско-новозеландски, г. Петар, на 9 ноември 2017 година, во црквата Света Петка, Мил Парк, се одржа прославата по повод 20 годишнината од постоењето на Македонската Православна Црковна Општина Света Петка во Мил Парк, Мелбурн, Австралија, која е под канонската јурисдикција на Македонската Православна Црква, Епархија за Австралија и Нов Зеланд.

Прославувањето започна со вечерна богослужба во чест и слава на Света Петка Икониска, богослужена од игумен Никодим (Солунчев) – архиерејски заменик, протоереј-ставрофор Љубчо Каревски – секретар на Епархијата; протоереј Трајко Мојсов – парохиски свешетник при МПЦО Св Никола од Престон; протоереј Јовица Симоновски и парохискиот свештеник и архиерејски намесник протоереј – ставрофор Тоне Гулев.

По вечерната богослужба, програмскиот дел со пригодните говори го отвори секретарката на ЦО, г-цата Наумка Гркинис, посакувајки им добредојде на присутните. Потоа, г-динот Вангел Патеров, направи осврт за активностите и работењето на оваа Црковна Општина во дијаспората во последните 20 години.

Со пригодни зборови на присутните им се обрати Министерката за енергија, климатски промени и развој, при Владата на Викторија, Лили Д,Абросио.

За историјата на оваа црква, пред да постане Македонска, зборуваше Џудит Клементс, потомок на шкотската заедница – градители кој ја изградија црквата во 1851 год, а во 1997 година беше купена од Македонската Православна Црква, Епархија за Австралија и Нов Зеланд. Таа во својот говор, меѓу другото истакна, дека голема е радоста затоа што оваа црква беше спасена од распаѓање, и истата реновирана и дозградена од Македонската Црква, и дека до денес сеуште е црква, со сиот свој сјај.

На крајот збор зеде парохискиот свештеник на црквата Света Петка, протоереј-ставрофор Тоне Гулев. Тој, најнапред им се заблагодари на присутните на прославата, и посочи дека оваа вечер е дар за црквата Света Петка:

„Ако постои ,,дар“, тогаш постои и „Дародавец“, а тоа е Господ Бог, Кој, како и оваа вечер така и последните 20 години ги излева своите благодатни дарови врз оваа црква. Следниот дародавец е Митрополитот Петар, кој ги даде својот благослов и големата жртва, во 1997 година да се купи црквата. Неговиот архипастирски благослов е присутен сите овие 20 години“.

Протоерејот-ставрофор додаде дека постојат и други дародавци, на кои само Господ Бог им го знае името, а кои со своите дарови помогнаа да се реновира, изгради и одржува оваа црква, административната зграда, како и во реализирањето на сите проекти на црквата. На сите нив, протоерејот Тоне Гулев, од името на Црковната општина им изрази благодарност и им посака Божји благослов и Царство Небесно.

За присутните гости во продолжение беше изведена културно уметничка програма, по што следуваше трпеза на љубовта.

Честит јубилеј и на многу години!


Од фото архивата

Previous articleСвета Литургија во црквата Света Злата Мегленска во Хоперс Кросинг
Next articleСвета Литургија во манастирот Роклин