Ги почитувате ли сообраќајните правила? - ѓакон Владимир Василик

1486

Оваа случка ми ја раскажа еден московски ѓакон. Ќе му дадеме име, отец Виталиј. Тој служи кај еден почитуван московски протоереј и постојано ги исполнува неговите многубројни задолженија.

Тој ден, тој заминал на Ленинградската железничка, за да пречека гостин на својот настојател. По патот, неколку пат заглавил во бескрајниот московски метеж, било очигледно дека доцни, се нервирал, и затоа, свртувајќи на Плоштадот на железниците, преминал преку две полни линии.

Што секако, е многу сериозен грев против правилата на сообраќајот. Но, отец Виталиј уште во семинарија имал начуено, дека добрата цел ги оправдува неблаговидните средства. Иако тоа мото е језуитско… Но, ние во Русија не живееме по правила…

И тогаш, како од небо, се појавил сообраќаец. Нормално, со силниот жезол на власта, ја заковал колата за асфалтот. По ликот, тој бил сличен на строгиот полицаец од филмот „Операция “Ы” “. Малку намуртувајќи се, се наведнал над прозорот на колата.

– Документи, ќе ве молам.

Отец Виталиј, посрамен за своите еретички помисли околу целта и средствата, решил да се врати на православната патека и отворено да се покае пред полицаецот:

– Простете. Виновен сум. Ќе се поправам. Се брзав: пречекувам гостин, свештеник. И самиот сум ѓакон во црква.

Бидејќи отец Виталиј не бил во расо, ниту во подрасник, туку во обична облека, служителот на законот го измерил со неговиот недоверлив поглед и тивко му наредил:

– Кажете го, ќе Ве молам, Символот на верата.

Се разбира, отец Виталиј Символот го знаел уште од дете, кога го читал наутро пред старите икони во домот на својот татко – исто така познат протоереј. Но, го читал од молитвеник: не се трудел многу да го запамти. А во семинаријата не се покажал како чтец, и го користеле за економски послушанија: извади, донеси, организирај – и не се замислувал многу за богослужбениот, а ниту и за духовниот развој.

Сепак, храбро го прочитал првиот член од Символот на верата:

– Верувам во Единиот Бог Отец… – и т.н.

Но кога дошол до исповедањето на верата во Исус Христос, Синот Божји, се случило неочекуваното: меморијата не издржала пред сложните никејски богословски термини, кои  не успеал целосно да ги запомни, дури ни на часовите по патрологија во богословијата.

– Единороден, единосуштен…

Се блокирал – и замолчел. Неговите образи поцрвениле, но во себеси замрзнал од ужас. Полицаецот, изгледа ја разбрал неговата состојба, малку почекал, и снисходливо рекол:

– Тогаш прочитајте ја „Оче наш“.

„Оче наш“, секако, отец Виталиј ја знаел напамет. Но, тогаш се случило нешто многу страшно и фантастично: тој можел да каже само „Оче наш, Кој си на небесата“ – и застанал, стаписувајќи се од срам, беспомошност и страв. Во главата му светкало: „Готово. Нема да ми поверува. Ќе ми ја земи возачката, па дури и ќе ми се потсмее. Како ќе служам понатаму? Како ќе возам по службени работи?“

И одненадеж, се случило чудо. Строгиот полицаец рекол: „Добро“. Ја симнал капата, под која се видела кратката, проседа коса, и сталожено, благоговејно, како војничка клетва го прочитал целиот Символ на верата, од почеток до крај. Сведочејќи за чекањето на животот во идниот век, тој благо се насмевнал и му ги вратил документите на отец Виталиј, додавајќи точно, сталожено и јасно:

– Одете и не нарушувајте ги правилата повеќе. Правилата во сообраќајот се запишани со крв. Исто како и Светите Канони.

Само за миг, во лицето на строгиот полицаец, отец Виталиј го видел светлиот лик Христов како да вели: „Оди, и не греши!“

Ѓакон Владимир Василик

Извор: http://www.pravoslavie.ru/96784.html 

Previous articleЕдноставни слики за Царството Небесно
Next articleЗа Богојавленската вода