Не е можно никој да не нè тревожи и натажува. Во животот надоаѓаат многу непредвидени, непријатни и тажни настани, кои, Божјата Промисла ни ги испраќа, за да нè испита или казни.
Меѓутоа, треба да бараме исцеление од таа страст вака: со добра желба задоволно да ги примаме сите случаи на опомени, укори и хули, откако ќе се самоукориме и смириме.
Самото чувство на раздразнетост, што се движи во нас, е наша вина и духовна болест. Оној, кој не укорил, е наш добротвор, така што, благодарение на него, ние ја дознаваме гревовната нечистота која се наоѓа во нас. Затоа треба да се грижиме да ја излекуваме преку самоукорување и смирување со молитва кон Господа, просејќи од Него помош.
И во никој случај да не го обвинуваме оној кој нè натажува. Напротив треба да го сметаме за орудие на Божјата Промисла, Која ни го испраќа, за да ни ја покаже нашата состојба. Размисли самиот, дали тој ја вложил во тебе страста, кога те укорил? Таа веќе била во тебе, а тој само, по Божја Промисла, ти посочил што има во тебе, та, ти да се погрижиш да го излекуваш.
Авва Доротеј прекрасно размислува за ова, откако таквиот човек го споредува со леб, кој однадвор изгледа убав, а однатре е мувлосан. Оној, кој ќе го раскрши, не е виновен, оти лебот е мувлосан, зашто отпорано бил таков.
Ако ли, пак, никој не нè засегнува, ниту натажува, и ние си мислиме дека сме спокојни, тогаш многу се лажеме. Зашто така, не само што никогаш не ќе се излекуваме, туку ќе стигнеме и до полоша состојба, откако наполно ќе го загубиме својот душевен мир.
Преподобен Зосим пишува: ‘Кога од други сме навредени, ние треба да тажиме не затоа што сме навредени, а затоа што сме навредиле‘ – тогаш бесовите се плашат, гледајќи нè дека врвиме по патот на очистување од страстите.