И ние сме икона: осквернета, но и осветена

1432

Беседа на митрополит Антониј Блум во Неделата на Православието

Во Неделата на Православието, во денот на Торжеството на Православието ние славиме еден црковен настан: крајот на епохата на седумте Вселенски собори. На седмиот Вселенски Собор е прогласен догматот за иконите, кој ни кажува дека Бог, откaко станал човек, станал изобразлив, дека со Своето воплотување невидливиот, недостижниот Господ придобил човечки лик, а и дека Божествениот лик може да биде изобразен со линии и бои, не како портрет, а како внатрешен, таинствен Божји образ, искусен и преживуван во Црквата.

Колку чудно е ова: Бог има лице и можеме да го созерцуваме тоа лице; и пред иконата, која го изразува црковниот опит, црковното знаење за Бога, ние всушност, со љубов, благоговејност, со нежност, можеме да ги приклониме колената. Бог стана еден од нас, без да престане да биде недостижен, велик Бог, самиот Живот, самата Светост, самата Недостижост. И заедно со тоа на нов начин се откриваат зборовите на Стариот Завет за тоа, дека ние сме создадени според образот Божји и секој од нас е икона. Какво чудо! Гледајќи се еден со друг, како што ја гледаме иконата, можеме со очите на верата, со очите на љубовта, со очите на богопочитувањето да го прозреме Божјиот лик.

Во Новиот Завет се вели дека ние треба да го предадеме кесаровото на кесарот, а на Бога она што Нему му припаѓа. Тоа е кажано кога на Спасителот Христос му дале еден динариј со слика на римскиот кесар и Тој одговорил: дајте го тоа, врз кое е положен печатот на светот, печатот на власта, печатот на земјата, на оној на кого ова му е ценето; а на Бога давајте го она што е запечатено со Неговиот печат…

Секој од нас е образ Божји, врз секој од нас е печатот кој нѐ прави Божји, и тоа не можеме да му го дадеме на никој друг – освен на Бога.

И денешниот празник на иконите ни зборува не само за насликаните (испишаните)  икони, не само за тоа дека Бог е изобразлив, дека Бог стана човек и има човечко лице и образ; но исто така ни кажува како треба да се однесуваме кон фактот дека секој од нас е света икона на Бога. Како треба да се однесуваме кон себе си и еден кон друг, ако тоа го разбираме, ако можеме да размислиме за тоа!

Постојат осквернети икони, отфрлени, изобличени од човечката злоба, но и овие икони ни стануваат толку ценети како да се икони на маченици; И од нас бара да ги зачуваме тие икони, да ги оградиме со љубов за да ги сочуваме, бидејќи се повредени од човечката неправда… Така треба да гледаме еден на друг, бидејќи гревот го изобличил човекот, бидејќи човекот е повреден и значително е тешко во него да ја видиме Божјата убавина и слава. Ни се наметнува длабоко да се загледаме во тој свет и осквернет образ, треба да ги вложиме сите свои сили, сета своја љубов, сета благоговејност, за да може таа икона, насликана не на дрво, а во душата на човекот, во неговиот лик и образ, да се очисти, исцели, повторно да се освети, да стане икона за слава Божја.

И ете, денес ќе влеземе во втората недела од Великиот пост, на крајот на која св. Григориј Палама ќе ја прогласи славата на човекот, ќе каже дека Божјата благодат живее во човекот, се вселува во него, го допира, го исцелува, правејќи го нов, дека таа благодат е Самиот Бог, кои се вселува во нас. Со каква благоговејност треба да гледаме еден на друг, со колку трепет и благоговејност треба да се однесуваме еден кон друг, без да обраќаме внимание на нашите немоќи, слабости, гревови, бидејќи ние сме образ (икона): осквернета, но и осветена. Амин.

Previous articleТодорова сабота во црквата Свети Илија во Футскрај
Next articleТодорова сабота во црквата Свети Никола во Перт