Недела на простувањето

1523

Во името на Отецот и Синот и Светиот Дух.

Вечерва стапуваме целосно во Великиот пост. Сите претходни недели беа време во кое бевме должни да се потопиме во себе, да произнесеме над себе внимателен, строг, очистувачки суд. А сега стапуваме во времето кога сме должни чекор по чекор да го следиме одново Христос, во Страсната седмица и на Голгота, при Крстот, а потоа да се приопштиме, колку што секој умее, колку што на секој Бог ќе му даде, кон радоста на Воскресението. А потоа да одиме во светот, како што апостолите отишле, да донесат на светот во кој живееме радост и спасение.

Меѓутоа, денес стапуваме пред дверите на покајанието во Великиот пост. Ние се молиме, Господ да ни ги прости гревовите, како што им проштеваме и ние на оние кои ги сметаме за свои должници, и од друга страна, тие исто така да ни простат.

Кога мислиме на простувањето, мислиме за тоа дека виновникот е должен да ја признае својата вина и да му биде простено, што значи дека сè треба да биде заборавено, дека минатото не постои, дека настапува време во кое сè е ново. Но тоа не е така, бидејќи сите знаеме дека дури и кога сме се покајале искрено, кога нашето срце е растргнато од тага поради нашата грешност – дури и тогаш таа гревовност не е надмината и гревовите сеуште ни тежат.

Кога сакаме прошка од другиот, ние сме должни да разбереме дека тој тоа го знае и кога некој сака прошка од нас, ние треба да сме свесни дека и тој не е слободен, но има решителност, а можеби само желба, можеби само мечта да стане нов човек. И тогаш простувањето не се заклучува во тоа, сè да биде „изпеглано“, а се состои во тоа, да речеме на човекот и да ги очекуваме од него следниве зборови: “Ти уште не си слободен од твоето минато, но јас верувам во тебе, верувам како што Бог верува во вас, до последните денови на твојот живот ќе верувам во можноста од тебе да стане ново создание; и те молам – погледни ме! Виновен сум пред тебе и не само пред тебе, но и пред сите луѓе; и ги молам сите: браќа, сестри, деца, татковци и мајки – Не губете ја надежта, не губете ја верата во можноста и јас да се покајам и да започнам нов живот.”

Еве за што ќе го молиме сега Спасителот Христос, и Божјата Мајка, и светиите, чии имиња ги носиме, и светиите, кои ни се ценети, и нашиот ангел чувар, и еден со друг: “Прости!” Тоа значи: не губи надеж! Не губи вера во можноста за моето исправување. И тоа потсетува на зборовите на свети апостол Павле, кој вели: “Носете ги еден на друг тешкотиите и така ќе го исполните законот Христов”.

Бидете подготвени да ја понесете на рамењата туѓата грешност, туѓата слабост, сето она што го угнетува, уништува, го осакатува, го обезобразува другиот; на секој од нас е заповедано да го носи тоа наместо другиот и заради другиот со надеж, дека ќе се најде барем еден човек, кој заради нас и наместо нас ќе го понесе и нашиот гревовен товар.

Да размислиме за ова. Да размислиме за сите оние пред кои и онака сме виновни и, ако е можно, да одиме кај нив и да кажеме: виновен сум пред тебе! Јас уште не сум се променил, или променила, јас сеуште сум истиот или истата, но имам волја, желба, копнеж да станам друг човек. Понеси го со мене овој товар со трпение, вера, надеж, а ако можеш – дури и со љубов. А љубовта е велик подвиг; љубовта не се исцрпува и затвора во нежните чувства; љубовта значи човекот да ја оддаде душата на другиот, спокојот и радоста заради неговото спасение.

Митрополит Антониј Блум

Previous articleСинаксар во Неделата Сиропусна
Next articleСлужбен дел на Австралиско-новозеландската Епархија (27.01.2017 – 23.02.2017)