Подготовка за Великиот пост - Сирната седмица

1716

Последната подготвителна седмица се нарекува сиропусна, сирна, млечна или масленица. Во таа недела се употребуваат млечни производи: млеко, сирење, масло и јајца. Снисходејќи кон нашите немоќи и постепено воведувајќи нè во подвигот на постот, Црквата востановила во последната седмица пред Четириесетницата да се употребува само млечна храна, „за ние, од месо и многујадење да бидеме приведени кон строго воздржување… малку по малку, отргнувајќи се од слатките јадења, да го започнеме подвигот на постот.“ Во сиропусната среда и петок постот е релативно построг, до Вечерната, на која повторно се разрешува јадење на млеко и јајца, спротивно на еретиците јаковити и тетрадити кои не вкусуваат млеко и јајца во овие денови. Литургија не се служи во среда и петок од сирната седмица, бидејќи во тие два дена пееме: Алилуја наутро и навечер. Последната недела пред Великиот пост во Триодот е именувана уште и: „Недела сиропусна, на изгонувањето Адамово“. Во овој ден се спомнува настанот на изгонувањето на нашите прародители од рајот. Преку химните во сирната седмица Црквата ни покажува дека оваа седмица е тесно предворје на покајанието, предпразненство на воздржанието, седмица предочистителна. Во своите песнопеења Светата Црква нè поканува на двојно воздржување, спомнувајќи за гревопадот на прародителите, кој произлезе токму од невоздржанието. Во сирната сабота се совршува споменот на светите мажи и жени, кои засветлиле во подвигот на постот. Со примерот на светите подвижници, Црквата нè засилува за духовен подвиг: „угледувајќи се на незлобивото живеење, да твориме многувидни и различни добродетелни дела, секој според своите сили“, помнејќи дека и светите подвижници и повижнички прославени во Црквата, биле луѓе облечени во немоќна плот, како и нас.

Извор: http://pravoslavie.mk/podgotovka-za-velikiot-post-3/

Previous articleЛетен камп за Православна веронаука
Next articleСе упокои во Господа многупочитуваниот руски старец, Кирил Павлов