Сета моќ на смртта се уништи преку тебе, Царице и Владичице, бидејќи од тебе истече бесмртниот Цар, Живата вода, Христос во вековите! (Песна од канонот на празникот Живоносен извор)
На 20 Април, вечерта спроти Светол Петок, кога ги славиме чудесата на Пресвета Богородица – Животодавен извор, во манастирот Свети Прохор Пчински во Донибрук, беше отслужена Вечерна богослужба во сослужение на свештенството на Австралиско-новозеландската Епархија.
На богослужбата беше извршен чинот на осветување и благословување Петолебие.
По богослужбата и Литијата, кај изворот на минерална вода во манастирот, посветен на Пресвета Богородица – Животодавен Извор, беше испеан Молебен канон кон Пресвета Богородица и извршен Водосвет.
По поросувањето со осветената вода и принесените прозби кон Божјата Мајка за исцеление и здравје на душите и телата, сестринството на манастирот послужи вечера за свештенството и верниот народ.
Христос Воскресна! Навистина Воскресна!