Синаксар на Светиот и Велик Вторник

1400

Стихови: „Десет девојки го придружуваат највеликиот вторник, Кои носат победа на неподмитливиот Господар“.

VT_022

Во светиот и Велики вторник правиме спомен на параболата за десетте девојки. Зошто Господ, искачувајќи се во Ерусалим за да пострада во него, им кажува на Своите ученици вакви параболи? Затоа што овие параболи, вели Он, се однесуваат и на Евреите. Всушност, Он ја раскажува параболата за десетте девојки за да обрне внимание на милосрдието, а истовремено ги поучува сите да бидат подготвени пред крајот, бидејќи за девството Он им зборувал повеќепати, како и за евнусите.

Светото Евангелие ја предлага оваа парабола со цел некој, практикувајќи ја оваа добродетел, да не ги занемари другите, а особено милосрдието, со која се просветлува свеќата на девството. Пет од нив ги именува мудри, затоа што на девството тие му го придодале и изобилното масло на милосрдието, а пет – луди, кои исто така го имаат девството, но го немаат милосрдието – елејот. Затоа лудите (неразумни) девојки, иако го имаа поголемиот дел, го занемарија она помалото, па поради тоа во ништо не се разликуваа од блудниците. Ако овие последниве (блудниците) грешеа со телото, оние таму грешеа со нивното богатство. Бидејќи ноќта на овој живот изминува, сите девојки заспале, односно умреле, бидејќи овде сонот ја означува смртта. Додека тие спиеја, среде ноќта се слушна повик и, оние што имаа доволно масло, кога се отворија вратите, влегоа со Младоженецот, додека лудите (неразумните), кои немаа доволно масло, Го бараа во мракот. Мудрите, иако сакаа да им дадат од своето, не можеа и, пред влегувањето на Младоженецот, им рекоа: „Ова нема да биде доволна за вас и за нас; затоа одете кај продавачите, односно кај бедните, за да си купите“. Но, по смртта, тоа не е можно. Тоа го покажува и расказот за Лазара и за богаташот, кога Авраам вели дека не е можно да се мине од едната страна на другата. Но, лудите (девојки), кога дојдоа непросветлени (без запалени свеќи), тропајќи на вратата, викаа вака: „Господару, Господару, отвори ни“. А самиот Господ им го дава овој страшен одговор: „Одете си, не ве познавам!” Како можете да го пресретнете Младоженецот без дарот, односно без милосрдието?“

Ете зошто оваа парабола за десетте девојки е поместена овде од страна на нашите богоносни отци: за да нè поучат секогаш да бидеме будни, подготвени да Го пресретнеме вистинскиот Младоженец, со добри дела, а најмногу со милостината, бидејќи не го знаеме ни денот, ни часот на крајот. Треба да го зачуваме целомудрието (чистотата) како Јосиф, но треба и нашата смоква секоја година да раѓа духовни плодови. Оној што ја практикува оваа единствена и голема добродетел, а ги занемарува другите, особено милосрдието, не влегува со Христа во вечниот покој, туку се враќа назад посрамен. Ништо не е потажно и посрамно од девство лишено од овие добра (во грчкиот јазик зборовите масло и милостина се омоними (елеос-елеон) – заб.на прев.).

О Христе, Младоженецу (на нашите души), вброј нè меѓу мудрите девојки и придружи нè кон Твоето избрано стадо, и помилуј нè. Амин.

Од Посниот Триод

Previous articleСинаксар во Светиот и Велик Понеделник
Next articleЛитургија на Претходно Осветени Дарови во црквата Света Петка во Мил Парк, Мелбурн