Синаксар во Неделата Сиропусна

1591

Светот горчливо нека заплаче со родоначалниците: Оној што отпадна, заедно со паднатите (ангели), поради слатката храна.

Во овој ден правиме спомен на паѓањето на првосоздадениот Адам од рајската храна, што божествените отци наши го определија пред почетокот на светата Четириесетница, за да покажат со тоа колку на човековата природа и е потребен постот како средство за лекување, а и колку е гнасно лакомството и непослушноста. Со примерот на Адама светите отци сакаат и нам да ни покажат колку се кобни последиците од невоздржаноста и непослушноста. Адам, јадејќи од забранетиот плод, мислеше дека ќе стане бог. Но, не само што не стана тоа, туку и смртта си ја навлече, а и пропаст на целиот род. И токму поради јадењето на првиот Адам, Господ постеше четириесет дена и беше послушен, и токму поради тоа и сегашниов пост е предложен од светите апостоли, па запазувајќи го она што Адам не го запази, преку постот повторно да ја стекнеме нераспадливоста што тој ја загуби. Впрочем, како што веќе рековме, целта на светите е за малку време да ги придобиеме делата Божји од почетокот до крајот и, бидејќи сите ние еднакво ја делиме одговорноста од престапот Адамов и неговиот пад, од таа причина отците предложиле, сеќавајќи се на него, да го одбегнуваме неговиот пример, наместо да ја подражаваме неговата невоздржливост.

progonuvanje-od-rajot
Во шестиот ден, значи, Адам беше создаден од раката Божја, откако со дувнување беше почестен со образот Божји и, откако ја прими заповедта, во рајот поживеа до шест часа. Потоа, кога ја прекрши, беше истеран оттаму. Евреинот Филон вели дека Адам поминал во рајот сто години. Други велат дека минал седум дена или години, поради значењето на бројот седум. Но дека во шестиот час тој ги пружил рацете и го дофатил плодот, ни го покажа Христос, Новиот Адам кој, во шестиот ден и час ги рашири рацете, за да ја исцели неговата погибел. Адам бил создаден на половината од патот меѓу распадливоста и нераспадливоста, та она што ќе го избере доброволно, тоа и да го добие. Бог можеше да го создаде (Адама) и безгрешен, но, за да биде оправдан неговиот избор, Он му даде како закон да зема од сите дрвја, освен од она таму; односно, веројатно, сите созданија да имаат познавање на Божјата сила (енергија), но никако не и на она што се однесува на Божјата природа. Григориј Богослов, размислувајќи како философ дека дрвјата се божественото познание, додека дрвото го претставува созерцувањето, рекол: Бог му заповедал на Адама да се интересира за сите други начела и за сите други својства, да го користи својот ум и да Му оддава слава на Бога, бидејќи таму се наоѓаат вистинските задоволства. Можеби Он барал од него да се распрашува и за својата сопствена природа, но во однос на она што се однесува на Бога, да не бара да дознае што е Он по природа, ниту каде, ниту како Он го создал светот од небитие. Но тој (Адам), напуштајќи ги другите истражувања, почна да го истражува поскоро она што се однесува на Бога и грижливо да ја испитува Неговата природа; и, бидејќи во овие работи беше сосема неопитен како дете, тој падна кога, преку посредништво на Ева, ѓаволот му ја сугерираше идејата за обожувањето. Големиот и божествен Златоуст вели дека ова дрво имало двојна моќ и тој тврди дека рајот беше на земјата; како философ, тој го замислува и духовен и сетилен (чувствен), каков што беше и Адам, и го поместува во „средината” меѓу распадливоста и нераспадливоста, за да го сочува Писмото, но без да се држи за него буквално. Некои велат дека дрвото на непослушноста беше смоквата зашто, сознавајќи ја својата голотија, тие се покрија веднаш, служејќи се со нејзините лисја.

И тоа би била и причината поради која Христос ја проколнал смоквата, небаре таа била причината за престапот, бидејќи има некаква сличност со гревот; прво, сладоста на плодот; потоа, суровоста на лисјата и, најпосле, лепилото што излегува од нејзиното млеко. А ги има и такви кои на неподобен начин ги разбрале и дрвото и разговорот на Адам со Ева и нивното „познание”. Значи, откако отпаднал и го облекол смртното тело, откако бил проколнат, тој беше изгонет од Рајот, чија врата, по заповед Божја, беше чувана од пламенен меч. Пред таа врата, Адам седеше и плачеше за сите добра од кои се беше лишил поради тоа што не постеше кога требаше, и поради тоа што целиот човечки род требаше со него да ја дели истата состојба се додека нашиот Создател, имајќи милост за нашата природа опустошена од сатаната, се роди од Света Дева и достојно поживеа, ни го покажа патот со кој ќе му се спротивставиме на демонот, односно постот и смирението, и дека, победувајќи го оној што не заведе преку лукавство, да и го врати на нашата природа нејзиното некогашно достоинство.

Сето ова, богоносните отци сакале да го направат присутно низ сиот Триод, и тие на прво место го ставиле Стариот завет; најнапред создавањето, потоа падот Адамов, чиј спомен сега го правиме, потоа остатокот, преку списите на Мојсеја и на пророците, уште повеќе со псалмите Давидови, на кои во продолжение им се придодаваат и Книгите на благодатта (Новозаветните). Следат, исто така по ред, настаните од Новиот завет, од кои прв е Благовештение кое, според неискажливата Божја икономија, речиси постојано наоѓа место во светиот Пост; потоа доаѓаат Лазар и Цветници, Светата и Велика седмица, читањето на светите евангелија и песните што ги опејуваат подробно светите и спасоносни Христови Страдања; потоа воскресението и остатокот, до слегувањето на Светиот Дух, додека Делата на апостолите изложуваат како се случи проповедта и како таа ги собра сите светии, бидејќи Делата (на апостолите) то потврдуваат Воскресението, преку чудесата.

Бидејќи, значи, ние поднесовме такви страдања поради фактот што Адам, само еднаш, не постел, ете и ние сега се потсетуваме на тоа, на почетокот од светиот Пост, со цел, сеќавајќи се на сето зло што ни го навлече непостењето, да побрзаме со радост да го дочекаме Постот и да го практикуваме. Тогаш, она што Адам не успеал да го достигне, а тоа е обожувањето, ќе го добиеме ние, преку постот, плачејќи, постејќи и смирувајќи се, додека Бог не дојде да нѐпосети, бидејќи без тоа не е лесно да го најдеме повторно тоа што сме го загубиле.

Освен тоа, треба да знаеме дека овој свет и голем Пост е десетокот (данокот) за целата година; всушност, бидејќи поради мрзливост не сакаме секогаш да постиме и да се воздржуваме од злото, апостолите и светите отци ни довериле нешто како жетва на душите. На тој начин, сето зло што сме го направиле во текот на годината, сега ние го отфрламе преку покајание и смирение, преку овој пост што треба да го држиме колку што е можно постриктно. Но, божествените отци ни предале и други три поста: Апостолскиот, Богородичниот (Успенскиот) и Божикниот, односно четири пости – по еден за секое годишно време. Но овој пост ние најмногу го цениме поради Страдањето, или затоа што и самиот Христос го запазил, давајќи му извесна слава, или затоа што Мојсеј, откако постел 40 дена, ги примил Десетте Божји заповеди; да помислиме, исто така и на Илија, на Даниил и на сите оние што биле опитни пред Бога. А дека постот е добар, докажува Адам со спротивното. Поради оваа причина и светите Отци не потсетуваат на изгонувањето Адамово.

Со Твоето неискажливо милосрдие, Христе Боже наш, удостој не и нас за рајската наслада и, како единствен човекољубец, помилуј не. Амин.

Од Посниот Триод

Previous articleСабота од Сирната седмица
Next articleНедела на простувањето