Смирение полошо и од гордоста

1586

Покрај вистинското смирение постои уште и лажно смирение. Тоа е суетно „смирение“, кое постојано се обѕрнува за да види дали го забележуваат. Тоа е гордоста, преоблечена во смирени алишта. Однадвор тоа има само вид на смирение, а однатре во него клокотат сите страсти.

Вистински смирениот секогаш е тивок и спокоен: него ниту пофалбите го радуваат, ниту понижувањата го огорчуваат. А лажно смирениот, преку лажното благочестие, секогаш се пробива кон човечките прослави. Тој видел дека смирението им носи пофалби и почести на оние кои го поседуваат, па затоа ја ставил маската на смирението за да се прослави преку него.

Таквиот човек покажува дека ни најмалку не ја разбрал суштината на смирението. Тој сака за себе да зборува: „Оф, јас грешниот! Оф, јас недостојниот!“. Но, во исто време очекува другите да го демантираат и да речат дека тој не е грешен. И тогаш, кога го демантираат, нему му е убаво. Ако другите не се согласуваат со него и ако му речат: „Значи, самиот признаваш дека си грешен! Значи, вистина е тоа што се зборува за тебе!“, одеднаш не му е сеедно што му рекле, се навредува и прашува: „А што зборуваат за мене?“

Тоа смирение не може да нѐ спаси. Тоа е лицемерно и затоа ја носи титулата „СМИРЕНИЕ ПАЧЕ ГОРДОСТИ“, односно, смирение полошо и од гордоста.

„Не покажува смиреномудрие оној, вели св. Јован Лествичник, кој самиот си хули, туку оној, кој е обесчестуван од другиот, но и покрај тоа тој не ја намалува својата љубов кон него“.

Лицемерното смирение не претставува голема опасност за обичните луѓе во светот. Тие често не го почитуваат ниту искреното смирение. Лицемерното смирение е најопасно за духовните луѓе, особено за монасите, чиј пат е патот на смирението. Бидејќи вистинското смирение тешко се достигнува, монасите честопати се преправаат дека се смирени, за да придобијат ефтина и брза слава. Честопати и набожните христијани се оддаваат на тоа искушение – да се преправаат дека се смирени.

За да го одбегнеме тоа лажно и погубително смирение, светите Отци нѐ советуваат самите ништо да не зборуваме за себе: ниту добро, ниту лошо, туку да внимаваме над својата душа и внатрешно да се бориме со сите нејзини порочни движења.

Нѐ укоруваат ли, да молчиме и да не се оправдуваме. Инаку, ќе се појави гордоста. Нѐ фалат ли, пак треба да молчиме и да не противречиме. Инаку, ќе се појави лицемерието. Човекот треба да се стреми да придобие внатрешно смирение, кое ниту од укорите се расипува, ниту од пофалбите се разбранува.

Архимандрит Серафим Алексиев

Previous articleТодорова сабота во црквата Свети Никола во Перт
Next articleНедела на Православието - во црквата Свети Илија во Футскрај, Мелбурн