За да го најдете Господа смирете се до прав - Свети Нектариј Егински

1554

Целта на нашиот живот е да постанеме совршени и свети, за да бидеме деца Божји и наследници на Царството Небесно.

Постот, бденијата и молитвите, самите по себе не ги донесуваат посакуваните плодови, затоа што тие не се цел на нашиот живот, а претставуваат само средства за постигнување на целта.

Украсете ги вашите светилки со добродетелите. Борете се да ги отврлите страстите на душата. Очистете го вашето срце од секоја нечистотија за да дојде и во вас да се всели Господ. За да ве исполни Светиот Дух со божетвените дарови…

Барајте го Господа секојдневно, но внатре во вашето срце, а не некаде надвор. И кога ќе го најдете, застанете како Хеувимите и Серафимите, со страв и трепет, оти вашето срце станало Божји престол.

Но, за да го најдете Господа смирете се до прав, оти Господ се одалечува од гордите, а ги љуби и посетува смирените по срце. Затоа и говори: „А еве на кого ќе погледнам: на понизниот и смирениот по дух и на оној што трепери пред моето слово“ (Ис. 66,2).

Борете се со добра борба и Бог ќе ве укрепи. Во борбата ќе се сретнуваме со слабости, недостатоци и наши грешки. Борбата е огледало на нашата духовна состојба. Кој не се борел, не се запознал себеси.

Пазете и на најмалите грешки. Ако од невнимание ви се случи некој грев, не губете надеж, туку веднаш станете и поклонете му се на Бога кој има сила да ве подигне. Преголемата тага и жалост во себе крие гордост.

Преголемата жалост и безнадежност се штетни и опасни и често пати под влијанието на лукавиот се зголемуваат, за да се прекине напредокот на оној што се бори.

Слабостите и страстите и длабоко вкоренетите мани, не можат да се надминат со преголемата тага и жалост, туку со трпение, со храброст, труд и внимание.

Патот кој води кон совршенство е навистина долг.

Молете се на Бога да ве охрабри… Бдејте и молете се за да не паднете во очајание. Не очајувајте доколку паѓате често во истите гревови. Многу од страстите се силни и по природа и по навика. Меѓутоа, со време тие се победуваат.

Previous articleДуховна светлина - радио емисија на Мак-Фм 103,3 во Перт
Next articleСеноќно бдение во манастирот во Донибрук, Мелбурн